Свет
Пo 138 дена, граѓаните на Викторија и Нов Јужен Велс повторно се движат слободно
Границите помеѓу Викторија и Нов Јужен Велс се отворија една минта по полноќ откако движењето на жителите меѓу двете најнаселени држави во Австралија беше ограничено со строг карантин за борба против пандемијата на коронавирусот.
Првпат во последните 138 дена граѓаните може повторно слободно да се движат од една во друга држава. Локалните медиуми објавија дека на главниот пат помеѓу соседните регионални градови Водонга и Олбери е поставена диџеј-бина, каде што со музика се пречекуваат превите возила.
Националната телевизија АБЦ објави слики од славеничкиот пречек на патниците од Мелбурн на аеродромот во Сиднеј. Пред избувнувањето на пандемијата на коронавирусот, авиокомпанијата „Сиднеј-Мелбурн“ беше втората најпрометна авионска рута во светот. Авиопревозниците „Квантас“ и „Џетстар“ продадоа повеќе од 25.000 авионски билети во првите 48 часа откако претходно овој месец беше објавено дека ќе бидат укинати прекуграничните ограничувања.
Федералната држава Викторија беше центар на вториот бран на пандемијата во Австралија, што доведе до воведување строг карантин кога бројот на нови случаи на ден достигна 700 лица.
Мелбурн, град со 4,9 милиони жители, беше парализиран цели 112 дена во текот на кои им беше кажано на граѓаните дека мора да останат дома. Кога беа укинати ограничувањата кон крајот на октомври, Викторија немаше нови случаи. Во понеделникот се одбележа 24. ден по ред без нови случаи на инфекција, а во таа австралиска држава во моментот има само еден активен случај на Ковид-19. Нов Јужен Велс, најголемата федерална држава во австралиската федерација со околу 6,7 милиони жители, во моментот го бележи својот 16-ти ден без нови случаи на локално пренесување на коронавирусот. Минатата недела Јужна Австралија објави воведување на привремен шестдневен карантин по наглиот скок на бројот на пациенти. Досега вкупниот број на смртни случаи во Австралија е 907, од кои 819 во Викторија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руските научници предупредија за појава на силна магнетна бура
Руските научници предупредија за појава на силна магнетна бура, поради денешниот дополнителен ефект на короналната дупка, која ги преведе набљудуваните параметри на сончевиот ветер во целосно екстремни вредности.
Земјата влезе во плазматскиот тек од короналната дупка во Сонцето, а се очекува пристигнување на два плазма облаци исфрлени од моќни сончеви ерупции, објави денес Лабораторијата за сончева астрономија на Институтот за космички истражувања (IKI) на Руската академија на науките.
Како што претходно изјавија научниците, за Земјата се очекува најсилната геомагнетна бура оваа година и една од најсилните во последните неколку години, пренесува РИА Новости.
„Во исто време, Земјата треба да влезе во зоната на дејствување на големата коронална дупка, како и да го издржи пристигнувањето на два плазма облаци исфрлени за време на големите сончеви ерупции што се случија пред два дена. Судејќи според податоците од копнените и вселенските инструменти, првата точка од денешниот распоред е веќе исполнета“, се наведува на Телеграм каналот на лабораторијата.
Се забележува дека магнетните бури започнале вчера, а денешниот дополнителен ефект на короналната дупка „ги преведе набљудуваните параметри на сончевиот ветер на сосема екстремни вредности“.
Досега, магнетосферата на Земјата реагирала умерено на настаните, објави лабораторијата. Од утрово, магнетните бури се реактивирани и моментално се на пониски и средни нивоа на G1-G2, но најверојатно наскоро ќе се претворат во силни настани од категоријата G3, пренесува Танјуг.
„Во секој случај, сè што се случува е само прелудиум и подготовка на позадината за главниот настан – пристигнувањето на сончевиот плазма облак. Постои голема веројатност дека најбрзите делови од сончевите исфрлања веќе стигнале до Земјата и сега дејствуваат заедно со сончевиот ветер. Главната маса на плазма ќе пристигне во текот на следните 24 часа. Засега не е сосема јасно колку шокови ќе мора да издржи планетата на крајот. Сценариото според кое плазма облаците се споиле во еден на патот, така што границата нема да може да се разликува меѓу нив“, предвидуваат научниците.
Според вработените во лабораторијата, прелиминарното моделирање покажало дека најгустите делови од сончевите ерупции сепак ќе поминат покрај Земјата и дека само нивните надворешни региони ќе влијаат на планетата, пренесува Танјуг.
Во овој случај, геомагнетните бури нема да го надминат нивото четири од можни пет. Доколку проценката е погрешна и Земјата биде погодена од фронтален удар, постои можност бурите да го достигнат највисокото ниво, G5, е наведено во лабораторијата.
Фото: принтскрин
Свет
Се уморил од грабежот: крадец провалил во стан во Русија, а потоа заспал во него
Крадец заспал во стан во рускиот град Благовешченск откако го ограбил.
Сопственичката го пронашла во таква состојба откако се вратила дома од работа, објави Одделот на Министерството за внатрешни работи на Амурскиот регион.
Жената пријавила во полиција дека, по враќањето од ноќната смена, пронашла непознат маж во својот дом, пренесува РИА Новости.
„Се покажа дека крадецот влегол во куќата низ прозорецот во текот на ноќта, со намера да изврши кражба, знаејќи дека сопствениците не се таму. Осомничениот ги спакувал телевизорот и моторната пила во чантите, но, претпоставувајќи дека сопственичката ќе биде отсутна долго време, решил да се одмори и заспал. Сопственичката на куќата го пронашла во таква состојба кога се вратила од работа“, се наведува во извештајот.
Полицијата го привела осомничениот за обид за кражба на станот.
Станува збор за 45-годишен локален жител со претходно криминално досие за кражба и трговија со дрога.
Против него е покрената кривична постапка, а РИА потсетува дека обидот за кражба извршен со нелегално влегување во дом носи казна затвор до шест години.
Како превентивна мерка, на крадецот му е дадена писмена обврска да не го напушта просторот и да се однесува соодветно.
Фото: принтскрин
Свет
Паника во американската воена база поради сомнителен пакет
Неколку лица се разболеле и биле однесени во болница откако сомнителен пакет со бел прав бил доставен до воздухопловната база „Ендрус“ во американската држава Мериленд, според официјални лица и извори запознаени со истрагата, пренесува CNN.
Според соопштението од базата Ендрус, инцидентот се случил кога едно лице го отворило пакетот, што довело до евакуација на две згради и воспоставување безбедносен кордон, пренесува CNN.
Тимовите за итна интервенција реагирале брзо и утврдиле дека нема непосредна закана, по што случајот бил предаден на Канцеларијата за специјални истраги.
Неколку лица кои биле во контакт со пакетот, или во негова близина, биле транспортирани во медицинскиот центар во рамките на базата.
Првичниот тест не открил присуство на опасни супстанции, но истрагата продолжува.
Сè уште не се познати степенот и природата на симптомите кај оние кои се разболеле.
Тимот за опасни материјали го напуштил местото на настанот синоќа.
Просторијата каде што бил отворен пликот – во зградата каде што се наоѓа Центарот за подготвеност на Националната гарда – е сè уште затворена.
Базата „Ендрус“, која се наоѓа во близина на Вашингтон, е позната, меѓу другото, по тоа што се користи за патувања на американскиот претседател, потпретседателот и членовите на кабинетот.
Лидерот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, беше во базата еден ден пред инцидентот, во средат, пренесуваат светските медиуми.
Фото: принтскрин

