Свет
Приоритет за Русија е војната во Украина, а не Сирија, тврди Кремљ
Кремљ денеска ја минимизираше важноста на падот на својот сириски сојузник Башар ал Асад за руското влијание на Блискиот исток, велејќи дека Москва се фокусира на Украина и дека е во контакт со новите власти во Сирија.
Кога Русија интервенираше во сириската граѓанска војна во 2015 година, тоа му даде значителна предност на Асад, а неговиот пад нанесе сериозен удар и на Москва, која води војна во Украина, и на Иран, кој се судри на исток со Израел, кој е поддржан од Соединетите Американски Држави.
„Секако дека сме во контакт со оние кои моментално управуваат со ситуацијата во Сирија“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
На прашањето колку падот на Асад го ослабе руското влијание во регионот, Песков рече дека Москва одржува контакти со сите земји во регионот и дека ќе продолжи да го прави тоа.
Приоритет за Москва, рече Песков, е специјална воена операција, рече Песков.
„Специјалната воена операција е апсолутен приоритет за нашата земја: ние мора да ги гарантираме интересите на нашата безбедност, интересите на нашиот руски народ и тоа ќе го направиме“, рече Песков.
Москва ја поддржува Сирија уште од раните денови на Студената војна, признавајќи ја нејзината независност во 1944 година, кога Дамаск се обидуваше да се ослободи од француската колонијална власт. Западот ја сметаше Сирија за советски сателит.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Отворен сум за идејата Маск да го преземе „Тик Ток“
Доналд Трамп вчера изјави дека се согласува со идејата Илон Маск да ја преземе популарната кинеска видео апликација TikTok, која е привремено забранета во САД, доколку сопственикот на X, SpaceX и Tesla сака да ја купи од кинеската компанија ByteDance.
Американскиот претседател завчера и нареди на својата влада да ја прекине примената на законот на 75 дена, за да се обиде да најде решение. Тој, исто така, предложи субјектот што го купува TikTok да даде половина од својот капитал на САД во замена за лиценца.
Предметниот закон, кој стапи на сила пред три дена, бара од матичната компанија на платформата да ја продаде, под закана за забрана на територијата на САД. Поради ова, социјалната мрежа беше недостапна неколку часа во текот на викендот.
Законот предвидува многу високи казни за давателите на интернет услуги и продавниците за апликации, до 5.000 долари по корисник. Овие санкции ќе ги воведе Министерството за правда, на кое Трамп му нареди да не интервенира два и пол месеци, време кое му е потребно за да се консултира со советниците.
Мерката беше доволна за да се смири Oracle, американската компанија која е домаќин на TikTok на своите компјутерски сервери, но не и Apple и Google, кои ја отстранија социјалната мрежа од нивните мобилни платформи за преземање апликации во неделата. Затоа, 170 милиони американски корисници кои веќе имаат TikTok можат да продолжат да го користат, но повеќе не можат да ја ажурираат платформата редовно како и обично.
Американските избраници го оправдаа законодавството со потребата да се спречат кинеските власти да пристапат до податоците на американските корисници или да манипулираат со мислењето во Соединетите држави. Трамп, кој за време на неговиот прв мандат сакаше да го забрани TikTok во име на националната безбедност, сега има поинаква перспектива. „Има толку многу производи произведени во Кина, а единствениот на кој се жалат е TikTok“, рече завчера Доналд Трамп, мислејќи на избраните функционери во Конгресот.
Вчера, одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека ќе биде отворен за идејата најбогатиот човек на светот, Илон Маск, да ја преземе платформата доколку сака. Маск водеше кампања за Трамп и доби советодавна улога на владата за да заштеди пари. Новиот американски претседател предложи ByteDance да им даде на САД 50 отсто од капиталот на TikTok во замена за непримена на законот. „Можеби ни треба согласност од Кина, но сигурен сум дека тие би ја дале“, заклучи Доналд Трамп.
Свет
Гувернерот на Флорида во официјален документ го нарече Мексиканскиот Залив „Американски залив“
Според иницијативата на новиот претседател Доналд Трамп, гувернерот на американската сојузна држава Флорида го нарече Мексиканскиот Залив „Американскиот Залив“ во нова извршна наредба во врска со претстојната зимска бура, јавува Анадолија.
„Површина со низок притисок што се движи низ Американскиот Залив, во интеракција со арктичкиот воздух, ќе донесе широко распространето и значително зимско време во северна Флорида почнувајќи од вторник, 21 јануари 2025 година“, се наведува во извршната наредба на Рон ДеСантис.
Пред бурата што се приближува, ДеСантис прогласи вонредна состојба поради „голема катастрофа“ што може да донесе „сите видови опасни зимски временски настани, вклучувајќи снег, лапавица и замрзнат дожд“.
Употребата на ДеСантис на терминот „Американски залив“ е усогласена со инаугуративното обраќање, во кое Трамп го потврди својот едностран план за преименување на Мексиканскиот Залив. Трамп зборуваше и за проширување на американската територија, спомнувајќи ја можноста за враќање на Панамскиот канал или преземање контрола врз Гренланд.
На прес-конференција пред неговата инаугурација, Трамп најави промена на името на Мексиканскиот залив. „Наскоро ќе го смениме името на Мексиканскиот залив“, рече тој, додавајќи дека фразата „Американски залив“ има „убава конотација“.
Свет
Силен земјотрес ја погоди Турција, почувствуван и во Грција
Земјотрес со јачина од 5 степени според Рихтеровата скала е регистриран вечерва во 21:38 часот, во западна Турција.
Според достапните податоци, епицентарот на земјотресот бил лоциран во областа со географски координати на географска ширина 39,444 и географска должина 26,284.
Хипоцентарот на земјотресот, според податоците на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, се наоѓа на длабочина од приближно 1о километри под површината на земјата.
Земјотресот се почувстувал и на 13 километри северно од Митимна, Грција.
Засега нема извештаи за материјална штета или повредени, а надлежните служби ја следат состојбата.