Свет
Тројца мигранти уапсени за убиството на италијанска тинејџерка
Италијанската полиција уапси тројца мигранти, двајца Сенегалци и еден Нигериец, во врска со наводното дрогирање, силување и убиство на 16-годишната Дезире Мариотини, пренесува „Ил џорнале“.
Тројцата мигранти, заедно со четвртиот осомничен, кој останува на слобода, се осомничени дека ја дрогирале 16-годишнната тинејџерка до точка на онесвестување и потоа ја силувале пред да умре од предозирање. Таа била напуштена во познато дувло на зависници во областа Сан Лоренцо во Рим. Обвинителите веруваат дека уапсените ја дрогирале Дезире и дека таа спиела за време на силувањето. Исто така, тие тврдат дека мигрантите ѝ дале коктел од дрога за кој знаеле дека ќе доведе не само до предозирање, туку и до смрт.
Првиот уапсен е Сенегалецот Гара Мамаду, барател на азил роден во 1991 година, чија дозвола за престој истекла минатата година, но тој не бил депортиран. Другиот Сенегалец, Минех Брајан, роден 1975 година, се обидел да ја обнови дозволата за престој минатата година и сè уште чека да се обработи барањето. Уапсениот Нигериец, 46-годишниот Алино Чима, е нелегален мигрант. По објавувањето на апсењето, популистичкиот министер за внатрешни работи, Матео Салдини, коментира:
„Ќе сторам сè за овие виновни црви да платат за овој ужас“.
Лидерот на Браќата на Италија, Џорџа Мелони, рече:
„Нулта толеранција за овие одвратни ѕверови“.
Според друг извештај, 16-годишната Дезире не била единствената жртва на силување во областа Сан Лоренцо овој месец. „Ил џорнале“ пишува дека 30-годишна Британка, која во Рим се обучувала за учителка, била силувана од еден Северноафриканец во близина на местото на кое Дезире беше убиена на 6 октомври.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израелската војска: Од понеделникот погодени повеќе од 250 цели на Хезболах во Либан
Израелската војска соопшти дека почнала нов бран воздушни напади врз инфраструктура на Хезболах во либанската престолнина Бејрут.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) најавија дека дополнителни детали за нападите ќе бидат објавени подоцна. Пред ударите биле издадени предупредувања за евакуација на две згради во Бејрут.
Според ИДФ, од понеделникот, кога Хезболах се вклучил во конфликтот, израелските сили погодиле повеќе од 250 цели во Либан, од кои околу 100 во последните 24 часа.
Меѓу целите, како што тврди израелската војска, биле оперативци на милитантни групи, ракетни лансери, складишта за оружје и командни центри на Хезболах.
Во јужен Либан, според израелските процени, околу 300.000 цивили ги напуштиле своите села по наредбите за евакуација издадени од ИДФ. Во текот на ноќта биле издадени и нови предупредувања за евакуација за повеќе од десет населени места.
Фото: Depositphotos
Регион
(Видео) Српска инфлуенсерка од Дубаи: Се слушаат удари, некои луѓе не сфаќаат што се случува
Српските инфлуенсерки Сара и Ања Дамњановиќ се наоѓаат во Дубаи, каде, како што велат, изминатите денови се слушаат експлозии по нападите во регионот.
Сара во видео објава раскажа дека тие биле евакуирани од стан и се преселиле во хотел на понизок кат поради безбедност, пренесе „Б92“.
View this post on Instagram
„Последниот силен удар го слушнав вчера наутро и ме разбуди. Кога бевме на 24. кат, зградата се тресеше и се слушаше силен звук“, изјави таа.
Додава дека ситуацијата е различна во зависност од делот на градот – додека некаде се активираат аларми и има евакуации, на други места луѓето седат во кафулиња и сè изгледа нормално.
Инфлуенсерката вели дека лично не паничи, но е загрижена поради големиот број информации и лажни видеа што се шират на социјалните мрежи.
Таа опиша и момент кога, трчајќи кон гаража, видела што се случува на небото и дека хотел на околу два километри од нив бил погоден. И покрај тензијата, вели дека градот функционира релативно нормално, иако понекогаш сообраќајот кратко се прекинува по нападите.
Фото: Depositphotos
Свет
Франција испрати борбени авиони „Рафал“ во своите бази на Емиратите
Франција распореди борбени авиони „Рафал“ во своите воени бази во Обединетите Арапски Емирати со задача да го обезбедуваат воздушниот простор над базите, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
Тој за телевизијата „БФМТВ“ изјави дека авионите спровеле операции за обезбедување на воздушниот простор, но не изнесе дополнителни детали за мисијата.
Распоредувањето доаѓа во време на ескалација на конфликтот на Блискиот Исток.

