Свет
Русија, Кина, Велика Британија, САД, Франција нема да го потпишат договорот за забрана на нуклеарното оружје

Русија, Велика Британија, Кина, САД и Франција во заедничката изјава во понеделникот истакнаа дека се противат на договорот за забрана на нуклеарно оружје и одбија да го потпишат, пренесува „Спутник“.
„Цврсто веруваме дека најдобриот начин да се постигне свет без нуклеарно оружје е преку постепен процес што го зема предвид меѓународното безбедносно опкружување. Овој докажан пристап кон нуклеарното разоружување даде видливи резултати, како големото намалување на глобалните резерви на нуклеарно оружје”, се вели во соопштението.
Петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН истакнаа дека договорот за забрана на нуклеарното оружје, кој беше изготвен на голема конференција во ОН на 7 јули 2017 година и допрва треба да биде ратификуван од големите сили, не се справува со клучните проблеми што му пречат на трајното нуклеарно разоружување, му противречи и ризикува да го поткопува договорот за неширење нуклеарно оружје (NPT).
„Овој договори ги игнорира меѓународниот безбедносен контекст и регионалните предизвици и не прави ништо за да ја зголеми довербата и транспарентноста меѓу државите, нема да резултира со елиминација на ниедно оружје, не ги исполнува највисоките стандарди за неширење и создава поделби во меѓународната машинерија за неширење и разоружување, кои понатаму можат да го отежнат разоружувањето”, се вели во соопштението.
Петте земји членки отидоа и чекор понатаму, повикувајќи ги оние кои размислуваат да го поддржат новиот договор да размислат за неговите последици врз меѓународниот мир и безбедноста.
„Ние нема да го поддржиме, потпишеме или ратификуваме договорот. Тој нема да биде обврзувачки за нашите земји и не прифаќаме никакво тврдење дека придонесува за развојот на обичајното меѓународно право, ниту, пак, поставува нови стандарди или норми. Ги повикуваме сите земји кои размислуваат да го поддржат овој договор сериозно да размислат за неговите импликаци во меѓународниот мир и безбедност”.
Наместо тоа, тие ветија дека ќе се посветат на договорот за неширење на нуклеарно оружје од 1968 година велејќи дека крајната цел е свет без нуклеарно оружје во услови на ненамалена безбедност за сите.
Таканаречениот Договор за забрана на нуклеарното оружје е првиот правно обврзувачки договор за забрана на нуклеарно оружје. Тој беше усвоен на 7 јули од повеќе од 120 земји членки на ОН. Документот забранува цела низа активности поврзани со нуклеарно оружје, вклучувајќи го и нивниот развој, производство и поседување.
Договорот беше отворен за потпишување на 20 септември во седиштето на ОН во Њујорк. Од 29 октомври 2018 година, 69 земји го потпишаа и 19 држави го ратификуваа договорот, но нуклеарните сили го бојкотираа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Курти за 1 септември: Обичен ден, а можеби и не

Косовскиот премиер Албин Курти тврди дека 1 септември ќе биде нормален ден. Тој вели дека не е загрижен оти 1 септември, кога му беше одложена одлуката за задолжително издавање на влезно-излезни документи, ќе биде нормален ден и не ја исклучува можноста за поинаков договор за време на претстојната средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Брисел.
„1 септември ќе биде нормален ден на граничните премини – или ќе издадеме документи за влез-излез или двете страни ќе ги откажат“ – рече Курти во интервју за Би-би-си на српски јазик.
Не исклучувајќи ја таа можност, Курти, кој изминативе денови дава бројни интервјуа за странски медиуми, вели дека се надева дека за тоа ќе разговара со претседателот Вучиќ како дел од „актуелната тема“.
На прашањето дали всушност ова е неговата преговарачка платформа за бриселските преговори, Курти тврди дека таков предлог веќе му дал на претседателот на Србија на средбата во рамките на иницијативата за соработка на регионалните лидери Брдо Бриони.
„Му реков – признајте ги документите на Косово, а тој ми рече дека тоа е неприфатливо бидејќи така ќе се признае независноста. Иако тоа би било добро, му реков дека не е точно – Словачка, Грција, Романија не ја признаваат независноста, но ги признаваат документите на Косово“ – вели Курти.
Приштина, вели тој, ќе ја продолжи кампањата за замена на регистарските таблички и тврди дека Белград е загрижен бидејќи мисли дека луѓето ќе го прифатат тоа.
Тој тврди дека замената на табличките е во корист на косовските Срби.
„Но, јасно ми е дека дури и кога ќе заврши процесот, тоа нема да биде крај – ни треба договор со Србија бидејќи сè е парцијално додека не постигнеме правно-обврзувачки договор за целосна нормализација на односите, врз основа на взаемно признавање“, смета Курти.
Европа
Шојгу: За да се постигнат целите во Украина нема потреба од нуклеарно оружје

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу вели дека се апсурдни изјавите на западните медиуми дека Русија наводно може да употреби хемиско оружје во Украина.
„Нема потреба од употреба на нуклеарно оружје во Украина за да се постигнат целите на специјалната операција“, изјави денеска Шојгу.
„Од воена гледна точка, нема потреба да се користи нуклеарно оружје во Украина за да се постигнат поставените цели“, рече Шојгу за време на Московската конференција за меѓународна безбедност, пренесува ТАСС.
Регион
Хрватот заробен во Украина се изјасни за невин и рече дека не се борел

Хрватот кој беше заробен во Украина се изјасни за невин пред судот во Доњецк, додека властите на таа самопрогласена република го обвинуваат дека учествувал во соборувањето на владата како украински платеник, а му се заканува смртна казна.
„Тој изјави дека неговите должности на бојното поле биле ограничени на следење на непријателските позиции и дека не учествувал во вооружени конфликти против руските сили. Последен пат пукал пред почетокот на војната во Украина“, јавуваат руските медиуми кои можат да го следат судењето, пренесе словенечката новинска агенција СТА.
Судот во отцепениот украински регион го почна судскиот процес против Хрватот, Швеѓанецот Матијас Густавсон и Британците Џон Хардинг, Ендрју Хил и Дилан Хили. Тие се обвинети за обид за „насилно преземање на власта или насилно задржување на власта“ и „учество во воен конфликт или воени операции како платеници“, пишува руска Известија, пренесе „Индекс“.
Интерфакс наведува дека следното рочиште ќе се одржи во октомври. Руските медиуми објавија видеа на кои се гледа дека обвинетите се во кафез во судот. Хрватска претходно најостро го осуди обвинението на Народна Република Доњецк против нивниот граѓанин.
Официјален Загреб „го отфрла обвинението и не го смета за основано и легално, бидејќи е спротивно на меѓународното право и меѓународните конвенции за третман на заробени цивили и воени затвореници“, објави Министерството за надворешни и европски работи на почетокот на овој месец.
Во Зрињевац рекоа дека се во континуиран контакт со украинските власти и други партнери со цел да се расветли случајот и да се ослободи Хрватот заробен во Украина, како и дека се во контакт со неговото семејство.