Свет
По 48 години бегство, пензионер уапсен во Италија поради убиство во Египет
По речиси половина век бегство, италијанската полиција уапси 71-годишен Австриец осомничен за убиство извршено во Египет во 1977 година, објави австрискиот портал „Кроне“.
Тој, тогаш 23-годишен, заедно со својот татко учествувал во спор околу земјиште што завршил со пукање и убиство на познаник пред нивната куќа. По злосторството избегал во Австрија, каде добил државјанство, додека египетски суд го осудил во отсуство на пет години затвор за нанесување тешки телесни повреди со смртна последица.
За него со години постоела меѓународна потерница на Интерпол. Минатата недела бил препознаен во хотел во италијанскиот град Савона, откако се пријавил со својата патна исправа. Откако првично успеал да побегне, неколку дена подоцна се вратил во истиот хотел, каде полицијата му поставила заседа и го уапсила.
Сега се наоѓа во затворот Мараси во Џенова и чека да биде испорачан во Египет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Првпат слушам за 24 февруари како датум на избори во Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави, коментирајќи ги извештаите на некои медиуми, дека за прв пат слушнал оти датумот на изборите во Украина може да биде 24 февруари и нагласи дека одржувањето на изборите зависи од безбедносната состојба.
Како што објави Укринформ, претседателот на Украина го кажа ова на новинарите коментирајќи ја информацијата на „Фајненшл тајмс“ за наводната намера да се објави датумот на претседателските избори и референдумот за територијален интегритет на 24 февруари.
„Во врска со изборите и намерата да се објави датумот на 24-ти, ова е прв пат што го слушам тоа. Веројатно првпат го слушнав од „Фајненшл тајмс“. Сега го слушам од вас по втор пат. Второ, многу пати зборував за изборите – ќе дојдеме до нив кога ќе ги има сите потребни безбедносни гаранции“, рече Зеленски, пренесува Танјуг.
Претседателот на Украина додаде дека прашањето за избори повремено го поставуваат некои партнери, но дека Украина никогаш самата не го иницирала ова прашање.
„Без сомнение, ние сме подготвени за избори. Јас го кажав тоа: само обезбедете прекин на огнот – ќе има избори. Тоа е безбедносно прашање“, додаде тој.
Зеленски, исто така, изјави дека САД ја покренале темата за изборите, но не сакаше да даде детали.
Фајненшл тајмс, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека Украина се подготвува за претседателски избори и референдум за мировен договор со Русија, откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп побара организирање на гласањето до 15 мај, заканувајќи се во спротивно дека ќе го условува Киев со негирање на безбедносните гаранции, пренесуваат медиумите.
Свет
Макрон: Единственото решение е Европа да стане независна сила
Францускиот претседател Емануел Макрон денес во Антверпен изјави дека „единственото“ решение за економските закани што ги претставуваат Кина и Соединетите Американски Држави е Европа да стане независна сила.
„Ни треба нова скала и нова брзина во нашиот пристап за да се стави крај на фрагментацијата што ја ослабува и ризикува да ја понижи Европа“, им рече Макрон на бизнис лидерите во Антверпен, Белгија, објавија француските медиуми.
Францускиот претседател повторно ја лансираше идејата за „еврообврзници“, заеднички европски обврзници за финансирање на големи инвестиции и Европа да остане конкурентна со Пекинг и Вашингтон.
„Ако сакаме да инвестираме доволно во одбраната и вселенската безбедност, чистите технологии, вештачката интелигенција и квантното пресметување и да ја трансформираме нашата продуктивност и конкурентност, единственото решение е да се издаде заеднички долг“, додаде Макрон.
Оваа идеја за заеднички европски долг ја застапува Франција со години, но други земји, вклучително и Германија, постојано ја отфрлаат.
„Никогаш не сме живееле во ваков период. Затоа, мора да прифатиме преземање клучни мерки што не се многу вообичаени во традиционалните европски алатки за мерки“, рече Макрон.
Францускиот претседател рече дека Европа е во вонредна ситуација и додаде дека сите треба да бидат свесни за ова бидејќи наскоро ќе биде предоцна.
Макрон, исто така, ги повика земјите кои се подготвени да ги спроведат реформите на единствениот европски пазар предложени од Комисијата, да ја зајакнат соработката, со цел што поскоро да се постигне напредок.
Свет
Медведев: Нема ништо поважно за Русија од победата
За сите граѓани на Русија, ништо не е поважно од победата, потребно е земјата да има иднина, изјави заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија и претседател на партијата „Единствена Русија“, Дмитриј Медведев.
„За сите нас сега, за сите граѓани на нашата земја кои ја сакаат нашата земја и веруваат во неа, ништо не е поважно од победата. Тоа е јасно. Но, победата не е неопходна сама по себе, туку за нашата земја да има иднина“, објасни Медведев во говорот по повод разгледувањето на Народната програма на партијата, објавен на неговата страница на социјалната мрежа „ВКонтакте“.
„Специјалната операција ѝ помогна на Русија да види кој е пријател, а кој не, на кого може да се смета, а на кого не може“, изјави функционерот, пренесува Спутник.
Тој процени дека оние кои сега зборуваат негативно против Москва на крајот ќе се вратат назад и ќе почнат да предлагаат разни иницијативи, вклучително и механизми за економска соработка.

