Свет
Сојузник на Путин: Украина под Зеленски нема право да постои како држава
Виктор Медведчук, олигарх близок до рускиот претседател Владимир Путин и поранешен украински парламентарец, изјави за руската државна новинска агенција ТАСС дека Украина „под терористичкиот режим на Володимир Зеленски нема право да постои како држава“.
Неговата изјава следеше по наводниот украински напад врз кафуле и хотел во окупираниот дел од Херсонската област. Прорускиот гувернер на Херсонската област, Владимир Салдо, изјави дека повеќе од 24 лица се убиени во напад со беспилотно летало врз кафуле и хотел, каде што цивилите ја славеле Новата година.
Медведчук тврди дека ова е кршење на нормите на меѓународното право и антитерористичките конвенции на Обединетите нации.
„Група луѓе предводени од Володимир Зеленски, кои ја узурпираа власта во Украина, прибегнаа кон извршување терористички акти на територијата на Руската Федерација, поврзани со намерно убивање на цивилното население. Ова е државен тероризам, а самата држава е терористичка“, рече тој.
Тој додаде дека „таква држава нема право да постои“.
„Треба да биде уништена, а украинскиот народ треба сам да одлучи за својата иднина“, нагласи тој.
Херсон е еден од четирите региони во Украина што Русија ги смета за свои, што Киев и повеќето западни земји го осудија како нелегално одземање територија.
Медведчук беше еден од највлијателните проруски актери во Украина и со години се залагаше за посилни политички и економски врски со Москва. Во Украина, тој водеше партија и политички блок што отворено се спротивставуваше на приближувањето кон Европската Унија и НАТО.
По руската инвазија на Украина во 2022 година, тој беше уапсен под обвинение за велепредавство и соработка со Русија. Подоцна беше разменет како дел од размена на затвореници и преместен во Русија. Денес, тој работи од Русија како еден од главните пропагандни гласови на Кремљ против украинските власти.
фото/ЕПА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шпанскиот министер повика на создавање единствена европска армија
Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, изјави дека Европа треба да има своја армија.
„Мислам дека е време Европа да ја земе својата судбина и својот суверенитет во свои раце“, изјави Албарес на маргините на Светскиот економски форум.
Тој објасни дека ова значи отстранување на сите бариери за единствениот пазар и обезбедување сигурни трговски партнери во време на сè почести дискусии за царините. Тој додаде дека Европа мора да има и своја одбрана – да ја земе безбедноста во свои раце, да ги поврзе одбранбените индустрии и да се движи кон создавање европска армија.
Свет
Спречен напад врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германската полиција спречила напад на еколошки активисти врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц во еден хангар во градот Арнсберг, соопшти државното обвинителство.
Според соопштението, „полицијата во ноќта од среда кон четврток спречила три лица во обид да го оштетат приватниот спортски авион на претседателот на германската влада“.
Во соопштението на групата која ја презела одговорноста за обидот за напад се наведува дека три лица, на возраст од 23, 28 и 56 години, неовластено влегле во просторот на аеродромот Арнсберг-Менден, но полицијата спречила оштетување на авионот кој се наоѓал во еден од хангарите.
Меѓу приведените активисти е и познатата германска климатска активистка Ања Виндл. По акцијата, со соопштение се огласи и групата „Отпор колектив“, која ја презеде одговорноста за обидот за напад.
„Ние се обидовме, во рамки на протест, да го оневозможиме приватниот авион на канцеларот Фридрих Мерц. Додека климатската криза ескалира, германскиот канцелар се движи наоколу со приватен авион“, стои во соопштението на групата.
Свет
Макрон: Отворени сме за учество во дополнителни мисии на НАТО
Пред медиумите се обрати францускиот претседател Емануел Макрон, кој и натаму носеше очила за сонце за да прикрие инфекција на окото.
Тој изјави дека денешниот самит покажува единство во поддршката за Данска, нејзиниот територијален интегритет и суверенитет.
„Кога Европа е обединета, силна и реагира брзо, работите се враќаат во нормала и се смируваат“, наведе Макрон.
Додаде дека Европа мора да остане „на штрек“ и да продолжи да дејствува „обединето“, покажувајќи дека има „инструменти на располагање“ за, во случај на закани, да „наметне почит“.
Макрон исто така нагласи дека Франција е отворена за учество во дополнителни мисии на НАТО, најверојатно во арктичкиот регион.
Фото: ЕПА

