Свет
„Ројтерс“: Несогласувања во правниот тим на Трамп, некои од застапниците се повлекле
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп нагло ја прекина соработката со двајца клучни правни застапници, кои претходно ги ангажирал да го бранат на судењето за отповикување во Сенатот, со што практично ја уништи одбранбената стратегија на неговиот правен тим, наведува „Ројтерс“.
Повикувајќи се на добро информиран извор запознат со ситуацијата, агенцијата известува дека Бач Бауерс и Дебора Бербери, адвокати од Јужна Каролина, во договор со Трамп, го напуштиле правниот тим, заедно со уште тројца други бранители.
„Ројтерс“ од друг извор во случајот дознава дека до разидувањето дошло поради несогласувања околу стратегијата за одбрана меѓу Трамп и Бауерс, бидејќи поранешниот претседател и натаму инсистирал на тоа дека бил жртва на масовна изборна измама на последните претседателски избори.
„Напорите на демократите да отповикаат претседател кој веќе го заврши својот мандат се целосно неуставни и се многу лоши за САД. Четириесет и пет сенатори веќе се изјаснија дека тоа е неуставно“, изјави блискиот соработник на Трамп, Џејсон Милер.
Сенатот закажа расправа за отповикување на Доналд Трамп за почетокот на февруари и иако му истече мандатот, одлуката на сенаторите против поранешниот претседател може да ги доведе во прашање неговите идни политички активности и можната кандидатура за следните претседателски избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
БиХ го легализира медицинскиот канабис
Босна и Херцеговина денес ја легализираше употребата на канабис, придружувајќи се на голем број земји кои одобрија употреба на ова растение за ублажување на симптомите на сериозни болести, објави Министерството за граѓански работи на Босна и Херцеговина.
Советот на министри на БиХ ги измени прописите за наркотични дроги, преместувајќи го канабисот од категоријата забранети супстанции во категоријата супстанции под строга контрола, со што го хармонизираше законодавството со меѓународните стандарди. Оваа промена следеше по препораките на Комисијата на Обединетите нации за наркотични дроги и Светската здравствена организација, кои во 2020 година го сместија канабисот во категоријата супстанции со признати медицински својства.
Според новата регулатива, производството, трговијата и поседувањето канабис ќе бидат дозволени само во форма на фармацевтски препарати со лекарски рецепт, а Агенцијата за лекови и медицински помагала на Босна и Херцеговина ќе биде одговорна за надзор на целиот процес, од увоз до употреба од страна на пациентите.
Оваа мерка не значи либерализација на пазарот, туку воспоставување јасна, безбедна и надгледувана рамка за медицинска употреба на канабис.
Иако медицинската употреба на канабис досега беше забранета во Босна и Херцеговина, препаратите што содржат канабиноиди често се продаваа на нелегалниот пазар, без следење на квалитетот и безбедноста.
Одлуката доаѓа по повеќе од една деценија административен процес и усогласување со меѓународните препораки. Босна и Херцеговина сега го следи примерот на други земји каде што лековите базирани на канабис веќе се дозволени за ублажување на симптомите на болести како што се мултиплекс склероза, рак, СИДА и епилепсија.
фото/депозитфотос
Свет
Кремљ: Путин му кажал на Трамп дека го менува својот став по нападот со беспилотни летала
Рускиот претседател Владимир Путин му кажал на американскиот претседател Доналд Трамп дека Русија го преиспитува својот став за мировниот договор по наводниот напад со беспилотни летала врз претседателската резиденција, соопшти Кремљ.
Според Кремљ, Путин го информирал Трамп за нападот за време на денешниот телефонски разговор и му рекол дека токму овој инцидент довел до промена на ставот на Русија во мировните преговори.
Советникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека Путин нагласил дека Русија сè уште сака да соработува со САД за мировен договор, но дека нападот ја принудил Москва да ја ревидира својата преговарачка позиција.
Свет
Лавров тврди дека Украина ја нападнала резиденцијата на Путин, стигна реакција од Зеленски
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека Украина извршила напад со беспилотни летала врз државната резиденција на рускиот претседател Владимир Путин во Новгородската област во текот на ноќта, објави руската новинска агенција Тасс.
Лавров изјави дека Русија ќе ја ревидира својата преговарачка позиција за да го земе предвид, како што изјави, конечниот премин на режимот во Киев кон политика на државен тероризам, според Тасс.
Рускиот шеф на дипломатијата изјави дека целите и времето на руската одмазда се веќе утврдени, но нагласи дека Москва нема намера да се откаже од учеството во преговарачкиот процес поврзан со мировниот план.
Лавров, исто така, потврди дека засега нема информации за жртвите или материјалната штета предизвикана од наводниот напад врз резиденцијата на Путин, објави агенцијата Тасс.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, рече дека обвинувањето е лага, додавајќи дека Москва подготвува терен за напад врз владини згради во Киев.
Сè уште не е јасно дали Путин бил во резиденцијата во тоа време.
фото/депозитфотос

