Свет
Трамп повика војската да се справи со „внатрешниот непријател“ во американските градови
Американскиот претседател Доналд Трамп одржа 72-минутен говор пред највисоките воени лица на базата Квантико, Вирџинија, во кој предложи американските градови да се користат како обуки терени за војската. Овој потег претставува радикално отстапување од долгогодишната традиција на раздвојување на војската од политиката.
Трамп ги нарече градовите, како Портланд, Лос Анџелес, Сиетл и Вашингтон, опасни и воени зони повикувајќи ги воените лидери да се справат со непријателот однатре пред ситуацијата да излезе од контрола. Тој веќе нареди распоредување на Националната гарда во неколку градови, а најави можни интервенции и во Чикаго, Атланта, Балтимор и во Њујорк.
„Внатрешните градови се голем дел од војната“, рече Трамп додавајќи дека нема да се двоуми да ги заштити луѓето од чумата што доаѓа однатре.
Настанот, кој чинеше милиони долари, ги собра речиси сите генерали и адмирали од активни борбени зони. Министерот за одбрана Пит Хегсет ги охрабри војниците да се дистанцираат од цивилното општество и од политичката коректност нарекувајќи ги класа над цивилите.
Говорот содржеше и низа политички пораки, меѓу кои критики кон Џо Бајден, имигрантите, медиумите и концептите за различност и инклузија. Трамп го нарече новото Министерство за војна клучно за одржување на редот во земјата алудирајќи на историски примери на домашна употреба на војската, но во контексти многу поинакви од денешните.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Почна судењето на синот на норвешката принцеза за четири силувања
Започна судењето против Мариус Борг Хоиби (29), син на норвешката принцеза Мете-Марит, кој на почетокот од процесот се изјасни дека не е виновен по четири точки од обвинението за силување.
Хоиби е обвинет по вкупно 38 точки, меѓу кои напади врз поранешни партнерки, тешко кривично дело поврзано со дрога и четири обвиненија за силување, за кои му се заканува казна до 16 години затвор доколку биде прогласен за виновен. За дел од полесните кривични дела се изјаснил виновен.
Тој повторно бил уапсен во неделата вечерта под сомнение за напад, закани со нож и кршење на забрана за приближување и му е одреден притвор од четири недели.
Обвинителството соопшти дека Хоиби ќе биде третиран како и секој друг обвинет, без олеснувања поради неговото семејно потекло. Четирите силувања за кои се товари наводно се случиле во 2018, 2023 и 2024 година.
Судењето, кое се смета за еден од најтешките скандали во историјата на норвешката монархија, значително го наруши угледот на кралското семејство. Пресудата се очекува неколку недели по завршувањето на процесот, кој треба да трае до 19 март.
Фото: ЕПА
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Свет
Истекување на гас во градинка предизвика труење кај деца и воспитувачи во Милано
Шеснаесет лица беа отруени денес, од кои 12 беа деца поради истекување на јаглерод моноксид во градинка во Милано.
Истекувањето се случи утрово, а 12 деца, двајца родители и двајца наставници беа отруени, објави противпожарната служба, додавајќи дека никој не е сериозно повреден, пренесува „Анса“.
Полицијата и пожарникарите интервенираа на лице место, заедно со експерти од единицата за биолошка и хемиска заштита (NBC) кои моментално работат на утврдување на причината за истекувањето, најверојатно предизвикано од дефект на бојлер.
Порталот „Милано тудеј“ објавува дека инцидентот се случил непосредно пред 9:20 часот наутро.
Зградата со површина од околу 150 квадратни метри беше веднаш евакуирана, а децата и наставниците се во тријажната зона каде што здравствените работници ја проценуваат можноста за хоспитализација поради нивните симптоми, пренесува Танјуг.

