Свет
Стејт департмент: Израел не ги крши американските закони, ние продолжуваме да помагаме
Американската влада нема да ја намали испораката на оружје за Израел, соопшти Стејт департментот, бидејќи истекува рокот што Вашингтон му го постави на Израел да ја зголеми хуманитарната помош за Појасот Газа.
„Не проценивме дека тие го прекршуваат американскиот закон“, рече портпаролот на министерството Ведант Пател за Израел. „Сепак, ќе продолжиме да ја набљудуваме и внимателно да ја следиме таа област“.
Тој рече дека Израел презел неколку чекори во изминатиот месец за да одговори на барањата на САД за помош за Газа, но потребни се дополнителни активности за да се постигне одржлив напредок.
Минатиот месец американскиот државен секретар Антони Блинкен напиша во писмо до највисоките израелски претставници дека американската воена поддршка ќе се преиспита доколку хуманитарните услови на палестинските територии не се подобрат во следните 30 дена.
Организациите за човекови права и Обединетите нации велат дека основните стандарди за човекови права се прекршуваат во Појасот Газа со блокади на хуманитарна помош, воздушни напади врз станбени области и недостаток на заштита на цивилите. Израелските власти ги отфрлаат овие обвинувања, тврдејќи дека нивните операции се во согласност со меѓународното право.
Хуманитарната организација Оксфам објави дека Израел не ги исполнил хуманитарните барања.
„Луѓето во Газа гладуваат“, се вели во соопштението. „Израелските воени операции ги лишија од суштинската храна и основните потреби, создавајќи услови во кои 800.000 палестински цивили низ Газа се приближуваат кон гладување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

