Свет
Трамп го поврза „парацетамолот“ за време на бременоста со аутизмот: објавена нова голема анализа
Сеопфатна анализа на постојните докази, објавена денес, не пронајде јасна врска помеѓу употребата на „парацетамол“ за време на бременоста и дијагнозата на аутизам или нарушување на вниманието со хиперактивноста (АДХД) кај децата.
Прашањето е во центарот на јавната дебата откога американскиот претседател Доналд Трамп во септември им рече на бремените жени да се борат како лавици за да избегнат земање на вообичаениот лек против болки предизвикувајќи жестока дебата во научната заедница, објави „Евроњуз“.
Новата голема анализа, објавена во The British Medical Journal, ја спроведоа научници од водечки универзитети и институции во Велика Британија, Австралија и Шпанија како директен одговор на неодамнешните дебати. Нивните наоди следуваат по растечкиот број научни и глобални регулаторни извештаи, кои потврдуваат дека „парацетамолот“ е безбеден за употреба во бременост.
„Сакавме да направиме преглед на сите студии во оваа област за да разбереме какви се досегашните докази“, рече Шакила Тангаратинам, една од авторките на студијата и професорка по женско здравје на Универзитетот во Ливерпул.
„Каков е квалитетот зад тоа? И како, всушност, го толкуваме збирот на докази за да им помогне на давателите на здравствени услуги да им ги соопштат овие информации на мајките и н анивните семејства?“, изјави таа за „Евроњуз“.
Во анализа објавена во BMJ истражувачите испитаа девет постоечки систематски прегледи на оваа тема. Иако сите девет прегледи известија за поврзаност помеѓу употребата на парацетамол во бременоста и аутизмот или АДХД, истражувачите на BMJ открија дека многу од овие студии не ги земаат предвид важните фактори поврзани со здравјето и начинот на живот. Тие исто така открија дека квалитетот на многу од прегледите, кои вклучуваа повеќе студии, беше низок.
Дополнително, седум од деветте прегледи советуваа претпазливост при толкувањето на нивните наоди поради потенцијалниот ризик од пристрасност и влијанието на други фактори што би можеле да ги нарушат резултатите. Заклучокот на истражувачите е јасен: довербата во постоечките наоди е „ниска до критично ниска“, што значи дека доказите не се научно доволно силни за да докажат дека парацетамолот ги предизвикува овие состојби.
Генетски и фактори на животната средина
Анализата сугерира дека набљудуваната поврзаност може да биде предизвикана од генетски и фактори на животната средина или други варијабли, како што се менталното здравје на родителите, нивното потекло и начинот на живеење. Истражувачите истакнуваат дека во неколку студии, каде што овие фактори биле земени предвид, врската помеѓу „парацетамолот“ и ризикот од аутизам и АДХД исчезнала или била значително намалена.
„Парацетамолот“, познат и како „ацетаминофен“, е еден од ретките лекови без рецепт што се препорачуваат за бремени жени за лекување болка и треска.
Интересно е што во времето кога беше дадена изјавата на Трамп, Американската администрација за храна и лекови (ФДА) препорача промена на етикетите на пакувањата со „парацетамол“ за да се укаже дека „доказите сугерираат дека употребата на ‘ацетаминофен’ кај бремени жени може да биде поврзана со зголемен ризик од невролошки состојби, како што се аутизам и АДХД кај децата“.
Авторите на најновата анализа повикаа на повеќе висококвалитетни студии, кои ќе земат предвид и други фактори. Во меѓувреме, Тангаратинам предупредува дека донесувањето одлуки за здравствената политика врз основа на недоволни докази може да има сериозни последици. „Постои родов јаз во науката, а студии како оваа, всушност, ја истакнуваат потребата да се даде приоритет и да се инвестира во 51 процент од населението, особено за време на бременоста“, заклучи таа.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Брисел се дискутира можноста за воведување царини на американски производи, јавува „Фајненшл тајмс“
Во Брисел во тек е итен состанок на европските амбасадори на кој се дискутира за можниот одговор на американските царини што ги воведе Доналд Трамп, пишува „Фајненшл тајмс“.
Една од главните опции што се разгледуваат е воведување царини на американски производи во вредност од 93 милијарди евра. Според изворите запознаени со состојбата, овој пакет на контрамерки бил ставен на чекање минатиот август откако Европската унија постигнала трговски договор со САД. Таа шестмесечна суспензија истекува следниот месец, освен ако Европската комисија не одлучи да ја продолжи.
Како друга можност се спомнува и ограничување на пристапот на американските компании на пазарот на ЕУ. Се очекува францускиот претседател Емануел Макрон да побара активирање на Инструментот против присила на ЕУ, механизам што им овозможува на членките да возвратат трговски мерки против земји што вршат економски притисок.
Досега најавите од состанокот не се објавени, бидејќи дискусијата сè уште е во тек.
Свет
Руте: Разговарав со Трамп за Гренланд
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за безбедносната состојба на Гренланд и Арктикот. Разговорот се одржал телефонски, но Руте не наведе детали за содржината.
Тој најави дека ќе се сретне со Трамп следната недела на Светскиот економски форум во Давос, каде се очекува присуство на политичката и бизнис елита.
Контекстуално, разговорот доаѓа во време кога Трамп бара целосно сопствеништво над Гренланд, кој е автономна територија на Данска. Претходно, тој се закани со зголемени царини за осум земји што одлучија да испратат војници како поддршка на НАТО-вежбата на Гренланд.
Свет
Данска се обидува да го одврати Трамп од идејата дека мора да биде сопственик на Гренланд
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, изјави дека Копенхаген се обидува да го разубеди американскиот претседател Доналд Трамп од идејата дека мора да го поседува Гренланд.
Расмусен го изјави ова на прес-конференција во Осло, по средбата со својот норвешки колега. Тој нагласи дека вниманието кон Гренланд не треба да го засени фактот дека во Украина сè уште се води војна и дека е во критична фаза.
И покрај заканите од Вашингтон, Данска, според Расмусен, сака да продолжи со дипломатски пристап. По средбите во Вашингтон со потпретседателот на САД, Џеј Ди Ванс, и со државниот секретар Марко Рубио, решено е да се формира работна група на високо ниво која ќе разгледа дали постои заедничко решение. Првата средба се очекува во наредните недели.

