Свет
Путин и Трамп договараат средба, вели висок претставник од САД
Москва и Вашингтон ја истражуваат можноста за состанок помеѓу американскиот и рускиот претседател, Доналд Трамп и Владимир Путин.
Ова го изјави посебниот советник на американскиот претседател и директор за Европа и Русија при американскиот Национален совет за безбедност, Ричард Хукер.
„Ништо не е одлучено, ниту се разгледувани деталите, но верувам дека двете страни ја истражуваат можноста да се обидат да направат такво нешто“, изјави Хукер за агенцијата ТАСС.
Според неговите зборови, Белата куќа ја разгледува Австрија како место на кое би можела да се случи средбата.
„Сигурен сум дека се разгледува таа опција, но ништо не е одлучено“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
СЗО: Нема поврзаност меѓу вакцините и аутизмот
Светската здравствена организација (СЗО) објави нова анализа со која повторно потврдува дека не постои причинско-последична врска меѓу вакцините и аутизмот, спротивно на тврдењата што кружат во јавноста. Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека аутизмот не е несакан ефект од вакцините.
Анализата на Советодавниот одбор за безбедност на вакцините опфатила 31 научна студија спроведена во повеќе земји во период од 15 години, вклучувајќи вакцини што содржат алуминиум и тиомерсал. СЗО наведува дека ова е четврта ваква ревизија по оние од 2002, 2004 и 2012 година, и сите дошле до ист заклучок – вакцините не предизвикуваат аутизам.
Од СЗО потсетуваат дека тврдењата за поврзаност потекнуваат од студија од 1998 година која подоцна била повлечена поради фалсификувани податоци. Организацијата нагласува дека вакцините остануваат едни од најважните медицински достигнувања и дека значително придонеле за намалување на смртноста кај децата.
Свет
„Си-Ен-Ен“ објави: Американската ФДА разгледува воведување највисоко предупредување за вакцините против ковид-19
Американската Агенција за храна и лекови (ФДА) планира да воведе т.н. „блек бокс“ предупредување, највисоко ниво на безбедносно предупредување, за вакцините против ковид-19, објави Си-Ен-Ен.
Станува збор за предупредување кое се користи за истакнување на сериозни ризици, животозагрозувачки и трајни несакани ефекти, кои мора да се земат предвид во однос на придобивките од вакцината. Планот сè уште не е конечен и не е јасно дали ќе се однесува само на мРНА вакцините или на сите вакцини против ковид-19, ниту дали ќе ги опфати сите возрасни групи.
Американското Министерство за здравство и социјални услуги (ХХС) не го потврди планот, наведувајќи дека без официјална објава од ФДА, станува збор за шпекулации.
Според научни проценки што ги пренесува Си-Ен-Ен, вакцините против ковид-19 во првата година од примената спречиле околу 20 милиони смртни случаи во светот. Податоците на американскиот ЦДЦ покажуваат дека вакцинираните деца во сезоната 2024/2025 имале значително помал ризик од итни лекарски интервенции поради ковид-19.
ФДА претходно побара проширување на предупредувањата за ризик од миокардитис и перикардитис, ретки воспаленија на срцето, кои најчесто се јавувале кај млади мажи по мРНА вакцините. Според ЦДЦ, повеќето случаи завршиле со закрепнување, без смртни исходи.
Повеќе експерти предупредија дека воведување на „блек бокс“ предупредување без јавно достапни докази може да ја наруши довербата во вакцините. Од ФДА и HHS ги отфрлија тврдењата дека процесот е политички мотивиран.
Конечната одлука на ФДА се очекува до крајот на годината, но плановите сè уште може да се променат.
Фото: Депозитфотос
Свет
Будимпешта обвинува: Со одлуката за рускиот имот завршува владеењето на правото во ЕУ
Унгарија упати остри критики за гласањето во Брисел за замрзнатиот руски имот, оценувајќи дека со тоа се кршат темелните европски договори и принципот на едногласност. Од Будимпешта порачаа дека ваквата одлука значи крај на владеењето на правото во Европската Унија.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан на социјалната мрежа „Икс“ напиша дека „Брисел денес го преминува Рубикон“, наведувајќи дека со писменото гласање се укинува барањето за едногласност при одлучувањето за замрзнатите руски средства. Според него, со оваа одлука европските лидери се ставаат над правилата и завршува владеењето на правото во ЕУ.
Орбан ја обвини Европската комисија дека ги крши европските договори за да продолжи, како што рече, војната во Украина, оценувајќи дека во Унијата наместо владеење на правото настанува „владеење на бирократи“.

