Свет
Втор обид за денуклеаризација: Трамп ќе се сретне со Ким Џонг-ун во Ханој
Првиот еден-на-еден состанок меѓу американскиот претседател, Доналд Трамп, и севернокорејскиот лидер, Ким Џонг-ун, ќе се одржи в среда вечер по што ќе следува вечера со советници во виетнамската престолнина Ханој, пренесува „Ројтерс“ повикувајќи се на портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс.
Сандерс изјави дека Трамп ќе пристигне во Виетнам доцна денес по локално време. Во средата наутро тој ќе одржи средба со виетнамските лидери пред почетокот на самитот со Ким вечерта. Дополнителни состаноци со водачот на Северна Кореја ќе се одржат в четврток.
Трамп и Ким треба да се состанат во Ханој на нивниот втор самит за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров. Трамп замина за Виетнам во понеделникот велејќи дека се надева на високопродуктивен втор самит со Ким Џонг-ун.
Трамп исто така рече дека очекува да се постигне понатамошен напредок во денуклеаризацијата на Корејскиот Полуостров за време на самитот.
Претходно, во понеделникот, новинската агенција „Јонхап“ објави дека американските и севернокорејските преговарачи успеале да ги доближат своите позиции за голем број прашања во текот на петтиот ден од прелиминарните разговори пред самитот.
Ким Еи-кјеом, портпарол на претседателот на Јужна Кореја, изјави дека Вашингтон и Пјонгјанг исто така би можеле да се согласат на самитот во Виетнам да го објават крајот на Корејската војна.
Сеул претходно инсистира дека САД и двете Кореи мора да бидат дел од секој договор со кој ќе заврши војната, но портпаролот на претседателот посочи дека објавувањето на крајот на војната меѓу Северна и Јужна Кореја всушност било направено минатата есен кога војската на двете земји потпишаа договор во кој ги отфрлија непријателствата.
Војната (1950-1953) меѓу Северна Кореја, поддржана од Кина и Советскиот Сојуз и Јужна Кореја, поддржана од силите на ОН, кои претежно се состоеја од американска војска, заврши со договор за примирје, но никогаш не беше потпишан мировен договор. Ова значи дека Северна Кореја и САД технички сè уште се во војна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Врховниот лидер на Иран: Ова е предупредување до Америка
Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, им честиташе на социјалните мрежи на учесниците на денешните провладини собири.
Во серија објави на X, ајатолахот сподели фотографии од провладини демонстранти и рече дека тие „одлично ја завршиле работата“ и „го спречиле планот на странските непријатели, кој требало да го спроведат домашни платеници“.
„Големата нација Иран им се покажа на своите непријатели, заедно со својата решителност и идентитет“, додаде Хамнеи.
„Ова беше предупредување до американските политичари да престанат да бидат измамници и да не се потпираат на предавнички платеници“, додаде тој.
Свет
Украинската војска објави видео: Го освоивме градското собрание во Купјанск
Украинските одбранбени сили ја вратија контролата врз зградата на Градскиот совет на Купјанск, објави Вториот корпус на Националната гарда на Украина (НГУ), познат како Хартија.
„Хартија воспостави контрола врз зградата на Градскиот совет на Купјанск. Единицата за пребарување и уништување на Хартија и тактичката група Купјанск ги завршуваат операциите за расчистување во градот, кој беше деблокиран за време на успешната операција предводена од командата на Вториот корпус на НГУ“, се вели во соопштението.
Корпусот објави снимка од GoPro камера за која тврди дека е направена од борци од 4-тиот баталјон Хартија за време на упадот во зградата на Градскиот совет на Купјанск. Војниците од извидувачката и ударна група на баталјонот го кренаа украинското знаме над градскиот совет во центарот на Купјанск.
„Операцијата во Купјанск докажува дека благодарение на планирањето, стручноста на командантот и штабот и висококвалитетната подготовка на единиците – сето тоа го нарекуваме метод на Хартија – е можно успешно да се запре и уништи непријателот“, рече полковник Ихор Оболенски, командант на Вториот корпус.
Свет
Белата куќа: Трамп не се плаши да употреби воена сила против Иран
Портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп „покажал дека не се плаши да употреби воени опции“ кога смета дека е потребно.
„Мислам дека едно нешто во што претседателот Трамп е многу добар е тоа што секогаш ги држи сите опции на маса, а воздушните напади би биле една од многуте, многу опции што се на маса“, изјави Ливит пред новинарите.
Во исто време, таа додаде дека „дипломатијата е секогаш првата опција“ за Трамп.
„Претседателот ви кажа на сите синоќа дека она што јавно го слушате од иранскиот режим е многу различно од пораките што администрацијата ги добива приватно“, рече Ливит.
„Претседателот покажа дека не се плаши да користи воени опции ако и кога смета дека е потребно, а никој не го знае ова подобро од Иран“, заклучи таа.
фото/депозитфотос

