Свет
Трамп: На Швеѓаните им кажав дека АСАП Роки нема да им побегне и се залагав за кауција
Додека очите на светската јавност се насочени кон тензиите со Иран, американскиот претседател, Доналд Трамп, интензивно се бави со случајот на раперот АСАП Роки кој е затворен во Шведска.
„Имав многу добар и продуктивен телефонски разговор со шведскиот премиер Стефан Лофвен, кој ми вети дека тамошните власти ќе имаат фер однос кон американскиот државјанин АСАП Роки. Јас, исто така, го убедив дека АСАП нема да избега и лично се заложив за негова кауција или некоја друга алтернатива… Нашите тимови ќе бидат во контакт и се согласивме да разговараме повторно во следните 48 часа“, напиша Трамп на „Твитер“.
Како што претходно објави Си-ен-ен, првата дама на САД, Меланија Трамп и познатиот рапер Канје Вест побарале од Трамп да се вклучи во случајот Роки, што подоцна американскиот претседател и лично го обелодени на „Твитер“.
Роки, чие вистинско име е Раким Маерс, во Шведска беше уапсен на почетокот од јули, поради инцидент што се случил по концертот во Стокхолм на 30 јуни.
Реперот и неговата придружба, наводно, со стаклени шишиња претепале и расекле човек.
Судиите проценија дека АСАП Роки би можел да избега од Шведска, па му изрекоа мерка притвор додека трае истрагата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел: Способноста на Иран да лансира ракети ќе биде значително нарушена
Израел очекува способноста на Иран да испали балистички ракети да биде значително нарушена во следните 24 часа, изјавија двајца израелски функционери, како резултат на зголемените напади на САД и Израел. Според нив, се очекува фреквенцијата на иранските ракетни напади да се намали до вторник вечерта и да бидат испукани помалку ракети кон Израел, пренесуваат медиумите во регионот.
Во првите три дена од војната, САД и Израел погодија повеќе од 1.200 цели. Се очекува тој број да се удвои до вторник, по она што официјалните лица го опишаа како неуморно темпо на напади што започна во понеделник и се очекува да продолжи во текот на ноќта.
Еден од функционерите рече дека се очекува нападите на американските и израелските сили во понеделник вечерта да бидат насочени кон ракетни лансери, сили за внатрешна безбедност и цели на Револуционерната гарда. Американските и израелските функционери денес нагласуваат дека темпото и успехот на воздушната кампања досега ги надминале сите очекувања.
Свет
Иранската револуционерна гарда: „Непријателот нема да биде безбеден никаде во светот, дури ниту во своите домови“
Иранската револуционерна гарда, паравоена формација на која се потпира исламската влада во Техеран, денес се закани, по повод американско-израелските напади врз Иран, дека ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“ и дека непријателите нема да бидат безбедни „никаде во светот, дури ни во своите домови“, објавува CNN.
Како што објави иранската државна телевизија, Иранската револуционерна гарда соопшти дека неодамнешната загуба на врховниот лидер ајатолахот Ал Хамнеи и други високи функционери „не го потресе (Иран), туку само го направи посилен“.
Високо вооружената и организирана гарда – која постои паралелно со иранската армија и вклучува доброволни одреди – вети во соопштение дека Иран ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“.
„Непријателот треба да знае дека неговите среќни денови се завршени и дека повеќе нема да бидат безбедни никаде во светот, дури ни во своите домови“, се додава во соопштението што го пренесе CNN.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

