Свет
Прогласена тридневна жалост во Чиле

Претседателот на Чиле, Габриел Бориќ, прогласи тридневна жалост во јужноамериканската земја откако 74-годишниот поранешен претседател Себастијан Пињера загина вчера во хеликоптерска несреќа.
„Наредив да биде испратен со сите државни почести на погребот и прогласив тридневна жалост во спомен на претседателот кој служеше два мандата“, рече Бориќ во јавното обраќање.
Економистот Пињера беше богат бизнисмен и конзервативен претседател на Чиле од 2010 до 2014 година и повторно од 2018 до 2022 година.
Хеликоптерот со четири лица полетал околу 15.30 часот по локално време од областа на градот Лаго Ранко на југот на земјата и паднал по неколку минути на брегот на езерото, соопшти Управата за цивилна авијација. Другите три лица го преживеале падот, извести спасувачката служба по пристигнувањето на местото на настанот.
Пињера полетал за да се сретне со пријателот и бизнисмен Хозе Кокс на ручек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
67 мртви во поплавите во Тексас, загина 21 дете

Бројот на жртви од катастрофалните поплави во Тексас се искачи на најмалку 67 денес, вклучувајќи 21 дете, додека потрагата по девојчињата од летниот камп продолжува трет ден по ред.
Лари Леита, шерифот на округот Кер во регионот Тексас Хил Кантри, епицентарот на поплавите, изјави дека бројот на жртви се искачил на 59, вклучувајќи 21 дете.
Леита рече дека исчезнати се 11 девојчиња и водач на летниот камп во близина на реката Гвадалупе, која се излеа по обилните дождови во централен Тексас на Денот на независноста во петокот.
Другите жртви се од други области погодени од поплавите.
Службениците изјавија дека повеќе од 850 луѓе се спасени, вклучувајќи некои што се држеле за дрвја.
Федералната агенција за управување со вонредни состојби беше активирана денес и распореди спасувачи откако претседателот Доналд Трамп прогласи голема катастрофа, соопшти Министерството за внатрешна безбедност.
Хеликоптери и авиони на крајбрежната стража помагаат во потрагата и спасувањето, соопшти министерството.
Се очекуваат повеќе врнежи во областа во недела, а Националната метеоролошка служба издаде предупредување за ненадејни поплави за округот Кер.
Регион
Македонец меѓу загинатите во Бугарија кога автомобил управуван од 19-годишник се заби во ресторан

Деветнаесетгодишен возач со автомобилот се заби во ресторан во Разград, Бугарија, при што загинаа три лица, меѓу кои 58-годишник, државјанин на Македонија, соопшти бугарската полиција.
Несреќата се случила по полноќ на улицата Гранчарска во градот. Според првичните информации, младиот возач ја изгубил контролата врз автомобилот, што ја предизвикало тешката несреќа. Тестовите за алкохол и дрога на 19-годишниот возач биле негативни, јавуваат бугарските медиуми.
Починатите се лица на возраст од 62, 64 и 58 години, кои биле во објектот во моментот на несреќата.
Свет
Почнуваат преговорите меѓу Израел и Хамас

Катар денес ќе биде домаќин на нова рунда индиректни преговори меѓу Израел и Хамас во обид да се постигне договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа, изјави за АФП палестински извор запознаен со преговорите.
„Медијаторите го информираа Хамас дека новата рунда индиректни преговори меѓу Хамас и Израел ќе почне оваа недела во Доха“, рече изворот, додавајќи дека делегација на палестинското исламистичко движење, предводена од Халил ал-Хаја, веќе е во Доха.
Израелската јавна телевизија објави дека израелската делегација ќе замине за Доха во раните попладневни часови. Овие преговори ќе бидат фокусирани на условите за можен договор за прекин на огнот, особено во врска со ослободувањето на заложниците во Газа и палестинските затвореници во Израел, според истиот извор.
Исламистичкото движење побара значителни испораки на хуманитарна помош на палестинските територии, додаде изворот, како и „гаранции за траен крај на војната“.
Хамас продолжува да бара повторно отворање на преминот Рафа на границата меѓу Појасот Газа и Египет, кој Израел го контролира од мај 2024 година, за да се овозможи евакуација на ранетите.
Според палестински извори запознаени со преговорите, предлогот доставен до Хамас вклучува 60-дневно примирје за време на кое движењето би ослободило 10 живи заложници, како и неколку тела на мртви затвореници, во замена за ослободување на Палестинците што ги држи Израел.
Хамас во петокот објави дека е подготвен „веднаш да започне“ преговори за американскиот предлог за прекин на огнот и дека го проследил „својот одговор“ до катарските и египетските посредници, без да даде детали.
Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера објави дека бил информиран за „промените што Хамас сака да ги направи во предлогот“ и дека ги смета за „неприфатливи“.
Индиректните преговори треба да продолжат пред средбата меѓу Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон.
Канцеларијата на премиерот потврди за АФП дека Нетанјаху ќе отпатува за Соединетите Држави денес околу 17:00 часот по локално време.