Свет
Украина тврди дека го убила командантот на руската Црноморска флота

Украинската армија денеска тврди дека го убила командантот на руската Црноморска флота во напад на нејзиното седиште што се случи во петокот во Севастопол, во анектираниот Крим.
„Триесет и четири офицери, вклучително и командантот на руската Црноморска флота, загинаа по ударот“, објавија украинските специјални сили на Телеграм, без да наведат никакви докази.
Повредени се уште сто и пет лица, тврди истиот извор.
Агенцијата АФП наведува дека не може да ги потврди овие тврдења, додека Москва речиси никогаш не известува за загуби во Украина, дури и кога станува збор за високи функционери.
Русија во петокот извести дека само еден војник е исчезнат по нападот во кој сериозно е оштетено седиштето на руската Црноморска флота.
Нападот ја илустрира тешкотијата на руската противвоздушна одбрана во спротивставувањето на редовните напади на украинскиот полуостров, кој беше анектиран од Русија во 2014 година и е важен логистички центар за силите на Москва.
Украина вети дека ќе ги врати сите територии окупирани од Москва, вклучувајќи го и Крим.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Специјалниот пратеник на Трамп по нападот: „Затоа претседателот сака да ја запре оваа војна“

Кит Келог, специјалниот пратеник на претседателот, Доналд Трамп, за војната во Украина, реагираше на рускиот напад врз Суми со порака на социјалните мрежи во која рече дека „ги преминува сите граници на пристојност“.
„Десетици мртви и ранети цивили. Токму затоа претседателот Трамп вложува големи напори да ја запре оваа војна“, напиша Келог.
На неговото соопштение брзо реагираше советникот за комуникации на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој со остар тон рече:
„Зарем не мислите дека е време да ја застрелате таа московска мазга во муцката со летва?
Вашингтон и Москва одржаа низа разговори за можен прекин на огнот, но нападите врз украинските градови во меѓувреме не престанаа, а расте загриженоста дека Украина може да биде принудена на сериозни отстапки.
Свет
Десетици повредени и убиени во рускиот напад на Суми

Најмалку 32 лица загинаа, меѓу кои и деца, а 84 се ранети, во напад со руски балистички проектили врз градот Суми, во североисточна Украина, соопшти украинската државна служба за вонредни состојби на Телеграм.
Меѓу повредените има и седум деца, напишаа тие.
Државната служба за итни случаи претходно напиша дека луѓето лежат повредени сред улица, во автомобилите, јавниот превоз, куќите.
„Русија го нападна центарот на Суми на верски празник, кога луѓето одат во црква“, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски на Телеграм.
„Русија сака токму таков вид терор и ја продолжува оваа војна. Без притисок врз агресорот, мирот е невозможен“, изјави тој.
„Разговорите никогаш не ги запреа балистичките ракети и бомбите од воздух“, додаде тој.
Нападот се случил во дел на Украина каде се верува дека руските сили подготвуваат голема офанзива бидејќи се обидуваат да окупираат што е можно повеќе украинска територија, пишува Џејмс Вотерхаус, дописник на Би-би-си од Киев.
Експлозијата ја снимила камера на возило на една од главните улици.
Запалени возила, мртви тела и скршени дрвја може да се видат додека пожарникарите се обидуваат да го изгаснат пожарот.
Службите за итни случаи изјавија дека помошта за настраданите е во тек и дека психолози ќе работат со погодените од овој напад.
„Истражувачите и форензичарите се на местото на нападот. Тие собираат докази и ги документираат бруталните воени злосторства на Русија против цивилите“, напишаа тие.
Свет
Tрамп ги исклучи телефоните и компјутерите од одлуката за царините

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп одлучи реципрочните царини, вклучително и тарифите од 125 отсто за увоз од Кина, да не важат за паметните телефони и компјутерите.
Царината на САД доцна во петокот објави дека оваа стока ќе биде ослободена од одлуката на Трамп за воведување царини од 10 отсто за увоз од повеќето земји и одлуката за воведување многу повисоки царини за кинеските производи, пренесе „Би-би-си“.
Американските технолошки компании беа загрижени дека цената на технолошките производи може вртоглаво да порасне, бидејќи повеќето од нив се произведени во Кина.
Електронските уреди и компоненти, вклучително и полупроводници, соларни ќелии и мемориски картички, исто така ќе бидат ослободени од тарифите.
Според претходните проценки, цената на „ајфонот“ и другите електронски стоки би можеле да пораснат и до три пати доколку трошоците за царина се префрлат на клиентите.
„Последниот потег на Трамп отстрани огромен црн облак што се надвисна над технолошкиот сектор и притисокот со кој се соочуваат големите американски технолошки компании“, изјави финансискиот аналитичар Ден Ајвс, пренесе агенцијата АП.
„Епл“ продаде повеќе од половина од паметните телефони во Америка минатата година, според „Каунтерпоинт рисрч“, кој го следи технолошкиот пазар.
Податоците покажуваат и дека 80 отсто од „ајфон“ телефоните на „Епл“, наменети за американскиот пазар, биле произведени во Кина, а останатите 20 отсто во Индија.
Заедно со другите големи компании кои произведуваат паметни телефони, како што е „Самсунг“, „Епл“ во изминатите години се обиде да најде други добавувачи за да не зависи од Кина.
Така, Индија и Виетнам станаа важни производствени центри.
„Епл“ во последните денови се обиде да го забрза и зголеми производството во Индија.
Трамп во средата ненадејно ја промени својата одлука, најавувајќи 90-дневна пауза за тарифите кои беа најмногу зголемени, но дека тоа нема да важи за Кина, за која ги зголеми царините на 145 отсто.
Зголемувањето доаѓа по одлуката на Кина да возврати со царини од 84 отсто за американските стоки.
Трамп рече дека сите земји што не возвратиле на американските царини ќе добијат одложување и ќе се соочат само со општи американски тарифи од 10 проценти до јули.
Белата куќа тогаш рече дека потегот е преговарачка тактика за постигнување подобри трговски услови.
Тарифите ќе бидат одговор на неправдата во светскиот трговски поредок и ќе донесат работни места и фабрики во Америка, рече Трамп.