Свет
Украина до НАТО: Поканете не’ во Алијансата следната недела
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, ги повика колегите од земјите-членки на НАТО да упатат покана до Украина да и се приклучи на западната воена алијанса за време на состанокот во Брисел следната недела, се наведува во текстот на писмото што го видел „Ројтерс“.
Писмото е уште еден обид за притисок на Киев да обезбеди покана за членство во НАТО, што е дел од Планот за победа за ставање крај на војната започната со руската инвазија на Украина во 2022 година, изнесена од претседателот Володимир Зеленски минатиот месец.
Украина вели дека прифаќа дека не може да влезе во НАТО додека војната не заврши, но повикот сега ќе му покаже на рускиот претседател Владимир Путин дека една од неговите главни цели, спречувањето на Киев да стане членка на НАТО, е неостварлива.
НАТО најави дека Украина ќе се приклучи на алијансата и дека е на неповратен пат кон членство. Но, Алијансата не издаде официјална покана, ниту постави временска рамка.
Дипломатите на НАТО велат дека во оваа фаза нема консензус меѓу членкитево врска со поканата за Украина. За таква одлука ќе биде потребна согласност од сите 32 земји-членки на НАТО.
Сибиха во своето писмо, напишано на англиски, тврди дека ова е вистинско време да се случи тоа: Сметаме дека треба да се упати повик во оваа фаза, нагласува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Техеран ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи и објави 40 дена жалост
Иранскиот државен радиодифузер ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи, неколку часа откако САД и Израел соопштија дека тој е убиен во вчерашните воздушни напади, објави „Иран интернешнл“.
Кратко по објавата за смртта на лидерот, иранскиот кабинет објави седумдневен државен празник и 40 дена национална жалост.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Фото: ЕПА
Свет
Убиени и ќерката, зетот и внукот на ајатолахот Али Хамнеи, јавуваат иранските медиуми
Ќерката, зетот и внукот на врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, се убиени во нападите, соопшти новинската агенција “Фарс“, која е поврзана со Корпусот на Исламската револуционерна гарда, повикувајќи се на „добро информирани извори“ во канцеларијата на врховниот лидер, објави вечерва „Би-Би-Си“.
„Фарс“, исто така, соопшти дека „една од снаите на ајатолахот Хамнеи е исто така убиена во нападите“.
Извештаите за смртта на снаата и зетот на Хамнеи претходно циркулираа, но подоцна беа демантирани.
Иранските власти сè уште официјално не ја потврдија смртта на самиот врховен лидер на Иран.
Фото: ЕПА
Свет
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.

