Свет
Преживеан од пожарот во Хонг Конг: Срцето ми се кине кога ме нарекуваат херој
Вилијам Ли се бори со тоа што го опишуваат како херој откога им помогна на своите соседи да избегаат од катастрофалниот пожар што ја проголта станбената зграда во Хонг Конг, негов дом од раѓање. Наместо гордост, го прогонува вина дека не успеал да спаси повеќе луѓе од огнената стихија во комплексот Ванг Фук Корт, во која загинаа најмалку 159 лица, пренесе Би-би-си.
„Срцето ми се кине секојпат кога некој ќе ме нарече херој“, вели 40-годишникот низ солзи. Една недела по катастрофата, пожарникарите сѐ уште ги пребаруваат остатоците од седумте изгорени облакодери во потрага по телата на 30 соседи на Ли, луѓе што, како и тој, имале несреќа да бидат дома кога избувнал смртоносниот пожар.
Причината за пожарот и тоа зошто повеќе луѓе не успеале да се спасат сега се предмет на истрага на независен одбор, кој го наложи административниот челник на Хонг Конг. Веќе било откриено дека околу зградата била поставена мрежа што не е отпорна на оган и дека противпожарните аларми не функционирале правилно – клучна причина зошто Ли првично не бил загрижен кога сопругата му се јавила да му каже дека нивната зграда гори.
Наместо веднаш да избега, тој поминал речиси 10 минути пакувајќи работи. Но во моментот кога ги отворил вратите, размерите на катастрофата му станале јасни: густ чад го исполнил ходникот и го натерал да се повлече назад во станот. Додека неговата сопруга станувала сѐ похистерична на телефонот, Ли немал време за паника. Ставал мокри крпи под вратата за да спречи влегување на чадот и се обидувал да смисли што понатаму.
Тогаш слушнал гласови во ходникот. Воздухот бил толку густ од чад што не можел да види кој повикува. Покривајќи го лицето со мокра крпа, успеал да напипа двајца соседи и да ги внесе во релативната безбедност на својот стан. Во исто време, во соседниот блок, 66-годишната Бај Шуи Лин, исто така се обидувала да им помогне на соседите. Се смета дека спасила најмалку три семејства удирајќи им на вратите за да ги предупреди за пожарот. Бај, сепак, не преживеала. Нејзините синови го идентификувале телото за време на викендот.
„Да ја замолевме да си замине минута порано, мислам дека ќе преживееше“, рекол син ѝ Јип Ка-Куи за Си-би-ес. „Но ја познаваме. Немаше да замине, без да ги предупреди другите“.
Назад во станот на Ли спасениот пар му рекол дека слушнале уште еден глас во ходникот – домашна помошничка, која повикувала постара жена. Но гласот стивнал. Овој пат Ли не можел да помогне. „Се чувствувам многу виновно“, рекол. „Некои луѓе не беа спасени, а јас не ги отворив повторно вратите за да се обидам да ги најдам“.
Минувале часови, а опциите за бегство исчезнувале. Еден противпожарен излез бил блокиран од пламенот, а за другиот соседот на Ли верувал дека е заклучен. Решиле да не скокаат од прозорецот на вториот кат поради интензитетот на огнот и постојаните експлозии. Заробен во својот дом Ли чекал повеќе од два часа пред да биде спасен.
„Тоа беше првпат да почувствувам дека смртта ми е блиску“, вели Ли. Почнал да се простува од пријателите преку „Вацап“: „Не можам да побегнам. Ако ми се случи нешто, грижете се за моите деца. Внимавајте“.
Приближно два и пол часа по избувнувањето на пожарот, пожарникарите, конечно, стигнале до нив со скали. Ли инсистирал спасувачите првин да го изнесат постариот пар. „Му рековме дека тој треба да оди прв. Тој одби и рече дека е млад и дека може да го поднесе тоа“, раскажала соседката за локалните медиуми.
Кога пожарникарите се вратиле по него, Ли тешко се одвојувал од домот исполнет со спомени. „Пожарот значеше дека ништо не можам да понесам со себе“.
Повторно се сретнал со семејството во блискиот ресторан, но вистинските размери на ужасот го погодиле дури во болницата.
„Веќе немав сила во себе и кога стигнав во итната помош, колената ми попуштија. Мирисот на изгорено ми остана во носот“, се сеќава. „Навистина сакав да го измијам тој мирис“.
Откога бил примен на оддел, конечно имал простор да плаче.
„Кога претходно сум бил во болница, сакав што побргу да си одам дома. Но, овој пат, кога сестрата ме праша дали сакам дома – не сакав да одам. Се чувствував како да избегнувам нешто со што ќе треба да се соочам“.
Сепак, решил да се соочи со траумата директно – давајќи што повеќе интервјуа.
„Се надевам дека многу луѓе ќе се јават за да помогнат да се открие вистината. Се надевам дека жителите на Ванг Фук Корт ќе добијат одговори и правда“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Кенеди за исхраната на Трамп: Не знам како е сè уште жив, јаде навистина лоша храна
Американскиот секретар за здравство и човечки услуги, Роберт Ф. Кенеди Џуниор, се осврна на навиките за јадење на Доналд Трамп, велејќи во подкаст дека е изненаден што претседателот на САД е сè уште жив со оглед на количината на она што тој го нарече „отров“ што ја внесува секој ден.
Кенеди беше гостин во подкаст воден од Кејти Милер, сопруга на заменик-шефот на кабинетот на Белата куќа, Стивен Милер. Кога го прашаа кој има „најлуди навики во исхраната“, Кенеди кратко застана пред да одговори: „Претседателот“.
Health and Human Services Secretary Robert F. Kennedy Jr. opens up about President Donald Trump’s unhinged eating habits
"I don't know how he's alive, but he is."
— No Jumper (@nojumper) January 14, 2026
„Не знам како е сè уште жив“, рече Кенеди за Трамп, додавајќи дека претседателот „јаде навистина лоша храна – Мекдоналдс, чоколади и диетална Кока-Кола“. Според Кенеди, кога Трамп е во Белата куќа или во Мар-а-Лаго, тој се храни поздраво. Но, кога патува, често јаде брза храна „затоа што верува во неа и не сака да се разболи на пат“.
„Ако патувате со него, добивате впечаток дека се полни со отров цел ден и не знаете како воопшто оди, а камоли како успева да биде најенергичната личност што некогаш сме ја сретнале“, нагласи Кенеди.
По годишниот лекарски преглед на претседателот во април минатата година, лекарот на Трамп изјави дека претседателот е во „одлична здравствена состојба“, а Трамп им рече на новинарите дека чувствува дека е „во многу добра форма“, потсети Форбс.
Свет
Венецуела најавува „нова политика“ и отворање на нафтените полиња за странски инвеститори
Привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, во четвртокот претстави законодавна иницијатива насочена кон зајакнување на нафтената индустрија. Реформите ќе овозможат нови странски инвестиции во енергетскиот сектор, изјави Родригез во говорот пред Националното собрание на јужноамериканската земја. Таа објави дека мерките ќе овозможат инвестиции во нови нафтени полиња, во полиња каде што никогаш немало инвестиции, како и во оние каде што воопшто нема инфраструктура.
Приходи од нафта за здравство
Привремената претседателка еден ден претходно објави дека ќе инвестира „секој долар“ од приходите од нафта и гас во здравствениот систем на земјата, јавува агенцијата ДПА. Родригез ја презеде функцијата потпретседател на земјата откако САД го заробија претседателот Николас Мадуро во воена операција претходно оваа година и го одведоа во САД, каде што ќе му се суди по обвинение за трговија со дрога.
Повик за нова политика и дијалог со САД
Иако е лојален сојузник на Мадуро, во четвртокот таа повика на дипломатија во односите со САД и најави „нова политика во Венецуела“. Ден претходно, таа разговараше по телефон со Трамп, кој ја пофали како „одлична личност“ откако разговараше за нафта, минерали, трговија и безбедност, јавува Ројтерс. Портпаролката на американскиот претседател во четврток изјави дека смета дека Родригез била исклучително соработлива.
Републиканскиот претседател јасно стави до знаење дека сака долгорочен пристап до нафта од Венецуела. Според податоците од Лондонскиот институт за енергетика, јужноамериканската земја поседува околу 17 проценти од светските резерви на нафта.
Свет
Нови израелски напади врз Газа: убиени членови на Хамас и Исламски џихад
Воен офицер на Хамас, полицаец од палестинското движење и милитант на Исламски џихад се меѓу најмалку десет лица убиени во серија израелски напади низ Газа, соопштија локални извори.
Локалните служби за итни случаи и жителите објавија дека висок член на Исламски џихад, Ашраф Ал-Хатиб, е убиен во Нусејрат, а полицаец на Хамас во Газа. Извор на Хамас изјави дека локалниот командант Мохамед Ал-Холи е убиен претходно во Деир ал-Балах во четврток.
Хамас ги осуди нападите врз неговото семејство, но не го спомена директно Ал-Холи или неговата улога во движењето во соопштението. Израел се обвинува за кршење на прекинот на огнот што е во сила од октомври и за обид за повторно разгорување на конфликтот.
Во нападите загинаа и цивили
Здравствените власти во палестинската енклава соопштија дека во нападите загинало и 16-годишно момче.
Нападите доаѓаат еден ден откако САД го објавија почетокот на втората фаза од договорот за прекин на огнот. Израел и Хамас се обвинуваат меѓусебно за кршење на договорот и остануваат во несогласувања околу клучните прашања.
Повеќе од 400 Палестинци и тројца израелски војници се убиени откако прекинот на огнот стапи на сила во октомври, според Ројтерс. Израел сруши згради низ поголемиот дел од Појасот, а речиси целото население на енклавата од повеќе од два милиони луѓе сега живее во импровизирани засолништа или оштетени згради, на дел од територијата од која израелските сили се повлекле.
УНИЦЕФ во вторникот соопшти дека повеќе од 100 деца се убиени откако прекинот на огнот стапи на сила, вклучително и во напади со беспилотни летала.

