Свет
Стејт департментот воведе санкции за синот на Башар ал Асад
Американскиот Стејт департмент денеска воведе санкции за Хафез Асад, најстариот син на сирискиот претседател, Башар ал Асад.
Покрај тоа, Министерството за финансии на САД објави дека вовело санкции кон истакнатиот сириски бизнисмен Васим ал-Катан и девет други субјекти, поради наводно зајакнување на сирискиот режим преку изградба на луксузен недвижен имот.
Санкциите на Министерството за финансии се последица на законот познат како Закон Цезар, за заштита на сириските цивили, а именуван по псевдонимот што го користел сириски полицаец, кој предал фотографии од илјадници жртви на тортурата на владата на Асад, тврди агенцијата АП.
Законот казнува поединци и компании кои учествуваат во деловни активности со сириската влада.
Ова е првпат да бидат воведени санкции за некое од трите деца на Асад.
Хафез Асад е роден во 2001 година и е најстарото дете на сирискиот претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бразилскиот претседател на интензивна нега по итната операција на мозокот
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва се опоравува на интензивна нега по итна операција.
Во соопштението на болницата се наведува дека Лула бил опериран откако при магнетна резонанца било откриено мозочно крварење, пренесува Гардијан.
Во соопштението од болницата во Сао Паоло, објавено на социјалните мрежи на Лула рано во вторникот, се вели дека операцијата поминала „без компликации“. Предводникот на бразилската левица беше под опсервација по краниотомија и беше „добро“.
Британскиот NHS наведува дека краниотомијата е хируршка интервенција при која неврохирург привремено отстранува дел од черепот за да отстрани хематом. Таквата операција обично се изведува под општа анестезија, пренесуваат светските медиуми.
Болницата го припиша крварењето на несреќата што ја имаше Лула во неговиот дом во октомври, кога се туширал во палатата Алворада, официјалната претседателска резиденција во Бразилија. Несреќата, според написите, го принуди Лула да го откаже патувањето на самитот Брикс во Русија и му остави неколку конци.
Лула беше примен во болница во Бразилија во понеделникот вечерта откако се пожали на главоболка. Откако беше откриено дека крвари, тој беше префрлен на 1.000 километри јужно во една од најдобрите бразилски болници во Сао Паоло.
Весникот О Глобо пишува дека Лула во понеделникот околу 23 часот пристигнал во Сао Паоло бидејќи попладнето не се чувствувал добро.
Свет
Поранешниот министер за одбрана на Јужна Кореја уапсен за учество во бунтот
Судот во Сеул соопшти дека го одобрил налогот за апсење на поранешниот министер за одбрана Ким Џонг-хјун под обвинение дека тој имал клучна улога во бунтот и злоупотребата на власта, што го прави првиот човек уапсен според декретот за вонредна состојба.
Ким, близок соработник на јужнокорејскиот претседател Џун Сук Јул, поднесе оставка во четвртокот и од неделата е во притвор. Обвинителите имаат рок од 20 дена да одлучат дали ќе го обвинат. Осудата за обвинение за бунт може да носи смртна казна, според написите во медиумите во регионот.
Ким е обвинет дека му препорачал на Јун да воведе воена состојба и да ја испрати војската во Националното собрание за да ги спречи пратениците да гласаат за негово отповикување за корупција. Голем број пратеници успеаја да влезат во собранието и едногласно го отфрлија указот, принудувајќи го кабинетот да го укине веќе на 4 декември.
Во денешната изјава Ким изјави дека „длабоко се извинува што предизвикал вознемиреност и непријатности“. Тој рече дека е целосно одговорен за воведувањето на вонредната состојба.
Парламентот под контрола на опозицијата денеска го усвои предлог-законот за назначување независен специјален советник за истрага на Јун и други високи воени функционери во врска со воведувањето на вонредната состојба.
Главната опозициска Демократска партија се залага за истрага од страна на специјален обвинител, тврдејќи дека не може да им се верува на јавните обвинители да спроведат темелна истрага за Јун, поранешниот главен обвинител.
За време на денешното сослушување во парламентот, Квак Јонг-Кеун, командант на командата за специјални операции чии војници беа испратени во парламентот, сведочеше дека добил директни инструкции од Ким Џонг-хјун да ги попречува пратениците да влезат во главната сала на Националното собрание.
Квак рече дека целта на упатствата на Ким била да се спречи парламентарното гласање за укинување на вонредната состојба.
Опозициските партии и многу експерти сметаат дека уредбата за вонредна состојба е неуставна. Велат дека на претседателот со закон му е дозволено да прогласува вонредна состојба само за време на војна или други слични вонредни состојби во земјата, а Јужна Кореја не била во таква ситуација.
Свет
Зеленски: Путин и Асад заслужуваат да бидат во затвор
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, по повод Денот на човековите права, кој се одбележува денеска, го повика светот да се обедини во борбата против, како што наведе, „диктаторските режими“.
„Овогодинешниот Ден на човековите права беше проследен со ужасни фотографии од сириските затвори и центри за тортура кои беа отворени по бегството на сирискиот претседател Башар ал Асад. Таму луѓето беа понижувани многу години. Мажи и жени биле тепани, мачени, силувани.
Илјадници и илјадници луѓе поминаа низ оваа фабрика на насилство“, напиша Зеленски на Телеграм, пренесува украински Интерфакс.
Зеленски изјави дека режимот на Асад се потпира исклучиво на насилство со децении и оцени дека „такви се сите режими поддржани од рускиот претседател Владимир Путин“. Тој потсети на затворите и „неописливото насилство“ и други злосторства на украинските територии окупирани од руските сили.
„Затоа ние, Украинците, сме толку трогнати кога гледаме Сиријци како излегуваат од затворите и центрите за тортура на Асад.
Асад и Путин не се само вазали и господари. Тие се соучесници во насилството. Диктаторите како Асад не можат да опстанат без диктатори како Путин. А Путин ќе се обиде да се одмазди за падот на Асад“, рече Зеленски.
Тој го повика светот да се обедини во спротивставувањето на режимите кои, како што рече, „сеат понижување и зад себе оставаат само страдања, болки и урнатини“.
„Со помош на Украина во борбата против руската диктатура, меѓународната заедница им помага на многу други региони во светот да ја вратат безбедноста.
Мора да има казна за страшните злосторства и кршење на човековите права. Впрочем, само Путин и Асад заслужуваат да бидат во затвор, а не тие невини луѓе кои се затворени со години“, заклучи претседателот на Украина, пренесува Танјуг.