Свет
Трамп до Москва: Имате 50 дена; Лавров: Што точно мислите?

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва сака точно да знае што мисли американскиот претседател Доналд Трамп со својата изјава дека Украина и Русија имаат 50 дена да постигнат договор.
„Секако дека би сакале да разбереме што стои зад оваа изјава за 50 дена. Пред тоа, веќе беа поставени рокови од 24 часа и 100 дена – сето тоа го видовме. Навистина сме заинтересирани за мотивацијата на американскиот претседател“, рече Лавров на прес-конференција по состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Шангајската организација за соработка во кинескиот град Тјенџин.
Лавров повтори дека Вашингтон претходно поставил рокови во контекст на војната во Украина, но дека, според Русија, зад нив не стои конкретна стратегија. Неговите коментари доаѓаат еден ден откако Трамп го засили дипломатскиот притисок со објавувањето дека, доколку не се постигне договор, ќе бидат воведени нови царини врз Русија и дека „висококвалитетно оружје“ ќе биде испратено во Украина преку НАТО.
Москва сè уште официјално не одговорила на заканата со царини, но Лавров посочи дека Русија се обидува да процени колку сериозно администрацијата на Трамп има намера да ги спроведе најавените мерки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Зеленски му предаде писмо до Трамп: „Не е за тебе, туку за твојата сопруга“

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес му го предаде на американскиот претседател Доналд Трамп писмото од првата дама на Украина.
Зеленски моментално е во Вашингтон, каде што се сретна со Трамп во Белата куќа, а со него се и клучни лидери на европски земји.
Тој му кажа на Трамп дека писмото е наменето за првата дама на Америка, Меланија Трамп.
„Мојата сопруга, првата дама на Украина, ми даде писмо. Не е за тебе, туку за твојата сопруга“, рече тој, пренесе „Си-ен-ен“.
Минатата недела, Трамп достави писмо од Меланија Трамп до рускиот претседател Владимир Путин на самитот во Алјаска.
„Во денешниот свет, некои деца се принудени да носат тивка насмевка, недопрена од темнината околу нив“, стоеше во писмото, потпишано од првата дама на САД до Путин.
Зеленски на денешната средба со Трамп, јавно и’ се заблагодари на Меланија.
Свет
По критиките на претходната средба со Трамп, Зеленски овојпат доби комплименти за облеката

Денешната средба помеѓу лидерите на САД и Украина, Доналд Трамп и Володимир Зеленски, се одвиваше во многу попријатен тон од претходната, а двајцата лидери во повеќе наврати и се шегуваа.
Новинарот Брајан Глен, кој го критикуваше Зеленски во февруари затоа што не носел одело, сега му рече: „Изгледаш фантастично во тоа одело. Се извинувам за нападот во февруари“.
На тоа, Доналд Трамп додаде: „И јас му го кажав тоа“, истакнувајќи дека Глен го „нападнал“ Зеленски минатиот пат.
Зеленски се насмеа и одговори: „Се сеќавам на тоа“, а потоа се пошегува дека Глен носел исто одело како и тогаш: „Јас се пресоблеков, ти не“.
Темата во што денес ќе се појави облечен Зеленски деновиве беше во фокус во Вашинтон.
Свет
Трамп до Зеленски: Ако сме во војна, значи нема избори?

Кога новинарите го прашаа дали е отворен за одржување избори во Украина, претседателот Володимир Зеленски одговори потврдно, но нагласи дека тоа може да се случи само во безбедни околности.
„Бидејќи за време на војна, не можете да одржувате избори“, рече Зеленски, додавајќи дека за тоа можеби ќе биде потребно примирје.
Според него, тоа треба да вклучува копно, море и воздушен простор за да се овозможат „демократски“ и „легални“ избори.
На тоа, американскиот претседател Доналд Трамп рече: „Значи, велите дека не можете да имате избори за време на војна?
„Значи, да речеме за три и пол години – значи, ако случајно бидеме во војна со некого, повеќе немаме избори?“
Зеленски се насмеа, а Трамп се насмевна додека се прекинуваа еден со друг. Украинскиот претседател рече: „Дали ви се допаѓа таа идеја?“
Забелешката на Трамп се однесува на следниот американски изборен циклус, во кој тој во моментов не би можел повторно да учествува, според законот.