Свет
Украина е мета на критики поради планот припадничките на армијата да маршираат во потпетици
Планот на Украина да одржи воена парада следниот месец, на која припадничките на армијата ќе маршираат со високи потпетици, предизвика остри реакции.
Ирина Герашченко – член на опозицијата во украинскиот парламент, рече дека тоа е сексизам, а не родова еднаквост.
Според „Би-Би-Си“, властите во Киев планираат да одржат воена парада на 24 август, за да го одбележат датумот кога земјата се стекна со независност по распадот на СССР.
Министерството за одбрана соопшти дека чевлите на висока потпетица се дел од свечената униформа.

„Приказната за воената парада во потпетици е срамна“, рече воениот коментатор Витали Портников.
Пратеничката Гершченко рече дека првично сметала оти се лажни фотографиите на припаднички на армијата кои се подготвуваат за парадата во борбени панталони и црни чевли со високи потпетици.
Таа додаде дека станува збор за сексизам и го праша надлежното министерство зошто потпетиците се поважни од дизајнирањето оклоп кој е прилагоден на жените.
Потпретседателката на украинскиот парламент, Олена Кондратик, потсети дека повеќе од 13.500 жени учествувале во тековниот конфликт меѓу украинските сили и проруските сепаратисти на истокот од земјата.
Во моментов, 31.000 жени служат во украинската армија, од кои 4.000 се офицери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел: Способноста на Иран да лансира ракети ќе биде значително нарушена
Израел очекува способноста на Иран да испали балистички ракети да биде значително нарушена во следните 24 часа, изјавија двајца израелски функционери, како резултат на зголемените напади на САД и Израел. Според нив, се очекува фреквенцијата на иранските ракетни напади да се намали до вторник вечерта и да бидат испукани помалку ракети кон Израел, пренесуваат медиумите во регионот.
Во првите три дена од војната, САД и Израел погодија повеќе од 1.200 цели. Се очекува тој број да се удвои до вторник, по она што официјалните лица го опишаа како неуморно темпо на напади што започна во понеделник и се очекува да продолжи во текот на ноќта.
Еден од функционерите рече дека се очекува нападите на американските и израелските сили во понеделник вечерта да бидат насочени кон ракетни лансери, сили за внатрешна безбедност и цели на Револуционерната гарда. Американските и израелските функционери денес нагласуваат дека темпото и успехот на воздушната кампања досега ги надминале сите очекувања.
Свет
Иранската револуционерна гарда: „Непријателот нема да биде безбеден никаде во светот, дури ниту во своите домови“
Иранската револуционерна гарда, паравоена формација на која се потпира исламската влада во Техеран, денес се закани, по повод американско-израелските напади врз Иран, дека ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“ и дека непријателите нема да бидат безбедни „никаде во светот, дури ни во своите домови“, објавува CNN.
Како што објави иранската државна телевизија, Иранската револуционерна гарда соопшти дека неодамнешната загуба на врховниот лидер ајатолахот Ал Хамнеи и други високи функционери „не го потресе (Иран), туку само го направи посилен“.
Високо вооружената и организирана гарда – која постои паралелно со иранската армија и вклучува доброволни одреди – вети во соопштение дека Иран ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“.
„Непријателот треба да знае дека неговите среќни денови се завршени и дека повеќе нема да бидат безбедни никаде во светот, дури ни во своите домови“, се додава во соопштението што го пренесе CNN.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

