Свет
Сијарто: Безбедноста на Европа ја гарантира НАТО, а не Украина
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто остро ги критикуваше изјавите на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, дека Русија би можела да биде подготвена да го нападне НАТО во рок од пет години, оценувајќи ги како „непромислени“.
„Марк Руте даде неколку непромислени изјави, тврдејќи дека ‘ние’ сме следната цел на Русија и дека безбедноста на Украина е наша безбедност“, напиша Сијарто на социјалната мрежа Икс. Тој додаде дека секој што сѐ уште се сомнева дали „здравиот разум целосно исчезнал“ во Брисел, треба да биде убеден од ваквите изјави.
Сијарто нагласи дека Унгарија, како членка на НАТО, одлучно ги отфрла овие тврдења, посочувајќи дека безбедноста на европските земји ја гарантира НАТО, а не Украина, која, како што рече, се бори за сопствената безбедност.
Тој оцени и дека изјавите на Руте се знак дека Брисел се поставил против мировните напори на американскиот претседател Доналд Трамп, додавајќи дека ваквите изјави се „неодговорни и опасни“.
Руте, пак, во четвртокот предупреди дека Русија би можела да биде подготвена да употреби воена сила против НАТО во рок од пет години, повикувајќи ги сојузниците да ги зголемат трошоците за одбрана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ердоган по разговорите со Путин: Мирот во Украина не е далеку
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека мирот во Украина е остварлив и дека наскоро може да се види, по дипломатските напори во кои се вклучени Москва и Вашингтон.
По разговорите со рускиот претседател Владимир Путин во Туркменистан, Ердоган рече дека Анкара се надева на соработка и со американскиот претседател Доналд Трамп за разгледување на можен мировен план.
„По средбата со Путин, се надеваме дека ќе имаме можност да разговараме за мировниот план и со претседателот Трамп. Мирот не е далеку, можеме да го видиме“, изјави Ердоган.
Тој нагласи дека Путин и другите актери добро го знаат ставот на Турција во однос на војната и мировните напори и додаде дека Анкара позитивно гледа на дијалогот што го иницирал Трамп.
Ердоган предупреди и дека Црното Море не треба да стане арена на ривалства, истакнувајќи дека безбедноста и слободата на пловидба се од заеднички интерес за сите страни.
Фото: depositphotos
Свет
20 американски сојузни држави поднесоа тужба поради одлуката на Трамп за визите
Калифорнија и уште 19 американски сојузни држави поднесоа тужба со која бараат да се блокира воведувањето надомест од 100.000 долари за H-1B работни визи, што го наметна американскиот претседател Доналд Трамп.
Тужбата е поднесена до федерален суд во Бостон и е трета по ред со која се оспорува оваа мерка, најавена во септември, со која значително се зголемуваат трошоците за добивање на H-1B визи. Во моментов, работодавачите плаќаат меѓу 2.000 и 5.000 долари по вработен за оваа виза.
Од канцеларијата на државниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта, соопштија дека Трамп нема законски овластувања да воведе ваков надомест и дека тоа е спротивно на федералниот закон, кој дозволува наплата само на трошоци неопходни за администрирање на визите.
H-1B програмата им овозможува на американските компании да вработуваат странски работници во специјализирани области, а технолошката индустрија, особено во Калифорнија, во голема мера се потпира на овие визи. Според Бонта, надоместот од 100.000 долари би создал дополнителен финансиски товар за секторите како образованието и здравството и би го влошил недостигот од работна сила.
На тужбата, покрај Калифорнија, се приклучија и државите Њујорк, Масачусетс, Илиноис, Њу Џерси и Вашингтон. Белата куќа, пак, соопшти дека мерката е законска и дека ќе спречи злоупотреби на H-1B програмата.
Регион
(Видео) Голем пожар во Хрватска: Над 60 пожарникари на терен, се слушале експлозии
Пожарот што синоќа избувна во објект на хрватската компанија „ЦИАК“ во Забок, која складира и третира опасен отпад, е ставен под контрола, соопшти претседателот на Противпожарната заедница на Крапинско-загорската жупанија, Стјепан Скулибер, пренесе Танјуг.
„Пожарот сè уште не е целосно изгаснат, но е под контрола. На терен останаа седум пожарникари со три возила, а во текот на утрото ќе продолжи догасувањето и внатре во објектот“, изјави Скулибер.
Тој потврди дека вработени од Наставниот завод за јавно здравје „Д-р Андрија Штампар“ извршиле мерења на квалитетот на воздухот на местото на пожарот и во околните населени места Забок, Орославје и Велико Трговишче, а резултатите се очекуваат во текот на денот.
Околу 3:30 часот наутро, жителите на Хрватско Загорје добиле предупредувачка порака преку системот HR112 ALERT за потенцијална опасност поради пожарот во компанијата ЦИАК од Забок.
Компанијата во индустриската зона располага со хали и погон за рециклирање акумулатори, а локалните медиуми објавија дека на терен биле ангажирани повеќе од 60 пожарникари. Според порталот Zagorje.com, целата зграда била зафатена од оган и се слушале експлозии, при што станува збор за објект во кој се складира опасен хемиски отпад.
На местото на настанот пристигнала и градоначалничката на Забок, Валентина Ѓурек, која изјави дека дел од конструкцијата веќе е урната, но дека во тој момент немала дополнителни информации.
Од полицијата за Хина изјавиле дека пожарникарите интервенираат и дека засега не можат да дадат повеќе детали. Хрватските медиуми наведуваат дека во гаснењето учествувале пожарникари од јавната пожарникарска станица на Загорје и уште осум доброволни противпожарни друштва од околината.

