Свет
Американската воена техника на сириските нафтени полиња води до ескалација
Концентрирањето воена техника од страна на САД на нафтените полиња во Сирији води кон ескалација на тензиите, вели заменик-шефот на руската дипломатија, Михаил Богданов, пренесува ТАСС.
„Не можеме да поздравиме такво нешто бидејќи тоа води кон дополнителна ескалација на тензиите“, рече тој.
Богданов потсети дека набргу ќе се одржи средба во рамките на астанскиот формат, на која ќе биде разгледано тоа прашање, како и целокупната ситуација во врска со прекинот на борбени дејства и незаконското воено присуство на разни страни.
„Од САД тврдат дека ги разместуваат своите сили за да се борат против Исламската држава, но со оглед на тоа дека во долината на Еуфрат нема терористи, се поставува прашањето зошто се тие таму“, вели тој.
Како што неодамна соопшти сириската државна телевизија, Американците ја концентрирале воената техника во областа на нафтените полиња во близина на градот Румејлана, во провинцијата Ел Хасака, на североистокот на Сирија. Според информациите, десетици единици техника се префрлени од американските позиции на северот од провинцијата Рака во западниот дел од провинцијата Ел Хасака.
Богданов нагласи дека природните ресурси треба да им припаѓаат на Сирија и сирискиот народ и треба да бидат контролирани од легитимната влада со оглед на тоа дека сите други прашања треба да бидат решени преку контакти меѓу самите Сиријци во Астана, Женева или кое било друго место.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Трамп: Луѓето што ги гледавме како идни лидери на Иран се мртви
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека постои голема неизвесност околу иднината на Иран по ескалацијата на војната на Блискиот Исток.
Тој рече дека дел од иранските функционери кои САД ги сметале за можни идни лидери на земјата загинале во заедничката американско-израелска кампања на бомбардирање.
„Повеќето луѓе што ги имавме на ум се мртви“, изјави Трамп на почетокот на средбата со германскиот канцелар Фридрих Мерц во Белата куќа. Тој додаде дека е можно новиот лидер на Иран да биде исто толку лош како врховниот лидер ајатолах Али Хамнеи, кој беше убиен во напад минатата сабота.
Коментарите на Трамп доаѓаат во момент кога израелските сили заземаат нови подрачја во јужен Либан и наредија евакуација на најмалку 80 либански села.
Израелската војска соопшти дека мерката има за цел да ги заштити израелските погранични градови од ракетните напади на Хезболах, милиција поддржана од Иран. Во исто време, израелски борбени авиони извршија силни воздушни напади во близина на Бејрут и иранскиот главен град Техеран.
САД ги затворија своите амбасади во Саудиска Арабија и Кувајт откако беа погодени со дронови и ги повикаа американските државјани веднаш да напуштат 14 земји на Блискиот Исток.
Иранската државна телевизија ИРИБ објави дека ирански дрон погодил област во близина на американскиот конзулат во Дубаи. Канцеларијата за медиуми на владата на Дубаи соопшти дека пожарот предизвикан од инцидентот со дрон е ставен под контрола и дека нема повредени.
Трамп изјави дека одлуката за воена операција била донесена за да се спречи можен напад од Иран.
„Преговаравме со тие луѓе, а моето мислење беше дека ќе нападнат први“, рече тој.
На прашањето дали Израел го притиснал да започне воена акција, Трамп одговори: „Ако ништо друго, можеби јас го поттикнав Израел“.
Американски официјални лица запознаени со разузнавачките податоци, сепак, велат дека Трамп ја преувеличил непосредноста на заканата од Иран.
Во официјалното известување испратено до Конгресот, Трамп наведе дека нападите врз Иран се изведуваат за заштита на САД, американските сили на Блискиот Исток и за одбрана на регионалните сојузници, меѓу кои и Израел.
Тој нагласи дека не постои временска рамка за завршување на воените операции.
„Иако САД се стремат кон брз и траен мир, во овој момент не е можно да се предвиди целосниот обем и траење на воените операции“, напиша Трамп во писмо до сенаторот Чарлс Е. Грасли, привремен претседател на Сенатот.
Од саботата, кога САД и Израел започнаа напад врз Иран, а Техеран возврати со стотици дронови и ракети, загинале повеќе од 800 луѓе, најмногу во Иран, но и на други места на Блискиот Исток.
Свет
Израелската војска: Од понеделникот погодени повеќе од 250 цели на Хезболах во Либан
Израелската војска соопшти дека почнала нов бран воздушни напади врз инфраструктура на Хезболах во либанската престолнина Бејрут.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) најавија дека дополнителни детали за нападите ќе бидат објавени подоцна. Пред ударите биле издадени предупредувања за евакуација на две згради во Бејрут.
Според ИДФ, од понеделникот, кога Хезболах се вклучил во конфликтот, израелските сили погодиле повеќе од 250 цели во Либан, од кои околу 100 во последните 24 часа.
Меѓу целите, како што тврди израелската војска, биле оперативци на милитантни групи, ракетни лансери, складишта за оружје и командни центри на Хезболах.
Во јужен Либан, според израелските процени, околу 300.000 цивили ги напуштиле своите села по наредбите за евакуација издадени од ИДФ. Во текот на ноќта биле издадени и нови предупредувања за евакуација за повеќе од десет населени места.
Фото: Depositphotos
Регион
(Видео) Српска инфлуенсерка од Дубаи: Се слушаат удари, некои луѓе не сфаќаат што се случува
Српските инфлуенсерки Сара и Ања Дамњановиќ се наоѓаат во Дубаи, каде, како што велат, изминатите денови се слушаат експлозии по нападите во регионот.
Сара во видео објава раскажа дека тие биле евакуирани од стан и се преселиле во хотел на понизок кат поради безбедност, пренесе „Б92“.
View this post on Instagram
„Последниот силен удар го слушнав вчера наутро и ме разбуди. Кога бевме на 24. кат, зградата се тресеше и се слушаше силен звук“, изјави таа.
Додава дека ситуацијата е различна во зависност од делот на градот – додека некаде се активираат аларми и има евакуации, на други места луѓето седат во кафулиња и сè изгледа нормално.
Инфлуенсерката вели дека лично не паничи, но е загрижена поради големиот број информации и лажни видеа што се шират на социјалните мрежи.
Таа опиша и момент кога, трчајќи кон гаража, видела што се случува на небото и дека хотел на околу два километри од нив бил погоден. И покрај тензијата, вели дека градот функционира релативно нормално, иако понекогаш сообраќајот кратко се прекинува по нападите.
Фото: Depositphotos

