Свет
Саудиска Арабија го менува законот за алкохол по 73 години
Саудиска Арабија ќе почне да дозволува продажба и ограничена потрошувачка на алкохол преку строго регулиран систем за лиценцирање од 2026 година како дел од подготовките за домаќинство на големи меѓународни настани, вклучувајќи ги „Експо 2030“ и Светското првенство во фудбал во 2034 година, објавија саудиските медиуми.
Забраната за алкохол во Саудиска Арабија е во сила од 1952 година и важи и за локалното население и за странците.
Според „Саудимоментс.ком“, новиот режим ќе опфати приближно 600 локации во целата земја, вклучувајќи хотели со пет ѕвезди, луксузни одморалишта, дипломатски зони и туристички проекти, како што се Неом, островот Синдала и проектот „Црвено Море“.
На објектите што ќе имаат дозвола ќе им биде овозможено да служат пиво и вино, но пијалаците со повеќе од 20 проценти алкохол – како што се жестоките – ќе останат забранети.
Алкохолот нема да биде достапен во домовите, јавните површини, продавниците или за лично производств, бидејќи политиката е ограничена на области првенствено наменети за меѓународни посетители и иселеници.
Продажбата ќе биде дозволена само во овластени објекти, со лиценциран персонал и јасно дефинирани процедури. Службениците нагласуваат дека правилата се дизајнирани да обезбедат одговорна потрошувачка и да го зачуваат јавниот ред во согласност со локалните норми.
Системот за лиценцирање е дел од националната иницијатива „Визија 2030“, со која Саудиска Арабија сака да ја диверзифицира економијата и да развие сектори, како што се туризмот, забавата и угостителството. Властите очекуваат новата политика да придонесе за создавање работни места и привлекување меѓународни инвестиции, особено во секторите за угостителство и управување со настани.
Неколку глобални хотелски синџири веќе ги приспособуваат своите планови пред стапувањето во сила на новите регулативи.
Сепак, регулацијата и надзорот ќе останат клучни, а секое кршење или злоупотреба на правилата ќе биде санкционирано. Според владини претставници, целта е оваа промена да се спроведе на начин што ќе ги поддржува економските цели, а воедно ќе го зачува националниот идентитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Москва му одговори на Макрон: Разговори – да, но со љубезни и пристојни луѓе
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Владимир Путин е подготвен за разговори, но само со „љубезни и пристојни луѓе“, одговарајќи на изјавите на францускиот претседател за потребата од дијалог со Москва.
„Нашиот претседател повеќепати истакнуваше дека секогаш е отворен за контакт, но со разбирање дека тоа ќе бидат љубезни луѓе со одредено основно ниво на пристојност“, изјави Лавров, потсетувајќи на острите изјави на Емануел Макрон, кој претходно ја нарече Русија, а лично и Путин, „единствениот злосторник“ во сегашниот конфликт.
Лавров претходно изјави и дека лидерите на Европската Унија се однесуваат непристојно, обидувајќи се да им диктираат на Кина и Индија дали треба да одржуваат контакти со Русија. Тој нагласи дека Москва го почитува правото на сите држави самостојно да ги одредуваат своите партнери, што, како што рече, е целосно во согласност со принципите на суверена еднаквост од Повелбата на Обединетите нации.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека дошло време тој и европските лидери повторно да воспостават дијалог со рускиот претседател Владимир Путин, пишува весникот „Фигаро“.
Фото: Depositphotos
Свет
Зеленски во Варшава: ЕУ донесе клучна одлука за поддршка на Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во Варшава истакна дека Европската Унија донела клучна одлука за финансиска помош за Украина, и покрај обидите на Русија да ја осуети.
„Русија направи сè за да ја осуети одлуката на лидерите на ЕУ за финансиските потреби на Украина, но во тоа не успеа“, изјави Зеленски.
На заедничката прес-конференција со полскиот премиер Доналд Туск, тој нагласи дека Полска има големи заслуги за позитивната одлука на Европската Унија и дека украинскиот народ ѝ е благодарен на полската држава.
„Одлуката што ја донесоа европските лидери сега е најважна. Секако, Русија навистина сакаше да го наруши, откаже или одложи овој состанок. Европа покажа лидерство по ова прашање, што е исклучително важно, заземајќи цврст и решителен став. Ви благодарам што нè поддржувате и што продолжувате да нè поддржувате“, рече Зеленски, обраќајќи му се на Туск.
Како што истакна украинскиот лидер, Полска секогаш била на страната на Украина кога се избирало меѓу исправни и погрешни одлуки.
„Би сакал да ја искористам оваа можност да му се заблагодарам на полскиот народ за значајната поддршка што ѝ ја даде на Украина од самиот почеток на оваа војна. Сметавме на вашата помош и и понатаму сметаме на неа“, нагласи Зеленски.
Тој додаде дека, и покрај одредени тешкотии, особено поради историскиот контекст на билатералните односи, Украинците и Полјаците мора да се разбираат меѓусебно.
„И ние тоа го правиме и ќе се разбираме уште подобро отколку што се разбираме во денешните односи“, истакна Зеленски.
Сумирајќи ја посетата на Варшава, украинскиот претседател ги оцени како многу важни средбите со својот полски колега Карол Навроцки и со претставници на полскиот парламент. Според него, „најстрашното за Русија е тоа што двете земји стојат заедно“.
„Кога нашите земји се заедно, нема да можат да нè победат. Имаме многу добри односи и одлуки. Ставот што Полска го покажа во контекст на Украина е исклучително важен и дополнително го зајакнува нашето пријателство“, нагласи Зеленски.
По разговорите со Навроцки, Зеленски изјави дека денешната посета на Полска ќе отвори нова страница во односите меѓу двете земји.
Свет
Рубио: САД ништо не наметнуваат, не можеме да ги принудиме ниту Киев ниту Москва на договор
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека во мировните преговори за Украина не се наметнува договор и дека и Киев и Москва мора самите да сакаат да постигнат спогодба.
„На крајот, на нив е да постигнат договор. Не можеме да ја принудиме Украина, ниту Русија. Тие тоа мора да го сакаат“, рече Рубио, додавајќи дека има напредок, но дека остануваат тешки прашања.
Украинските преговарачи во петок започнуваат нова рунда разговори со американскиот тим, а претставници на Белата куќа планираат разговори и со руската делегација во Мајами. Рубио најави дека би можел да се приклучи на дел од тие разговори.
Осврнувајќи се на Блискиот Исток, Рубио предупреди дека „нема да има мир во Газа без разоружување на Хамас“, нагласувајќи дека стабилен мир не е можен доколку Хамас остане во позиција да го загрозува Израел.
Depositphotos

