Свет
Русија и Украина почнаа мировни преговори во Истанбул – Кремљ: Ќе бидат тешки
Русија и Украина денеска ја почнаа третата рунда директни мировни преговори во Истанбул, јавува руската новинска агенција ТАСС.
Делегациите на двете земји веќе пристигнаа во главниот град на Турција, но и двете страни предупредуваат дека разговорите нема да бидат лесни.
Од Кремљ порачаа дека процесот ќе биде сложен, а украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговите очекувања не се високи, бидејќи разговорите за прекин на огнот не се на дневен ред.
Според Зеленски, денешната средба треба да се фокусира на теми како враќањето на украинските воени заробеници и децата кои, како што тврди Киев, биле одведени од Русија. Покрај тоа, ќе се разговара и за можноста за организирање лидерска средба на претседателско ниво.
Претходните две рунди преговори, одржани во Истанбул на 16 мај и 2 јуни, не донесоа напредок во однос на прекин на огнот. Единствен резултат од тие средби беше договор за размена на заробеници и враќање на телата на загинатите војници.
Мировниот процес, според дипломатски извори, бил поттикнат и од американскиот претседател Доналд Трамп, кој неодамна јавно го критикуваше Кремљ за недоволен ангажман околу прекинување на војната, најавувајќи и нови санкции доколку нема резултати.
Украина бара итен и безусловен прекин на огнот како основа за натамошни разговори. Русија, пак, и натаму стои на своите барања – вклучувајќи целосно повлекување на украинските сили од источните територии што Москва ги анектираше.
Руската делегација повторно ја предводи претседателскиот советник и поранешен министер за култура, Владимир Медински. Од украинска страна, делегацијата ја води поранешниот министер за одбрана Рустем Умеров, кој сега е на чело на Советот за национална безбедност и одбрана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Заврши првиот ден од преговорите меѓу Украина, Русија и САД во Абу Даби
Украинскиот преговарачки тим го заврши првиот ден од трилатералните разговори со Русија и САД во Абу Даби, насочени кон решавање на руско-украинската војна, објави Дијана Давитјан, портпаролка на секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана Рустем Умеров, пренесува „Украинска правда“.
„Преговорите се завршени за денес“, рече Давитјан, додавајќи дека е закажано да продолжат утре.
Украинската делегација во Абу Даби ги вклучува Рустем Умеров; Кирил Буданов, шеф на претседателската администрација, и неговиот прв заменик Серхиј Кислица; Давид Арахамија, претседател на парламентарната група на партијата Слуга на народот; Андриј Хнатов, началник на Генералштабот на вооружените сили на Украина; и советник на кабинетот на претседателот Олександр Бевз.
Умјеров објави дека украинскиот тим планира и билатерален состанок со американската делегација, претставена од зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, и специјалниот пратеник Стив Виткоф. На состанокот ќе се разговара за документ за безбедносни гаранции и „план за просперитет“.
Трилатералните разговори во Обединетите Арапски Емирати се одржуваат по големиот руски напад врз Украина. По последните напади, претседателот Володимир Зеленски објави дека работата на украинската делегација во мировните преговори ќе биде прилагодена.
фото/епа
Свет
ЕУ одобри заем од 90 милијарди евра за Украина за одбрана и буџет
Земјите од ЕУ постигнаа договор за заем од 90 милијарди евра за покривање на финансиските и воените потреби на Украина за 2026 и 2027 година. Брисел има намера да ја изврши првата рата на почетокот на април за да обезбеди континуитет на странската помош за Киев, објави Euronews.
Амбасадорите на земјите-членки се согласија за правните текстови денеска попладне, откако Кипар, кој претседава со Советот, презентираше нова верзија на предлогот.
„Денешната спогодба покажува дека ЕУ продолжува решително да дејствува во поддршка на Украина и нејзиниот народ. Новото финансирање на помошта ќе обезбеди силна отпорност на земјата во услови на руска агресија“, рече кипарскиот министер за финансии Макис Керавнос.
Во исто време, додаде тој, испраќаме силна порака дека суверенитетот и територијалниот интегритет на државите мора целосно да се почитуваат, во согласност со меѓународното право.
Заемот од 90 милијарди евра, кој беше политички договорен на самитот во Брисел, ќе биде финансиран со издавање заеднички долг, а буџетот на ЕУ ќе дејствува како гаранција за инвеститорите. Според договорот, Унгарија, Словачка и Чешка ќе бидат целосно ослободени од сите финансиски обврски, вклучително и годишните плаќања на камати.
Европската комисија проценува дека преостанатите 24 земји-членки ќе мора да платат помеѓу 2 и 3 милијарди евра секоја година за покривање на поврзаните трошоци.
90-те милијарди евра ќе бидат поделени на два главни дела: 30 милијарди евра за буџетска поддршка и 60 милијарди евра за воена помош за купување оружје и муниција. Овој сооднос би можел да се промени ако заврши војната.
Парите ќе бидат исплатени постепено и ќе бидат предмет на строги услови. На пример, сите неуспеси во борбата против корупцијата во Украина би можеле да предизвикаат суспензија на помошта.
Од Украина ќе биде побарано да ги врати 90-те милијарди евра само под услов Русија да ја заврши војната и да се согласи да му ја надомести штетата на Киев. Со оглед на тоа што Москва експлицитно ја исклучи можноста за плаќање репарации, се очекува Брисел да ја одложи отплатата на долгот на неодредено време.
фото/Depositphotos
Свет
Руски напад врз пазар во Украина за време на утринската гужва, најмалку 7 убиени
Во руски напад врз градот Дружкивка во Донецката област што се случи утринава загинаа најмалку седум лица, а осум беа повредени, според првичните информации. Руските сили го нападнаа градот со касетна муниција и воздушни бомби, а пазарот беше директно погоден за време на утринската гужва, пишува „Украинска правда“.
Вадим Филашкин, началник на воената администрација на Донецката област, објави на социјалните мрежи дека руските сили го бомбардираа градот со касетна муниција. Градскиот пазар, каде што имаше голем број луѓе во утринските часови, беше директно погоден.
Филашкин истакна дека конечниот број на жртви во нападот сè уште не е потврден и најави дека ќе даде дополнителни информации за развојот на настаните. Според него, сите надлежни служби се на терен, им помагаат на повредените и работат на отстранување на последиците од нападот.
Градоначалникот додаде дека Русите фрлиле и две воздушни бомби врз Дружкивка. Нападите оштетиле индустриска зона, како и три станбени згради и три семејни куќи. Филашкин повторно го повика локалното население да се евакуира во побезбедни региони.

