Регион
Расте бројот на жртви во Албанија – 24 лица загинаа, 650 се повредени
Бројот на загинати во вчерашниот страотен земјотрес во Албанија се искачи на 24, повредени се 650 граѓани, а спасувачите успеале да пронајдат 45 лица под урнатините.
Силните потреси, од кој насилниот беше со јачина од 6,4 степени според Рихтер, урнаа голем број станбени згради и еден хотел во Драч каде се регистрирани и првите жртви, двајца браќа од Косово. Меѓу жртвите е и еден млад човек кој штотуку излегол од затвор, откако судот го прогласил за невин, како и еден полицаец на должност.

Друго лице е пронајдено мртво откако скокнало од балконот на станот, панично бегајќи од потресот. Диана Мечај (30) која била извадена жива од урната на шесткатница во Драч, починала во болница, како резултат на повредите.
Според медиумите, претходно од урнатините била извадена нејзината 8-годишна ќерка. Медиумите известуваа дека во Драч, под урнатините кои ги направи разорниот земјотрес се наоѓа цело семејство, за кое доцна во ноќта траела спасувачката акција.
Спасувачите во меѓувреме успеале да спасат 17-годишен тинејџер, под урнатините на неговиот дом во Драч. Тој побарал помош преку својот мобилен телефон.
Во Тумане, локалното население барајќи под урнатините заедно со спасувачките екипи ги извикуваат имиањата на своите најблиски : „Мира!“, „Ариела!“, „Селви!“, во надеж дека ќе бидат пронајдени.

epa
50-годишниот Дулејман Колавери од Тумане, изјави за агенциите дека стравува оти под урнатините се наоѓаат неговата 70-годишна мајка и едногодишната внука, кои биле заробени во петкатната зграда, каде што живееле на последнот кат.
„Незнам дали се живи. Се плашам од нивната судбина … само Господ знае што се случило “, вели тој.
Досега се идентификувани 14 жртви.
Во видео обраќање, премиерот Еди Рама рече дека спасени се околу 40 лица и додаде дека институциите ќе сторат сé за да ги извлечат сите лица за кои се верува дека се под урнатините. Рама повика на смиреност и рече дека е уверен дека Албанците ќе ја надминат и оваа природна непогода.

epa
Војска, полиција и екипи на итна помош ги пребаруваат остатоците од урнатините во надеж дека ќе спасат евентуални преживеани. Македонската влада и градот Скопје испратија спасувачки екипи и механика кои треба да помогнат во спасувачките акции.Градот Скопје испрати две екипи, едната екипа е составена од четири пожарникари, а втората екипа е составена од двајца коишто ќе вршат снимање на самото место со термален дрон и термални камери, за да се откријат евентуални преживеани во урнатините, како и беспилотно летало коешто ќе врши 3Д мапирање на теренот со цел штетите коишто се настанати и оштетувањата на објектите да може да бидат како мапа достапни на спасувачките служби коишто се на самото место.
Синоќа околу 18 часот нов земјотрес со јачина од 4,7 степени го погоди регионот околу Драч. Стотици жители на градот се плашеа да се вратат во своите домови и ноќта ја поминаа во импровизирани шатори на улиците на Драч.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ лут на граѓаните: „Отидоа да се сончаат во Дубаи и не ме слушаа што зборував“
Првиот авион со патници од Дубаи слета во Белград рано утрово, а вториот се очекува во текот на ноќта. Српскиот претседател Александар Вучиќ е лут на граѓаните кои, како што вели, не го послушале, иако немало официјално државно предупредување против патување на Блискиот Исток, пишува N1 Белград.
„Сите оние кои се сончаа во Дубаи и не ме слушаа што зборував сега ќе ги бараат виновниците во нас, кои им помагаат да се извлечат од сето ова“, рече српскиот претседател.
Првото враќање од Емиратите до Србија беше успешно, иако летот беше одложен за неколку часа и помина подолг пат преку Оман. Патниците ја опишуваат хаотичната ситуација.
„Никој не не контактираше. Неколку пати се јавив во амбасадата, но немаа информации. Бевме сами“, рече еден од патниците. Други додадоа: „Не излеговме ниту се движевме многу. Амбасадорот не посети и тоа беше тоа.“
Еден патник рече: „Беше хаотично и воопшто не беше безопасно. Никој не ни зборуваше, но ниту ние не го очекувавме тоа. Сè решивме во лет.“ Сите се согласуваат за едно: „Секој може да каже што сака, но ситуацијата не беше безопасна.“
Дека ситуацијата не беше безопасна потврдуваат и експертите кои го следеа летот. „Безбедносните услови за тој лет не беа добри. Само 25 минути по полетувањето, целиот воздушен простор на Емиратите беше затворен бидејќи Министерството за одбрана објави дека бараж од балистички ракети се движи кон Емиратите“, вели Петар Војиновиќ од порталот „Танго Сикс“.
Ситуацијата на терен е непредвидлива, но оние што живеат и работат во Емиратите ја доживуваат поинаку од туристите.
„Градилиштето работи, има повеќе сообраќај на улиците, трговските центри се отворени, Бурџ Калифа не е евакуирана. Фала му на Бога, сè е нормално“, вели агентот за недвижности Милан Станиќ.
ИТ експертот Милан Шариќ размислува слично: „Жал ми е за туристите, нивната ситуација е поинаква. Тие се на аеродромот, слушаат звуци, не ѝ веруваат на владата тука, а за нив сè е различно“.
фото/Depositphotos
Регион
Хрватска испраќа четири авиони за Хрватите заглавени во Дубаи
Хрватска испраќа четири авиони на „Кроација ерлајнс“ во Дубаи за да ги врати хрватските граѓани заглавени во Обединетите Арапски Емирати поради војната меѓу САД и Израел против Иран, објави Министерството за надворешни и европски работи (MVEP).
„Утре и во наредните денови испраќаме четири авиони на „Кроација ерлајнс“, со можни дополнителни опции“, се вели во соопштението.
Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман се договори со министерот за надворешни работи на ОАЕ, Абдула бин Зајед Ал Нахјан, за два авиони од локална авиокомпанија што ќе ги транспортираат хрватските граѓани од Дубаи, рече Зрињевац.
Во Обединетите Арапски Емирати моментално има околу 2.000 хрватски граѓани кои живеат таму, од кои 300 сакаат да бидат репатрирани, а има и 460 туристи кои, исто така, сакаат да се вратат во својата татковина.
Досега, хрватски државјани се евакуирани од Израел, Јордан и Бахреин. „Успеавме да ги евакуираме сите хрватски државјани од Израел, Јордан и Бахреин, а наскоро и аџиите од Израел, кои се на лет преку Лион на пат кон Загреб, ќе пристигнат дома“, соопшти министерството.
Од Оман, каде што имаше 23 хрватски државјани, 12 беа евакуирани со лет преку Истанбул до Загреб. Останатите 11 имаат можност да одат во Дубаи, изјави претходно Грлиќ Радман.
Хрватската амбасада во Доха, исто така, обезбеди 30 места на летот на австриската компанија од Ријад во четврток, па затоа министерството ги повикува заинтересираните што е можно поскоро да се регистрираат за тој лет, на кој приоритет ќе им се даде на децата, болните лица, бремените жени и членовите на нивните семејства.
фото/Depositphotos
Регион
Српските патници кои беа евакуирани од Дубаи: „Ни рекоа за 15 минути да се спакуваме“
Авион на „Флај Дубаи“ од Обединетите Арапски Емирати со 200 државјани на Србија слета утрово во Белград. Тоа е првиот лет кон Србија по прекинот на летовите поради тензиите на Блискиот Исток.
Како што пренесе РТС, една патничка која утрово слетала во Белград патувала од Кенија преку Дубаи. Таа изјавила дека околу три часа ги „држеле горе на небото“, по што слетале.
Двојка од Бачка Паланка допатувала од Малдивите.
„Слетавме во Дубаи и патувањето требаше да продолжи понатаму. Авионот полета, кружеше некое време и повторно се врати на аеродромот во Дубаи од безбедносни причини. Во меѓувреме се случи тоа што се случи со Иран“, изјавиле патниците за РТС.
На прашањето дали почувствувале страв, тие одговориле дека не.
„Не, бевме сместени во еден хотел кој е на околу 20 километри од центарот на градот, така што слушнавме некои детонации, но не се плашевме, имавме прекрасна група“, велат тие.
„Прво се јавивме во нашата амбасада, која направи список на патници што се најдоа на аеродромот во Дубаи, дури и амбасадорот нè посети во хотелот и му благодариме за тоа. Имавме идеални услови во хотелот и чекавме да нè известат за враќањето, а буквално ни беше кажано за 15 минути да се спакуваме“, навеле патниците.

