Свет
Романскиот премиер Чиолаку води во првиот круг од претседателските избори

Романскиот премиер, Марсел Чиолаку и кандидатката на десниот центар Елена Ласкони освоија најмногу гласови во првиот круг од претседателските избори во Романија, покажуваат излезните анкети и тие треба да одат во вториот круг.
Социјалдемократот Чиолаку, според проекциите, освоил околу 25 отсто од гласовите, додека Ласкони околу 18 отсто. Вториот круг од изборите е закажан за 8 декември.
Чолаку пред првиот круг од изборите беше фаворит меѓу 14 кандидати.
Најдобри изгледи имаа кандидатот на либерално-конзервативната реформска партија Ласкони која според излезните анкети доби 16 отсто и Џорџ Симион од екстремната десница кој доби 15 отсто од гласовите.
Претседателот ја одредува надворешната и безбедносната политика на земјата-членка на ЕУ, е врховен командант на армијата и е вклучен во проверките на тајните служби.
Клаус Јоханис е претседател 10 години и не може повторно да се кандидира.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Зеленски ги објави петте приоритети за украинската одбрана – 50 отсто домашно оружје на фронтот

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ги претстави петте клучни приоритети на Министерството за одбрана, меѓу кои се зголемување на учеството на домашно оружје на фронтот, дигитализација, намалување на бирократијата, како и решавање на персоналните прашања во украинските вооружени сили.
„Во регионот Суми беше поднесен извештај од министерот за одбрана Денис Шмихал за реформата на министерството. Првиот приоритет се однесува на максимален број нарачки од украинските производители, со цел 50 проценти од оружјето на фронтот да биде од наша продукција“, истакна Зеленски во своето синоќешно видео-обраќање.
Тој исто така ја нагласи потребата од развој на дигитални услуги и сите системи, вклучително и системот „Делта“. Според зборовите на Зеленски, неопходно е и намалување на бирократијата и воспоставување јасна комуникација со бригадите и единиците во врска со нивните потреби.
„На петтото место е целиот комплекс прашања поврзани со персоналот. Сите сме запознаени со овој проблем. Министерството за одбрана, заедно со армијата, мора да го реши тоа“, порача тој, пренесе агенцијата Укринформ.
Претседателот на Украина, за време на посетата на регионот Суми, одржа состанок со врховниот командант на армијата, Олександр Сирски, министерот за одбрана Шмихал и командантот на воздухопловните сили, Олег Апостол. Зеленски, по повод годишнината од почетокот на операцијата во регионот Курск, се сретна во Суми и со војниците од 225. јуришен полк, пренесе украинската агенција.
Свет
Обид за ангажирање платен убиец: Маж планирал атентат врз Орбан

Спречен е маж поради наводно планирање заговор за атентат врз унгарскиот премиер Виктор Орбан, објави синоќа Националното истражно биро на земјата.
Унгарската полиција соопшти дека мажот се регистрирал на веб-страница хостирана на сервер во странство со цел да пронајде лице кое е подготвено да го убие Орбан за парична награда, објави МТИ.
Тој наводно објавил на веб-страница во јули 2025 година дека е подготвен да плати за „најдобриот платен убиец“ подготвен да го убие унгарскиот премиер Виктор Орбан, се вели во соопштението на Националното истражно биро.
Човекот кој беше идентификуван со помош на Унгарските антитерористички сили (ТЕК) по апсењето, го призна злосторството за кое е обвинет.
Свет
Рубио: САД имаат појасна слика за условите на Русија за крај на војната во Украина

САД имаат подобро разбирање за условите под кои Русија би била спремна да ја заврши војната во Украина откако претставникот на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф, се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, изјави вчера американскиот државен секретар Марко Рубио.
„Можеби за прв пат откако оваа администрација ја презеде функцијата, имаме некои конкретни примери за работите што Русија би ги барала за да ја заврши војната“, рече Рубио во интервју за емисијата „Кудлоу“ на Фокс бизнис мрежата, додавајќи дека клучните елементи на секој договор би вклучувале територија.
Рубио рече дека сè уште има многу работа пред евентуалната средба меѓу Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин за ставање крај на војната во Украина.
„Денес беше добар ден, но сè уште има многу работа пред нас. Има многу пречки што треба да се надминат и се надеваме дека ќе го постигнеме тоа во наредните денови и часови, можеби дури и недели“, рече тој.
Претходно, американскиот претседател изјави дека е отворен за таква средба со Владимир Путин, како и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, според Белата куќа.
По посетата на Москва од неговиот специјален пратеник Стив Виткоф, за која се вели дека била продуктивна, американскиот претседател информираше неколку европски лидери дека има намера лично да се сретне со својот руски колега, можеби уште следната недела, а потоа да одржи средба со украинскиот претседател, објавија Њујорк Тајмс и Си-Ен-Ен.
Американскиот пратеник се сретна со Путин во Москва два дена пред истекот на американскиот ултиматум до Русија, кој бара ставање крај на конфликтот во Украина.
„Претседателот сака да ја заврши војната“, повтори Рубио.
„Во следните неколку дена ќе разговараме со нашите европски сојузници и Украинците за да видиме каков напредок можеме да постигнеме на тој фронт“, објасни тој. „А потоа, се надеваме, работите ќе продолжат да напредуваат и многу наскоро ќе има можност претседателот да се сретне и со Владимир Путин и со претседателот Зеленски во одреден момент, се надеваме во блиска иднина.“
„Но, очигледно многу работи треба да се случат пред тоа“, рече американскиот државен секретар. Кога станува збор за евентуален нов пакет санкции на САД против Русија, тој рече дека Трамп ќе донесе одлука за тоа во следните еден или два дена.