Свет
Советникот на Трамп ја напушта функцијата

Советникот за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, Мајк Волц и неговиот заменик Алекс Вонг ќе ги напуштат своите позиции, соопштија извори запознаени со ова прашање, во првата значајна промена во внатрешниот круг на Трамп по преземањето на функцијата во јануари.
Волц, 51-годишен поранешен републикански претставник од Флорида, беше цел на критики во Белата куќа откако беше фатен во мартовски скандал со групен разговор на апликацијата Сигнал меѓу врвни соработници за национална безбедност на Трамп.
Волц утрово се појави на американската телевизија во улога на советник за национална безбедност, зборувајќи за Украина и порача дека е време Русија да се доведе на преговарачка маса, пренесува Скај.
Иако Мајк Волц помина 102 дена на функцијата, некои функционери од претходните фази на администрацијата на Трамп не издржаа дури ни втората недела.
Ентони Скарамучи беше отпуштен по само 10 дена како директор за комуникации за време на првиот мандат на Доналд Трамп.
Трамп одлучи да го отпушти Скарамучи откако во интервју за магазинот „Њу Јоркер“ го опиша тогашниот шеф на кабинетот на Белата куќа Рајнс Прибус како „параноичен шизофреник“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Зеленски: Договорот за минералите е прв резултат од мојата средба со Трамп во Ватикан

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, денеска го нарече историски договорот за минерали меѓу САД и Украина.
„Ова е првиот опиплив исход од средбата во Ватикан, што навистина го прави историски“, објави Зеленски, осврнувајќи се на разговорот со американскиот претседател, Доналд Трамп, на маргините на погребот на папата Франциско во саботата.
Договорот наскоро треба да биде ратификуван од украинскиот парламент.
Според договорот, Украина ќе обезбеди вредни природни ресурси за да може Вашингтон да продолжи да го поддржува Киев во одбраната на земјата од руската инвазија.
„Договорот значително се промени за време на подготвителниот процес. Сега станува збор за навистина еднакво партнерство, кое создава можности за значителни инвестиции во Украина и значајна модернизација на украинските индустрии и, што е подеднакво важно, нејзините правни практики“, рече Зеленски во неговото вечерно обраќање.
„Договорот не предвидува задолжување. Тој предвидува формирање фонд за реконструкција кој ќе инвестира во Украина и ќе генерира профит. Тоа значи дека ќе работиме заедно со Америка, врз основа на фер услови, обезбедувајќи Украина и САД, кои ни помагаат во одбраната, да заработат пари во ова партнерство“, рече Зеленски.
Договорот, како што додаде, е клучен и за напорите на Киев да ги поправи односите со Трамп и Белата куќа, кои се влошија откако тој ја презеде функцијата во јануари.
Свет
Експлозија во теретана во Виена, повредени пожарникари

ЕНеколку лица се повредени по експлозија, а потоа и пожар во теретана во Виена.
Се сомнева дека експлозијата се случила во сауната на теретаната.
Набргу по експлозијата избувнал пожар.
На местото на настанот брзо пристигнале пожарникарите и брзата помош. Пожарникарите успеале да влезат во салата, а недолго потоа дошло до експлозија. Притисокот од експлозијата оддалечил двајца пожарникари и тие потоа биле повредени.
Друга екипа на пожарникари успеала навреме да го запре пожарот.
Свет
(Видео) Турската полиција на нозе: приведени 384 лица по судирите на протестите

Турската полиција приведе 384 лица кои учествуваа на денешните првомајски собири по судирите со полицијата поради забраната за јавни собири на плоштадот Таксим, соопшти Кабинетот на гувернерот на Истанбул.
Демонстрантите се обидоа да маршираат кон централниот градски плоштад Таксим и беа блокирани и туркани од полицијата, што доведе до судири додека демонстрантите се обидоа да ги пробијат барикадите, објави Ројтерс.
people who carried out a labor day protest in Turkey are detained. Lawyers who come to defend people are not taken to courthouse. Lawyers in Turkey are not taken to the courthouse #ViolenceInTaksim pic.twitter.com/lVWUmGfTot
— T26 (@sendevletmis_26) May 1, 2025
На видеата се гледаат судири меѓу полицијата во антидемонстративна опрема и насобраниот народ.
Синдикатите и невладините организации повикаа на протести и марш во Истанбул, каде во последните недели имаше масовни демонстрации поради приведувањето на градоначалникот и главниот политички ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Екрем Имамоглу.
Илјадници луѓе се собраа денеска во Анкара на главно мирни маршеви и демонстрации, а собири се одржаа и во други турски градови.