Свет
Сојузниците на Киев ја одложија одлуката да и’ се дозволи на Украина да користи ракети со долг дострел
Британскиот премиер, Кир Стармер, и американскиот претседател, Џо Бајден, ја одложија одлуката да и’ се дозволи на Украина да користи ракети со долг дострел што ги добила од западните земји за напад на руска територија – план што предизвика сериозни закани од Москва.
Стармер им рече на новинарите во Белата куќа дека разговаралe со Бајден, но состанокот не бил по тоа конкретно прашање, објави „Гласот на Америка“.
Пред состанокот, официјалните лица најавија дека Стармер ќе го притисне Бајден да го поддржи неговиот план да ги испрати британските ракети „Сторм шедоу“ во Украина за таа да може да изврши удари подлабоко во Русија, бидејќи расте загриженоста на сојузниците за ситуацијата на руско-украинското бојно поле.
Сепак, Стармер посочи дека ќе разговара за планот со Бајден на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк следната недела, со „поголема група поединци“.
Двајцата лидери велат дека разговарале и за војната во Газа. Велика Британија неодамна ја суспендираше испораката на оружје за Израел поради стравување дека може да се користи во ситуации кои би го прекршиле меѓународното хуманитарно право.
САД, кои се главниот воен и дипломатски сојузник на Израел, сè уште не се решиле на тој чекор.
Бајден и Стармер рекоа дека се „цврсто посветени“ на Израел, но ја истакнаа потребата да се постигне договор за прекин на огнот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Одложен состанокот на министрите на ЕУ во Кипар поради нападот со беспилотно летало
Состанокот на министрите за европски прашања на земјите-членки, кој требаше да се одржи денес и утре на Кипар, е одложен поради нападот со беспилотно летало врз британската база Акротири на тој остров, објави кипарското претседателство.
„Во раните утрински часови имавме еден, изолиран инцидент со беспилотно летало насочено кон британската база во Акротири, Кипар, со ограничена штета. Точното потекло на беспилотното летало моментално се проверува, но е потврдено дека Република Кипар не била цел на нападот“, објави портпаролката на кипарското претседателство.
Со оглед на овој неочекуван развој на настаните, кој за жал влијаеше на денешните летови до Кипар, кипарското претседателство одлучи да го одложи неформалниот состанок на Советот за општи работи.
Советот за општи работи, кој е составен од министрите на ЕУ од земјите-членки, требаше да разговара за предлогот за повеќегодишен буџет за периодот 2028-2034 година, борбата против манипулацијата со информации и мешањето од трети земји и проширувањето на ЕУ.
На состанокот беа поканети и министри од земјите-кандидатки.
Кипар, кој беше британска колонија до 1960 година, е дом на две бази – Акротири и Декелија – кои имаат статус на британски прекуокеански територии. Британците ги задржаа овие две бази според договорот за независност на Кипар од 1960 година.
фото/Depositphotos
Свет
Катар ги прекина односите со Иран по нападот
Катар ги прекина односите со Иран по нападот, соопшти Министерството за надворешни работи на таа земја.
Портпаролот изјавил за Си-Ен-Ен дека Иран гаѓал цивилна инфраструктура во Катар, вклучително и меѓународниот аеродром, како и дека катарските борбени авиони собориле дронови и други проектили.
„Ваков напад не може да помине без одмазда“, рекол тој, додавајќи дека Иран мора да ја плати цената за овој очигледен напад врз нивниот народ.
Фото: Depositphotos
Свет
Кремљ во постојан контакт со Техеран, нападот го нарече отворена агресија
Кремљ соопшти дека Русија е во постојан контакт со иранското раководство по, како што наведе, „отворената агресија“ врз Техеран и изрази длабока разочараност од развојот на настаните.
Рускиот претседател Владимир Путин во неделата го осуди убиството на иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи, нарекувајќи го „цинично“, додека руското Министерство за надворешни работи ги обвини САД и Израел дека Блискиот Исток го турнале „во бездна на неконтролирана ескалација“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва ја анализира ситуацијата по одлуката на Вашингтон да започне напади врз Иран, и покрај, како што сметала Русија, охрабрувачките сигнали од преговорите меѓу САД и Иран со посредство на Оман.
„Можеме да изразиме длабоко разочарање бидејќи, и покрај извештаите за значителен напредок во тие преговори, ситуацијата сепак ескалираше во отворена агресија“, рече Песков.
Тој додаде дека Путин подоцна во текот на денот ќе има меѓународен телефонски разговор поврзан со Иран, без да открие со кого, и посочи дека Русија останува во дијалог и со земјите од Персискиот Залив погодени од конфликтот.
Фото: ЕПА

