Свет
Трамп: Потребно е да се стави крај на војната во Газа
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека сака крај на војната во Појасот Газа и дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го знае тоа.
Трамп за магазинот „Тајм“ рече дека го информирал Нетанјаху за неговата позиција во телефонски разговори за време на кампањата за претседателските избори во САД на 5 ноември.
Американски магазин во октомври објави дека Трамп му рекол на Нетанјаху за време на состанокот во јули во Флорида дека сака војната да заврши додека тој се врати во Белата куќа. Трамп ќе ја преземе функцијата претседател на САД на 20 јануари.
Израел претходно ги отфрли ваквите јавни повици на светските лидери, тврдејќи дека притисокот е неправедно насочен кон таа земја наместо кон палестинскиот Хамас, против кој води војна во Појасот Газа.
На почетокот на овој месец Трамп предупреди дека ќе биде платена „пеколна цена“ доколку заложниците држени во Газа не бидат ослободени до 20 јануари, јавуваат израелските медиуми. Трамп, сепак, тогаш не ги спомна Хамас или Израел.
Нетанјаху досега одбиваше да ја заврши војната во Газа во замена за ослободување на заложниците, тврдејќи дека тоа ќе му овозможи на Хамас да се прегрупира.
Дополнително, Нетанјаху има обврска кон неговите екстремно десничарски партнери во владејачката коалиција, кои се заканија дека ќе ја соборат владата доколку тој се согласи на таква размена.
Израелскиот одбранбен естаблишмент претпочита да се согласи со договорот бидејќи верува дека Израел може да ги врати војниците во Газа доколку е потребно дури и по повлекувањето, и предупредува дека многу од заложниците нема да бидат живи ако долго се чека да се постигне договор.
Неименуван арапски дипломат, запознаен со текот на преговорите, за израелските медиуми изјави дека двете страни покажале подготвеност за компромис за условите за повлекување на Израел од Газа. Спорно прашање за кое нема договор е дали прекинот на огнот би бил траен или привремен.
Посредниците се залагаат за договор во три фази, сличен на оној предложен од Израел во мај и поддржан од американскиот претседател Џозеф Бајден.
Израел е фокусиран на првата фаза од договорот од 40 до 60 дена, а Хамас стравува дека земјата ќе продолжи да се бори откако Трамп ќе стане претседател.
На прашањето дали му верува на Нетанјаху, сега кога му се приближува вториот мандат, Трамп по кратко размислување рече дека „не му верува на никого“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сеул: На севернокорејските војници им било кажано да си го одземат животот за да избегнат заробување
Бројот на севернокорејски војници убиени и повредени во војната со Украина најверојатно надмина 3.000, вклучувајќи околу 300 мртви и 2.700 ранети, изјави денеска јужнокорејски пратеник, повикувајќи се на информации од тамошната разузнавачка агенција.
„Се чини дека севернокорејските власти ги повикале своите војници да се самоубијат за да избегнат заробување“, рече пратеникот, цитирајќи ја јужнокорејската Национална разузнавачка служба (НИС).
Заробените севернокорејски војници не покажале намера да дојдат во Јужна Кореја, иако Јужна Кореја би соработувала со Украина доколку има барање, објави новинската агенција „Јонхап“, повикувајќи се на разузнавачката служба. Украинскиот претседател, Володимир Зеленски објави дека Украина заробила двајца севернокорејски војници во рускиот регион Курск.
Според украинските и западните проценки, околу 11.000 севернокорејски војници се во регионот Курск за да им помогнат на руските сили. Русија ниту го потврди ниту го демантираше нивното присуство. Зеленски вели дека руските и севернокорејските сили претрпеле големи загуби.
Вчера тој изјави дека Киев е подготвен да ги предаде севернокорејските војници на нивниот лидер Ким Џонг-ун доколку може да обезбеди нивна размена за украинските војници заробени во Русија. Тој објасни дека може да има и други опции за севернокорејските војници кои не сакаат да се вратат дома, „и дека таа можност ќе им се даде на оние кои изразуваат желба да го доближат мирот со ширење на вистината за оваа војна на корејски јазик“.
Свет
Кинезите изградија тунел долг 22 километри, ќе биде отворен оваа година
Во новата година Кинезите се подготвени за нов, импресивен инфраструктурен проект.
Тоа е најдолгиот тунел на автопатот Тианшан Шенгли, кој Кина го изгради и планира да го отвори во 2025 година.
Тунелот долг 22,13 километри минува низ планините Тианшан, еден од најголемите планински масиви во светот и низ регионот Ксинџијанг, каде што, кога ќе биде пуштен во употреба, ќе го намали времето на патување низ планинскиот премин од три часа на само 20 минути.
Како што објавија државните медиуми, ова е дел од автопатот долг 319,72 километри што ќе ги поврзе двата најнаселени града во регионот – Урумчи и Корлу. Од еден град до друг ќе бидат потребни три часа, а не седум како порано.
Ова инженерско чудо, како што веќе го нарекуваат овој тунел, го изградиле повеќе од 3.000 работници. Државната телевизија „ЦЦТВ“ објави дека ги надминале екстремните геолошки предизвици и ризици за време на работата.
На градежните екипи им беа потребни повеќе од четири, но тунелот, наводно, бил завршен година и пол пред предвиденото.
Според „Саут Чајна Морнинг Пост“, работата вклучувала пробивање на планински венец за да се изградат два сообраќајни тунели и еден сервисен тунел што поминува меѓу нив.
Свет
(Видео) Го гледале огнот како се приближува до нивната куќа во Лос Анџелес на камера: стигнал до базенот, а потоа се се претворило во чад
Шокантните снимки од надзорните камери го покажуваат ужасот со кој се соочија жителите на Лос Анџелес додека шумски пожар го зафати градот.
Оваа снимка е направена во Пацифик Палисадес, областа најтешко погодена од пожарот и каде размерите на уништување се огромни.
Сопствениците Кајл и Зиби Овенс на надзорната камера гледаа како огнена топка расте и се протега во воздухот веднаш до нивниот базен.
Набрзо пламенот стигна до работ на базенот и брзо се доближи до линијата на покривот додека чадот го замати екранот.
Семејството Овенс го гледаше уништувањето на куќата илјадници километри подалеку, од нивниот втор дом на Менхетен.
Бројот на загинати во шумските пожари во областа на Лос Анџелес се искачи на 24, а десетици луѓе се водат како исчезнати.