Свет
Семејствата на заложниците се задоволни од договорот за прекин на огнот, но стравуваат од можноста да не биде целосно имплементиран
Семејствата на израелските заложници со радост и олеснување ја дочекаа веста за договорот помеѓу Израел и Хамас со кој ќе се ослободат 33 лица кои се држат во заложништво во Газа.
„Сакаме да ја изразиме нашата длабока благодарност до новоизбраниот претседател Трамп, претседателот Бајден, двете администрации и меѓународните посредници што го овозможија тоа“, се вели во соопштението на Форумот за заложници и исчезнати семејства.
„Од ноември 2023 година, со нетрпение го очекуваме овој момент, а сега, по повеќе од 460 дена од држењето на членовите на нашето семејство во тунелите на Хамас, ние сме поблиску од кога било до повторното обединување со нашите најблиски“.
„Ова е значаен чекор напред што нè приближува до враќањето на сите заложници – живите за да заздрават и починатите за достоинствено да бидат погребни. Сепак, длабока вознемиреност и загриженост нè придружуваат во врска со можноста договорот да не биде целосно имплементиран, оставајќи уште заробени заложници. Итно повикуваме на брзи подготовки за да се обезбеди спроведување на сите фази од договорот“, се вели во соопштението.
„Нема да се одмориме додека не го видиме последниот заложник дома“, се додава.
Договорот за прекин на огнот вклучува три фази, од кои во првата се очекува да бидат ослободени 33 израелски заложници. Претседателот на САД, Џо Бајден, изјави дека во следните месеци додека се спроведува првата фаза од договорот, ќе се преговара за втората која би можела да значи ставање целосен крај на војната и ослободување на останатите лица, како и пренесување на смртните останки, во третата фаза, на оние кои го загубија животот во заложништво додека траеа борбите во Газа.
Првата фаза од договорот ќе трае 42 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Санчез: Трамп игра „руски рулет“ со животите на милиони луѓе
Шпанскиот премиер Педро Санчез повторно се спротивстави на нападите врз Иран што ги изведуваат САД и Израел, предупредувајќи дека со тие потези се „игра руски рулет со животите на милиони луѓе“.
Санчез се обрати откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани со прекин на трговијата со Шпанија поради ставот на Мадрид за конфликтот.
„Така почнуваат големите катастрофи на човештвото. Не може да се игра руски рулет со судбината на милиони луѓе“, изјави Санчез во телевизиско обраќање.
Тензиите меѓу двата сојузника во НАТО се зголемија откако Санчез го осуди американско-израелското бомбардирање на Иран, нарекувајќи го непромислено и незаконско. Шпанија потоа забрани користење на американски авиони од поморските и воздушните бази во јужниот дел на земјата за напади врз Техеран.
Санчез порача дека светот не може да ги решава проблемите со конфликти и бомби и нагласи дека ставот на шпанската влада може да се сумира со зборовите „не за војна“.
„Нема да бидеме соучесници во нешто што е лошо за светот и спротивно на нашите вредности и интереси само за да избегнеме одмазда“, изјави шпанскиот премиер.
Тој потсети и на последиците од американската инвазија на Ирак во 2003 година, која доведе до пораст на тероризмот и на цените на енергијата, додавајќи дека причините и последиците од нападот врз Иран исто така се нејасни.
Шпанскиот министер за надворешни работи Хосе Мануел Албарес изјави за шпанската телевизија ТВЕ дека нападот врз Иран нема цел да воспостави демократија и нагласи дека Шпанија е суверена држава која одлуките ги носи во согласност со меѓународното право.
Свет
Советник на иранскиот лидер: Нема преговори со САД, ќе војуваме колку што сакаме
Иран нема намера да преговара со Соединетите Американски Држави и нема никакви контакти со Вашингтон, изјави за иранската државна телевизија Мохамад Мохбер, висок советник на покојниот врховен лидер на Иран.
Мохбер, кој претходно беше вршител на должноста претседател на Иран и прв потпретседател на државата, истакна дека Техеран нема доверба во САД.
„Немаме доверба во Американците и немаме никаква основа за преговори со нив“, изјави тој.
Додаде дека Иран е подготвен да ја продолжи војната „колку што долго сака“.
Свет
Европски стравувања: Фокусот на САД кон Иран може да ја намали помошта за Украина, објави „Политико“
Европските официјални лица стравуваат дека американскиот фокус на конфликтот со Иран може да го намали вниманието и воената поддршка за Украина, што би можело да ја отежни нејзината одбрана од руските напади, објави бриселскиот „Политико“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека долготраен конфликт на Блискиот Исток може да го ограничи пристапот на Украина до американските системи за противвоздушна одбрана и други клучни ресурси.
Според официјални лица, САД веќе употребиле големи количини ракети и пресретнувачи во операциите против Иран, што може да влијае врз резервите на оружје во Европа и Украина.
Европските влади, кои немаат доволно резерви, се обидуваат да развијат сопствени воени капацитети и да продолжат да ја поддржуваат Украина, но тој процес може да трае со години. Зеленски изјави дека Украина ќе користи домашни ресурси и финансирање за да го надомести евентуалниот недостиг.
Кризата веќе влијае и врз плановите на Европската унија. Состанок поврзан со украинското членство, кој требало да се одржи на Кипар, бил одложен по напад со ирански дрон врз британска воздухопловна база на островот.
Во меѓувреме, САД и Израел извршија напади врз Иран, меѓу кои и ликвидацијата на врховниот лидер Али Хамнеи, што според проценките го ослабува Иран како снабдувач на руската воена опрема.
Украински официјални лица сметаат дека американските операции против Иран индиректно може да ѝ помогнат на Украина, бидејќи го намалуваат пристапот на Русија до ирански дронови и технологија.
Сепак, украински пратеници предупредуваат дека продолжената кампања на САД и Израел против Иран може да го забави напредокот на мировните преговори со рускиот претседател Владимир Путин.

