Свет
Поранешен претседател на Светска банка: Светот може повторно да изгледа како во 1900 година

Поранешниот претседател на Светска банка Роберт Зелик предупреди дека светот би можел повторно да изгледа како во 1900 година, доколку земјите не работат заедно за да ја решат сегашната криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот.
Зелик, кој сега е консултант, некогаш беше директор на Голдман Сакс банка и заменик-државен секретар на САД, и советуваше шест американски претседатели, меѓу кои и Џорџ Буш Постариот и Џорџ Буш Помладиот. Единствениот начин светската економија да се справи со рецесијата е меѓудржавната соработка, додека тензијата меѓу Кина и Америка може дополнително да ја влоши ситуацијата, смета тој, пренесува Би-би-си.
Ако земјите се оддалечат од глобализацијата и ги следат националните интереси, светот, вели тој, може да личи на ситуацијата од 1900 година.
Зелик управуваше со Светската банка од 2007 до 2012 година, за време на глобалната финансиска криза, за која вели: „Кризата од 2008 и 2009 година беше многу сериозен настан, но имавме соработка со групата Г20 и централните банки. Претседателите Џорџ Буш и Барак Обама беа дел од меѓународните напори заедно со тогашниот британски премиер Гордон Браун. Дури и Кина во тоа време соработуваше на различни начини. Ние денес го немаме тоа чувство за соработка“. Тој ги повика САД да соработуваат со Кина во изнаоѓање решение за пандемијата наместо да ја обвинуваат за пандемија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Во Албанија активни се 14 пожари, горат големи површини

Албанскиот министер за одбрана Пиро Венгу потврди дека во земјата 14 пожари се уште се активни и зафаќаат големи површини.
Во објава на социјалните мрежи, наведува дека во гаснењето на неколкуте големи пожар на југот на земјата, освен противпожарни единици, армиски, полициски сили и доброволци, вклучени се и хрватски и шведски авион „Канадер“.
Венгу додава дека се очекува пристигнување на два хеликоптери од воздухопловните сили на Обединетите Арапски Емирати, уште еден „Канадер“ од Грција и два хеликоптери од европскиот механизам од Чешка и Словачка.
Свет
Израелското преземање на Газа би предизвикало катастрофа, предупредува Советот за безбедност на ОН

Спроведувањето на израелскиот план за преземање контрола врз градот Газа на истоимената палестинска територија, каде што Израел војува речиси две години, се заканува да предизвика нова катастрофа што би се почувствувала во целиот регион, предупреди денеска високиот функционер на ОН Мирослав Јенча.
Јенча, заменик-генерален секретар на ОН за Европа, Централна Азија и Америка, на вонредната седница на Советот за безбедност на ОН во врска со овој план изјави дека во Појасот Газа се одвива хуманитарна катастрофа од големи размери.
Тој рече дека преземањето контрола врз градот Газа може да предизвика нова катастрофа во целиот Појас, предизвикувајќи понатамошно присилно внатрешно раселување и убивање цивили.
Израелскиот план беше остро осуден од претставникот на Словенија во Советот за безбедност и поранешниот министер за надворешни работи, Самуел Жбогар.
Во говорот во име на Данска, Грција, Франција и Словенија, тој рече дека секој обид за анексија, проширување на воените операции и кршење на меѓународното право дополнително ќе ги изложи на опасност сите цивили во Газа, вклучувајќи ги и преостанатите Израелци, заложници на милитантното исламистичко движење Хамас.
Свет
Силен земјотрес регистриран во западниот дел од Турција

Земјотрес со магнитуда од 6,1 степени е регистриран денеска во западна Турција во регионот Баликесир, соопшти Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби при Министерството за внатрешни работи на Република Турција (АФАД).
Земјотресот е почувствуван и во Истанбул и низ целиот регион на Мармара и Егејот.
Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 11 километри, на 52 километри од градот Баликесир.