Свет
Унгарија ги блокираше европските санкции кон Русија

Унгарија повторно го блокираше шестиот пакет санкции против Русија на состанокот на амбасадорите на ЕУ, со барање лидерот на Руската православна црква, патријархот Кирил, да биде избришан од листата на санкционирани лица.
Со тоа барање Унгарија го блокираше усвојувањето на шестиот пакет санкции, кој вклучува ембарго за увоз на руска нафта испорачана со бродови, откако беше постигнат политички договор на ниво на шефови на држави или влади. За овој договор да стане закон, треба да биде одобрен од амбасадорите или министрите на земјите-членки.
Според дипломатски извори, во тек се консултации со Будимпешта за укинување на блокадата. Во четврток попладне во Луксембург повторно е закажан состанок на Комитет на постојани претставници, составен од амбасадорите на земјите-членки.
„Патријархот се смета за долгогодишен сојузник на рускиот претседател Владимир Путин и стана еден од главните поддржувачи на руската воена агресија против Украина“, се вели во предлогот за санкции на ЕУ.
Унгарија и претходно беше пречка за усвојувањето на шестиот пакет санкции бидејќи бараше изземање од забраната за увоз на руска нафта или голема финансиска компензација за нејзината согласност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Украина: Извршени повеќе ракетни напади од Русија и Белорусија

Русија истрелала ракети врз неколку украински региони, а исто така и од територијата на Белорусија, според податоците на Киев, пренесува германската агенција ДПА.
Нападите се регистрирани во провинциите Хмелницки, Лавов, Миколаев, Житомир и Чернихив, јави украинската новинска агенција УНИАН. Регионот Днепар исто така бил погоден од артилерија и еден војник бил убиен, според градоначалникот на Житомир, Серхиј Сухомлин.
Русија истрела ракети врз Житомир и Чернихив од белоруска територија, соопшти украинскиот Генералштаб. Белорусија, поранешна советска република под Александар Лукашенко, се нарекува себеси неутрална во конфликтот.
Украинската воздушна одбрана во областа Хмелницки успеала да собори два проектила, според нивните информации. Остатоците од ракетата, наводно, не предизвикале никаква штета. Регионот Миколаев во јужна Украина, исто така, забележа жесток напад.
„Сè уште се проценува обемот на штетата и можните жртви“, изјавија украинските власти.
Свет
Џонсон: Се плашам дека Украина ќе биде принудена да направи лош мир

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека стравува дека Украина може да се соочи со притисок да преговара за мировен договор со Русија што не е во нејзин интерес.
Тој притисок врз Украина може да дојде, смета Џонсон, поради економските последици од војната во Европа.
„Премногу земји велат дека ова е европска војна која е непотребна и затоа притисокот ќе се зголеми за да се охрабрат – можеби да се принудат – Украинците на лош мир“, изјави тој за телевизиските станици во главниот град на Руанда, каде што присуствува на Самит на Комонвелтот.
Џонсон рече дека последиците од евентуалното остварување на плановите на рускиот претседател Владимир Путин во Украина ќе бидат опасни за меѓународната безбедност и ќе значат „долгорочна економска катастрофа“.
Европа
Објавено видео од нападот во Осло

Во главниот град на Норвешка две лица загинаа, а 19 се повредени во напад, што полицијата го истражува како терористички акт.
„Местото на злосторството се протегало на неколку локации, од „Лондон паб“ до друг клуб во близина, како и околните улици, а во една од нив напаѓачот бил набрзо уапсен, само неколку минути по отворањето на огнот,.
„Лондон паб“ е популарен геј бар и ноќен клуб во центарот на Осло.
„Видов човек со торба во раката. Тој извади пиштол и почна да пука“, изјави новинарот Олав Ренеберг, кој бил сведок на пукањето во норвешката престолнина.
Како што беше наведено, утринава во 01:19 часот полицијата добила неколку пријави за пукање во центарот на градот, пренесува Ројтерс.
Засега властите сметаат дека напаѓачот делувал сам.
Норвешката полиција го истражува пукањето во Осло како терористички напад
„Полицијата го уапси осомничениот. Инцидентот се истражува како терористички напад, се вели во соопштението.