Свет
СЗО: Ширењето на мајмунските сипаници може да се контролира со правилни мерки

Невообичаеното ширење на вирусот на мајмунска сипаница лесно може да се спречи со правилни мерки, изјави шефицата на одделот за пандемија при Светската здравствена организација (СЗО), Силви Брајан.
СЗО предупредува дека 200 случаи на мајмунски сипаници регистрирани во последните недели во светот, надвор од земјите каде што често циркулира вирусот, би можеле да бидат само почеток, пренесе лондонскиот дневен весник „Гардијан“.
„Не знаеме дали го гледаме само врвот на ледениот брег, т.е. дали има уште многу случаи кои не се откриени “, рече Брајан на брифингот во петокот.
Откако Велика Британија првпат го откри случајот со мајмунска сипаница на 7 мај, речиси 200 заразени лица се пријавени во СЗО од земји далеку од оние каде што вирусот е ендемичен, а Европскиот центар за превенција и контрола на болести процени 219 такви случаи.
Случаи на зараза со вирусот на мајмунска сипаница се откриени во повеќе од 20 земји ширум светот, вклучувајќи ги САД, Австралија, Обединетите Арапски Емирати и речиси десетина други земји од Европската унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Генчовска: Имаме џентлменски договор со Османи, протоколите се прецизирани, нема да ги отвораме текстовите

Бугарија ќе преземе мерки против говорот на омраза што деновиве се случува Македонија, како што секогаш правиме, изјави бугарската министерката за надворешни работи во оставка Теодора Генчовска.
Генчовска рече дека ќе биде врачена нота, пренесе БГНЕС.
На прашањето дали се прецизирани протоколите и кога бугарското општество може да се запознае со нив, Генчовска одговори: „Имаме џентлменски договор со министерот за надворешни работи на РСМ Бујар Османи дека протоколите се затворени. Се надевам дека ќе се придржува до тоа, јас се придржувам до тоа. Нема да ги отвораме текстовите. Бидете сигурни дека тие целосно го гарантираат националниот интерес и целосно ги почитуваат одлуките на Народното собрание“, нагласи таа.
Генчовска изјави дека Скопје е заинтересирано работите да се случуваат многу брзо, бидејќи многу земји членки на ЕУ веќе зборуваат за одвојување на Северна Македонија од Албанија. „Топката е директно во теренот на PCM“, рече таа. На прашањето дали Бугарија е заинтересирана за одвојување на двете земји на нивниот пат кон ЕУ, шефицата на бугарската дипломатија рече дека процесот се базира на конкретни резултати.
„Ја поддржуваме Албанија, и покрај изјавите што ги гледаме од албанските власти во последно време. На крајот ќе одлучат земјите-членки“, рече Генчовска.
Регион
Албанија ги укинува царините за стоки од Македонија, Србија и од Косово

Албанската влада одлучи да ги укине царинските тарифи за стоки што минуваат на албанските гранични премини по потекло од Србија, Косово и од Македонија.
Одлуката дојде како последица на решителноста на земјата во процесот „Отворен Балкан“ и помошта што членовите на иницијативата мора да си ја дадат меѓусебно во кризата на високите цени.
Иако Приштина не е дел од оваа иницијатива, Министерството за финансии во Тирана одлучило за нејзино вклучување врз основа на договорот за меѓусебно отстранување на царинските бариери, јавуваат медиумите во Тирана.
Надоместоците за паркирање возила, печатирање стока и нивно мерење повеќе нема да се наплаќаат.
Медиумите во Тирана наведуваат дека Албанија во првите пет месеци од годинава на косовскиот пазар извезла стока во вредност од 132 милиона евра. 100 милиони во Србија и 62 милиона во Македонија.
Регион
Европскиот парламент со резолуција побара Србија да го признае Косово, Вучиќ одговори

Членовите на Европскиот парламент (ЕП) усвоија резолуција во Стразбур, во која се наведува дека напредокот на Србија кон ЕУ директно ќе зависи од зајакнувањето на владеењето на правото, нормализирањето на односите со Косово и усогласувањето со европската надворешна и безбедносна политика, што вклучува воведување санкции против Русија.
Резолуцијата беше усвоена на пленарната седница на ЕП со 523 гласа „за“, 78 „против“ и 34 воздржани.
Со резолуцијата Европскиот парламент првпат ги повикува Србија и Косово да постигнат договор за нормализација на односите врз основа на заемно признавање.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека нема ни да го разгледа барањето на Европскиот парламент за Косово.
Тој кажа како Србија ќе одговори:
„Убаво, пристојно и учтиво – нема. Можеме ли да направиме нешто попристојно? Не ни паѓа на памет. Можеме ли да направиме нешто уште попристојно? Нема ни да разгледуваме“, беше јасен Вучиќ.
На прашањето дали ќе се согласи да оди на дијалог со Албин Курти, Вучиќ рече дека би сакал, но дека никој не му се јавил и дека не гледа смисла во тоа.