Свет
Помпео: Русија ја задушува слободата на говорот
Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, изјави дека руските власти продолжуваат да ги задушуваат независното новинарство и слободата на говорот.
„’Гласот на Америка’ и Радио Слободна Европа/Радио Слобода се витален извор на информации за Русите. Ги повикуваме руските власти да ги преиспитаат новите ограничувања на слободните медиуми“, напиша Помпео на „Твитер“.
Претходно, Стејт департментот ја објави изјавата на Помпео дека САД се загрижени за неодамнешната нацрт-уредба на руските власти, која наводно е насочена кон медиумите во Русија финансирани од Американската агенција за глобални медиуми (УСАГМ).
„Повеќе од 70 години ‘Гласот на Америка’ и Радио Слободна Европа/Радио Слобода се важни извори на независни вести и информации за руските граѓани. Оваа регулатива ќе воведе нови сурови барања што дополнително ќе ја намалат способноста на ‘Гласот на Америка’ и РСЕ/РЛ да работат во Русија“, изјави Помпео.
Тој изрази загриженост за пресметката со независните медиуми во Русија и ја повика Москва да ги почитува меѓународните обврски и стандардите на ОБСЕ во врска со слободата на изразување.
„Ги повикуваме руските власти да ги преиспитаат овие чекори, што дополнително ќе ги оштетат билатералните односи“, додаде Помпео.
На крајот на јули руската регулаторна агенција за медиуми објави нацрт-одредба, според која медиумите регистрирани во Русија како странски агенти треба да ја наведат таа класификација заедно со објавената содржина. Предлог-уредбата треба да го надополни рускиот закон од декември 2017 година, со кој медиумите финансирани од странство беа прогласени за странски агенти, потсетува „Гласот на Америка“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Објавени имињата на сопружниците кои загинаа враќајќи се од Германија, братот на починатиот е во кома
Во тешка сообраќајна несреќа што се случи рано утрово на автопатот Белград- Ниш, во близина на клучката Умчари, две лица го загубија животот, додека друг патник е итно однесен во болница со тешки повреди.
Познато е дека во возилото на несреќата биле двајцата браќа Назим и Шкелзен Авдиу, како и сопругата на Шкелзен.
Свет
Орбан: Распадот на Украина би бил катастрофа за Украина
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан денеска изјави дека распадот на Украина би имал сериозни последици по неговата земја.
– Немојте да се залажувате: распадот на Украина би бил катастрофа за Унгарија, напиша Орбан на платформата Икс.
Тој додаде дека стабилноста на соседните држави е важна.
– Унгарија ја снабдува Украина со 44 отсто електрична енергија и 58 проценти гас. Во меѓувреме, војната ја слабее Украина секој ден. Само мирот може да ја зајакне. Секој кој навистина ја поддржува Украина мора да сака мир, и сега, посочи Орбан.
Свет
Нема да има блокада на граничните премини со Грција за време на празниците
Грчките земјоделци најавија прекин на блокадите на граничните премини со Македонија за време на божиќните и новогодишните празници, овозможувајќи им непречено патување за граѓаните.
Блокадата на земјоделците е проблем за многу македонски државјани кои изминативе недели им беше отежнато патувањето кон или од Грција.
Грчките медиуми известуваат дека за време на празничната сезона нема да има блокади, со цел граѓаните да можат непречено да патуваат.
Земјоделците одлучија да ги прекинат блокадите и да ги отворат граничните премини и патиштата во два периода: од вторник, 23 декември, до недела, 28 декември 2025 година и од вторник, 30 декември, до недела, 4 јануари 2026 година.
Во меѓувреме, премиерот на Грција посочи дека многу од барањата на земјоделците од неговата држава се исполнети.„Од листата со 27 побарувања на земјоделците, 16 се веќе задоволени или се третираат позитивно. Четири се во процес на разгледување или дискусија со цел да се пронајде решение, додека само седум не можат да бидат решени. Причините за тоа се или спротивност со основните европски правила и функционирањето на заедничката земјоделска политика, или финансиска неизводливост“, објави на Фејсбук премиерот Кирјакос Мицотакис.
Земјоделците, кои ги започнаа своите протести на 30 ноември со околу 60 блокади низ цела Грција, не се откажуваат од своите барања.

