Свет
Русите тврдат дека Украинците имаат нова тактика: „Слушаме мјаукање, но нè чека смрт“

Руските војници тврдат дека украинската страна користи звучни снимки од мачки за да ги измами да отворат минирани ормани и фиоки. Ова необично тврдење, кое не можеше да се потврди, го изнесе руски војник за време на интервју за ТВ „Звезда“, која е во сопственост на руското Министерство за одбрана.
„Влегуваме во соба и слушаме мјаукање, да речеме, во плакарот. Кога ќе отворите од жал за мачката, одеднаш сè ќе експлодира“, рече Леонид Отделнов, командант на единицата за деминирање. Отделнов тврди дека ова се случило кога неговите војници влегле во згради во регионот Донецк во источна Украина. Тој не откри дали некој руски војници загинал во експлозијата на такви нагазни мини. Киев не ги коментира овие тврдења.
Руските провоени активисти минатата година изјавија дека војниците почнале да носат мачки во рововите на првата линија за да се справат со наездата од стаорци и други глодачи. Говорејќи на националната телевизија, Владимир Малигин рече: „Нашите мачки се навикнати да ловат глувци и да ги смируваат војниците“.
Некои руски војници биле заразени со треска од каснување од стаорец. Украинските војници исто така се пожалија на „Тајмс“ за глувците што џвакаат електрични жици и ги напаѓаат објектите за складирање храна на линијата на фронтот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Индонезија, Азербејџан и Пакистан – три земји во преговори за мировна мисија во Газа

Американски официјален претставник изјави дека Индонезија, Азербејџан и Пакистан разговараат со САД за можноста да испратат војници во идната меѓународна мисија за стабилизација на Пojaсот Газа, објави американски функционер од одбраната, кој побарал да остане анонимен поради чувствителноста на преговорите, јавува „Политико“.
Ова е дел од планот во 20 точки за мир предложен од Доналд Трамп, кој предвидува привремени сили за обука и поддршка на палестинската полиција и соработка со Египет и Јордан.
САД нагласуваат дека американски војници нема да влегуваат во Газа, туку ќе дејствуваат од координативен центар северно од Израел. Египет, Катар и ОАЕ ќе имаат свои официри таму. Досега нема официјални потврди од трите земји.
Целта на мисијата е привремено да се обезбеди обука на палестинските безбедносни структури и да се овозможи разоружување на Хамас. Аналитичари и дипломати ја доведуваат во прашање изводливоста на планот, а формирањето на силите може да трае неколку месеци од моментот на одлуката.
Свет
„Борбата не е завршена“ – Нетанјаху решен да ги врати сите тела на заложниците

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел е решен да ги врати сите тела на заложниците што сè уште се во рацете на Хамас.
Тој ја повтори својата порака за време на одбележувањето на втората годишнина од нападот на Хамас велејќи:
„Борбата уште не е завршена, но едно е јасно – секој што ќе крене рака против нас, ќе плати висока цена“.
Израел го обвини Хамас за прекршување на договорот за примирје, според кој сите заложници – живи и мртви – требало да бидат предадени до понеделник. Хамас предаде 20 живи заложници и девет тела, но тврди дека за другите му е потребна специјална опрема за пребарување под урнатините.
Министерот за одбрана Израел Кац порача дека ако Хамас не го почитува договорот, Израел во координација со САД ќе ја продолжи офанзивата до целосен пораз на организацијата.
Свет
Мерц предлага заем од 140 милијарди евра за Украина, обезбеден со рускиот замрзнат имот

Германскиот канцелар Фридрих Мерц најави дека на претстојниот самит на ЕУ ќе предложи Украина да добие заем од 140 милијарди евра, гарантиран со замрзнатиот имот на Руската централна банка.
Средствата би биле наменети исклучиво за финансирање на одбраната, а Киев би ги вратил дури по добивањето репарации од Русија.
Планот е усогласен со иницијативата на Урсула фон дер Лајен за користење на руските средства како гаранција, без директно задирање во нив.