Свет
Столтенберг: Ситуацијата на бојното поле во Украина е сериозна, итно е потребна помош од НАТО
Состојбата на бојното поле во Украина е сериозна и затоа и е потребна итна помош во оружје и муниција, но и подолгорочно решение кое би обезбедило сигурна и предвидлива поддршка, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Ситуацијата е сериозна и токму затоа има итна потреба од поголема помош за Украина“, рече Столтенберг на прес-конференција по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО.
Тој додаде дека се можни две сценарија – едното е НАТО да обезбеди поголема помош за Украина да ја врати изгубената територија, а другото НАТО да не го стори тоа и во тој случај постои опасност Русија да освои уште повеќе територии.
„Тогаш ќе бевме во уште поопасна позиција“, истакна Столтенберг.
Во исто време со итна краткорочна помош, неопходно е да се обезбеди потрајна структура преку која помошта за Украина би се обезбедила на подолг рок и попредвидлив начин, изјави генералниот секретар на НАТО.
Столтенберг предложи пакет од 100 милијарди евра за помош на Украина во период од пет години, но не се познати детали како ќе се пополни овој фонд.
Целта е да се постигне консензус до самитот на НАТО во јули во Вашингтон, а доколку тоа не успее, тогаш шефовите на држави или влади би дознале за тоа на самитот. Во меѓувреме, во мај во Прага ќе се одржи неформален состанок на министрите за надворешни работи на кој повторно ќе се разговара за подготовките за самитот.
Столтенберг ги поздрави неодамнешните најави на одредени земји за нова помош за Украина, која вклучува речиси 600 милиони евра од Германија за чешката иницијатива за набавка на артилериски гранати, десет илјади беспилотни летала од Велика Британија, проектили и оклопни возила од Франција и нов пакет помош од Финска вредна 188 милиони евра.
Запрашан за коментар за изјавата на портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков дека членките на НАТО се вклучени во конфликтот во Украина во директна конфронтација со Русија, Столтенберг рече дека тоа не е точно.
„Немаме планови да испратиме борбени сили во Украина, ниту некој тоа го побарал“, рече Столтенберг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Одложен состанокот на министрите на ЕУ во Кипар поради нападот со беспилотно летало
Состанокот на министрите за европски прашања на земјите-членки, кој требаше да се одржи денес и утре на Кипар, е одложен поради нападот со беспилотно летало врз британската база Акротири на тој остров, објави кипарското претседателство.
„Во раните утрински часови имавме еден, изолиран инцидент со беспилотно летало насочено кон британската база во Акротири, Кипар, со ограничена штета. Точното потекло на беспилотното летало моментално се проверува, но е потврдено дека Република Кипар не била цел на нападот“, објави портпаролката на кипарското претседателство.
Со оглед на овој неочекуван развој на настаните, кој за жал влијаеше на денешните летови до Кипар, кипарското претседателство одлучи да го одложи неформалниот состанок на Советот за општи работи.
Советот за општи работи, кој е составен од министрите на ЕУ од земјите-членки, требаше да разговара за предлогот за повеќегодишен буџет за периодот 2028-2034 година, борбата против манипулацијата со информации и мешањето од трети земји и проширувањето на ЕУ.
На состанокот беа поканети и министри од земјите-кандидатки.
Кипар, кој беше британска колонија до 1960 година, е дом на две бази – Акротири и Декелија – кои имаат статус на британски прекуокеански територии. Британците ги задржаа овие две бази според договорот за независност на Кипар од 1960 година.
фото/Depositphotos
Свет
Катар ги прекина односите со Иран по нападот
Катар ги прекина односите со Иран по нападот, соопшти Министерството за надворешни работи на таа земја.
Портпаролот изјавил за Си-Ен-Ен дека Иран гаѓал цивилна инфраструктура во Катар, вклучително и меѓународниот аеродром, како и дека катарските борбени авиони собориле дронови и други проектили.
„Ваков напад не може да помине без одмазда“, рекол тој, додавајќи дека Иран мора да ја плати цената за овој очигледен напад врз нивниот народ.
Фото: Depositphotos
Свет
Кремљ во постојан контакт со Техеран, нападот го нарече отворена агресија
Кремљ соопшти дека Русија е во постојан контакт со иранското раководство по, како што наведе, „отворената агресија“ врз Техеран и изрази длабока разочараност од развојот на настаните.
Рускиот претседател Владимир Путин во неделата го осуди убиството на иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи, нарекувајќи го „цинично“, додека руското Министерство за надворешни работи ги обвини САД и Израел дека Блискиот Исток го турнале „во бездна на неконтролирана ескалација“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва ја анализира ситуацијата по одлуката на Вашингтон да започне напади врз Иран, и покрај, како што сметала Русија, охрабрувачките сигнали од преговорите меѓу САД и Иран со посредство на Оман.
„Можеме да изразиме длабоко разочарање бидејќи, и покрај извештаите за значителен напредок во тие преговори, ситуацијата сепак ескалираше во отворена агресија“, рече Песков.
Тој додаде дека Путин подоцна во текот на денот ќе има меѓународен телефонски разговор поврзан со Иран, без да открие со кого, и посочи дека Русија останува во дијалог и со земјите од Персискиот Залив погодени од конфликтот.
Фото: ЕПА

