Свет
Претседателот на Гана прв во светот прими вакцина од програмата „Ковакс“
Претседателот на Гана, Нана Акуфо-Адо, е првата личност во светот што ја прими вакцината против Ковид-19 од програмата „Ковакс“, светска иницијатива за помош на сиромашните земји во снабдувањето со вакцина.
„Ковакс“ заеднички го иницираа Светската здравствена организација (СЗО) и Алијансата за вакцини (ГАВИ) со цел неразвиените земји и земјите во транзиција да може да добијат вакцини. Тие немаат доволно можности да потпишат купопродажни договори со производителите на вакцини, па затоа се наоѓаат во многу понеповолна позиција.
Акуфо-Адо, 76-годишен претседател на гореспоменатата западноафриканска држава, во која минатата среда пристигна првата пратка вакцини од програмата „Ковакс“, ја прими првата доза од вакцината на „Астра зенека“.
„Многу е важно да дадам пример и да покажам дека оваа вакцина е безбедна, така што секој во Гана може да одлучи да се вакцинира без страв“, рече шефот на државата.
„Ковакс“ склучи договори со производители за две милијарди дози во 2021 година и можност за набавка на уште милијарда дози вакцина против Ковид-19, а механизмот за финансиска помош од програмата е достапен за 92 земји со ниски и средни приходи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ердоган: Судбината на 194 земји не може да се остави во рацете на пет постојани членки на Советот за безбедност на ОН
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска изјави дека е потребен голем преглед на Обединетите нации посочувајќи дека речиси 200 земји во светот не може да бидат препуштени во рацете на пет постојани членки на Советот за безбедност на ОН.
Тој на светскиот форум на ТРТ во Истанбул рече дека ОН треба целосно да се реформираат.
„Светот не може да биде оставен на милост и немилост на пет постојани земји (членки на Советот за безбедност на ОН). Судбината на 194 земји не може да се остави во рацете на една од овие пет постојани членки“, рече Ердоган, пренесува „Анадолија“.
Свет
Непријавен патник бил откриен во авионот од Њујорк за Париз
Непријавен патник бил пронајден во авионот што летал од Њујорк за Париз за време на празникот Денот на благодарноста, соопштија властите, пренесоа денеска американските медиуми.
„Слепиот патник“ бил откриен во авион што полетал од њујоршкиот аеродром ЏФК за Париз, а бил изнесен од авионот по слетувањето на аеродромот „Шарл де Гол“, соопштија властите, пренесува „Еј-би-си њуз“.
Лицето што влегло во авионот ги заобиколило проверката на документите и агентот на влезот на летот, но детаљно бил проверен на безбедносниот пункт на њујоршкиот аеродром, навела авијациската управа, пренесува „Танјуг“.
Како што додаваат, тоа значи дека ова лице немало никакви забранети предмети со себе и не претставувало безбедносна опасност, пренесува „Танјуг“.
Сè уште не е јасно како крадецот успеал да ја заобиколи контролата на документите на местото за пријавување.
За инцидентот е известено Федералното биро за истраги (ФБИ). Други детали за лицето што успеало да се качи во авионот без да биде пријавено засега не се објавени. Компанијата соопшти дека води исцрпна истрага за она што се случило, како и дека ќе соработува со други служби до утврдување сите околности на овој случај.
Свет
Ирански и европски дипломати разговараат за нуклеарната програма на Техеран
Европски и ирански дипломати се сретнаа денеска во Женева за да ја разгледаат можноста за одржување сериозни разговори за спорната нуклеарна програма на Техеран пред новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да ја преземе функцијата во јануари.
Состанокот во Женева, прв по изборите во САД, дојде откако Техеран негодува за резолуцијата поддржана од Европа, донесена минатата недела, во која се критикува соработката на Иран со Меѓународната агенција за атомска енергија на ОН (МААЕ), објави „Ројтерс“.
Трамп, кој за време на претходниот мандат го напушти нуклеарниот договор со Иран по курс на максимален притисок за слабеење на иранската економија, во својата нова администрација вклучи функционери познати по својот строг однос кон Иран, наведува британската агенција.