Свет
Тајпеј: Кина ги крши правилата на Обединетите нации со воени вежби

Министерството за одбрана на Тајван денеска соопшти дека Кина со спроведување воени вежби ги прекршила правилата на Обединетите нации, извршила инвазија на територијата на Тајван и дека кинеските сили го блокираат воздушниот простор и водите кои му припаѓаат на Тајван.
Тајванското Министерство за одбрана соопшти дека островот цврсто ќе ја брани својата безбедност, ќе се спротивстави на секој потег што го нарушува неговиот територијален суверенитет и дека војската ќе го подигне своето „ниво на будност“ на таков начин што нема да предизвика конфликти, пренесува „Ројтерс“.
Во соопштението се наведува дека „Кина продолжува да води психолошка војна против Тајван“, и дека граѓаните не треба да веруваат во шпекулации и се поканети да ги пријават сите лажни вести до владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Курти: Барикадите на север не доаѓаат од Србите од Косово, туку од Белград

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека барикадите на север за да се спротивстават на одлуките на Владата на Косово не доаѓаат од Србите, граѓаните на Косово, туку се поставени „одозгора“, односно од Белград.
„Знаеме дека барикадите кои често се поставуваат на север не доаѓаат одоздола, туку се поставени одозгора. Тие ниту ве претставуваат вас, нашите граѓани, ниту ве штитат, а од друга страна, косовската полиција и другите безбедносни институции се составени од наши граѓани без разлика и се во служба на нашите граѓани без разлика“ – рече Курти на седницата на Владата на Косово.
Тој рече дека има многу „лажни информации“ за одлуката за непризнавање документи издадени од Србија.
„Слушнав за лажни вести дека личните карти (на Србија) ќе бидат одземени на север во замена за влез-излезен документ. Ова не е вистина. Документот е додаток кој се обезбедува бесплатно. Ве повикувам внимателно да ги следите најавите на нашата Влада и надлежните органи“ – рече тој.
Свет
На милион деца во Лондон ќе им биде понудена вакцина против детска парализа

На околу еден милион деца под 10-годишна возраст во Лондон ќе им биде понудена итна вакцина против детска парализа, откако ќе се потврди дека вирусот се шири низ градот.
Вирусот за првпат е забележан во Велика Британија пред околу 40 години, кога бил пронајден повеќе од 100 пати во канализацијата, пишува „Дејли мејл“.
Познато е дека вирусот предизвикува парализа кај еден од 100 случаи на инфекција, а може да биде поопасен за децата.
Властите во Велика Британија објавија дека вирусот е откриен 116 пати, но досега никој официјално не е дијагностициран со вирусот. Надлежните истакнаа дека ризикот за јавноста во моментов е низок бидејќи граѓаните се заштитени поради примањето вакцини во детството.
Сепак, вирусот е најмногу откриен во оние предградија каде стапките на вакцинација се меѓу најниските во ОК. Наскоро во тие области треба да започне кампања за итна вакцинација, а на родителите им се советува да ги вакцинираат своите деца „што е можно поскоро“, дури и ако децата редовно се вакцинираат против детска парализа.
Петте предградија каде што е забележана појава на вирусот имаат најлоша стапка на вакцинација во земјава, каде што вакцината ја примиле само околу 54,7 отсто од децата.
Европа
Aвстрија: Наставниците позитивни на коронавирус, а без симптоми, ќе држат предавања

Министерот за образование на Австрија, Мартин Полашек, смета дека наставниците заразени од коронавирус, а кои немаат симптоми, треба да ги подучуваат учениците, пишуваат медиумите во регионот.
Полашек истакнал дека укинувањето на карантинот важи и за наставниците заразени со Ковид-19 и дека тие, како и вработените во други области, треба да работат, со обврска да носат маска ФФП2.
Тој нагласил дека постојат единствени правила на Министерството за здравство за сите вработени и дека тие мора да се применуваат и за педагозите.
„Доколку се појави нов вид, кој исто така е многу заразен и води до сериозни болести, правилата ќе треба да се преиспитаат“, објаснил тој.
Најавил дека конечните правила за есента ќе бидат објавени на 29 август.
Покраините во кои на 5 септември почнува новата учебна година најавиле дека нема да ги принудуваат заразените педагози да предаваат во училиштата.
Синдикатот на наставниците го критикувал министерот Полашек.
„Тешко е да се разбере дека децата што се позитивни на корона мора да седат во училницата, а наставниците што се заразени да предаваат“, изјавил претседателот на синдикатот, Пол Кимбергер.