Свет
Универзитетот „Принстон“ се соочува со истрага по признавањето дека има расизам
Универзитетот „Принстон“ би можел да биде принуден да врати милиони долари од федералното финансирање и да биде парично казнет поради неодамнешното признавање на неговиот претседател дека во оваа институција од „Ајви лигата“ расизмот сè уште опстојува, пренесува „Њујорк пост“.
Во писмото до претседателот на „Принстон“, Кристофер Ајзгрубер, Министерството за образование на САД вели дека отвора истрага за писмото од 2 септември, во кое тој ги истакнува „напорите на училиштето да се избори против системскиот расизам“.
„Меѓу другото, рековте дека расизмот и штетата што им ја нанесува на обоените луѓето продолжуваат на ‘Принстон’ , а расните претпоставки остануваат вкоренети во структурите на Универзитетот“, напиша помошник-секретарот Роберт Кинг од Канцеларијата за терцијарно образование.
„Признатиот“ расизам на „Принстон“ иницира прашања за точноста на гаранциите за недискриминација и еднакви можности што му се доставуваат на Министерството за образование во замена за повеќе од 75 милиони долари, пари од даночни обврзници, откако Ајзгрубер ја презеде функцијата во 2013 година, вели Кинг.
Официјалните лица се загрижени и дека многуте тврдења на „Принстон“ за недискриминација и еднакви можности дадени на учениците, родителите и потрошувачите на пазарот за сертификати за образование можеби биле лажни, погрешни и лажно прикажани.
Во писмото на Кинг се бара од „Принстон“ да даде мноштво досиеја и писмени одговори на прашања во рок од три недели, а Ајзгрубер и назначен корпоративен претставник да бидат достапни за транскрибирани интервјуа, под заклетва, во рок од четири недели.
„Врз основа на фактите, секретарот за образование, Бетси де Вос, може да разгледа мерки против ‘Принстон“’ за давање лажни гаранции за недискриминација во договорот за учество во програмата, вклучително и мерки за враќање на средствата. Исто така, таа може да разгледа мерки против ‘Принстон’ за дадени значителни погрешни прикази за природата на неговата образовна програма, вклучително и казнена постапка“, напиша Кинг.
Во писмото, за кое во четвртокот првин пишуваше „Вашингтон егзаминер“, Кинг истакна дека сојузните службеници биле свесни за предизвиците што ги носи Ковид-19 за високообразовните институции.
„Сепак, сериозната, дури и шокантна природа на признанијата од ‘Принстон’, го принудува Министерството да реагира со соодветна брзина“, додаде тој.
Истрагата ќе ја спроведе Канцеларијата на генералниот совет при Министерството за образование, а предметот е упатен и до Одделот за граѓански права при Министерството за правда на САД и Канцеларијата за граѓански права на Министерството за образование за какво било дополнително дејстое што тие го сметаат за соодветно, рече Кинг.
Портпаролот на „Принстон“, Бен Чанг, во писмената изјава рече дека Универзитетот ќе му одговори на Министерството за образование во догледно време.
„Жално е што Министерството навидум верува дека искрената борба со историјата на нацијата и сегашните ефекти на системскиот расизам е непочитување на постојниот закон. Универзитетот не се согласува и едвај чека да ја унапреди нашата образовна мисија со објаснување зошто нашите изјави и постапки се во согласност не само со законот туку и со највисоките идеали и стремежи на оваа земја“, напиша Чанг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Санчез: Трамп игра „руски рулет“ со животите на милиони луѓе
Шпанскиот премиер Педро Санчез повторно се спротивстави на нападите врз Иран што ги изведуваат САД и Израел, предупредувајќи дека со тие потези се „игра руски рулет со животите на милиони луѓе“.
Санчез се обрати откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани со прекин на трговијата со Шпанија поради ставот на Мадрид за конфликтот.
„Така почнуваат големите катастрофи на човештвото. Не може да се игра руски рулет со судбината на милиони луѓе“, изјави Санчез во телевизиско обраќање.
Тензиите меѓу двата сојузника во НАТО се зголемија откако Санчез го осуди американско-израелското бомбардирање на Иран, нарекувајќи го непромислено и незаконско. Шпанија потоа забрани користење на американски авиони од поморските и воздушните бази во јужниот дел на земјата за напади врз Техеран.
Санчез порача дека светот не може да ги решава проблемите со конфликти и бомби и нагласи дека ставот на шпанската влада може да се сумира со зборовите „не за војна“.
„Нема да бидеме соучесници во нешто што е лошо за светот и спротивно на нашите вредности и интереси само за да избегнеме одмазда“, изјави шпанскиот премиер.
Тој потсети и на последиците од американската инвазија на Ирак во 2003 година, која доведе до пораст на тероризмот и на цените на енергијата, додавајќи дека причините и последиците од нападот врз Иран исто така се нејасни.
Шпанскиот министер за надворешни работи Хосе Мануел Албарес изјави за шпанската телевизија ТВЕ дека нападот врз Иран нема цел да воспостави демократија и нагласи дека Шпанија е суверена држава која одлуките ги носи во согласност со меѓународното право.
Свет
Советник на иранскиот лидер: Нема преговори со САД, ќе војуваме колку што сакаме
Иран нема намера да преговара со Соединетите Американски Држави и нема никакви контакти со Вашингтон, изјави за иранската државна телевизија Мохамад Мохбер, висок советник на покојниот врховен лидер на Иран.
Мохбер, кој претходно беше вршител на должноста претседател на Иран и прв потпретседател на државата, истакна дека Техеран нема доверба во САД.
„Немаме доверба во Американците и немаме никаква основа за преговори со нив“, изјави тој.
Додаде дека Иран е подготвен да ја продолжи војната „колку што долго сака“.
Свет
Европски стравувања: Фокусот на САД кон Иран може да ја намали помошта за Украина, објави „Политико“
Европските официјални лица стравуваат дека американскиот фокус на конфликтот со Иран може да го намали вниманието и воената поддршка за Украина, што би можело да ја отежни нејзината одбрана од руските напади, објави бриселскиот „Политико“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека долготраен конфликт на Блискиот Исток може да го ограничи пристапот на Украина до американските системи за противвоздушна одбрана и други клучни ресурси.
Според официјални лица, САД веќе употребиле големи количини ракети и пресретнувачи во операциите против Иран, што може да влијае врз резервите на оружје во Европа и Украина.
Европските влади, кои немаат доволно резерви, се обидуваат да развијат сопствени воени капацитети и да продолжат да ја поддржуваат Украина, но тој процес може да трае со години. Зеленски изјави дека Украина ќе користи домашни ресурси и финансирање за да го надомести евентуалниот недостиг.
Кризата веќе влијае и врз плановите на Европската унија. Состанок поврзан со украинското членство, кој требало да се одржи на Кипар, бил одложен по напад со ирански дрон врз британска воздухопловна база на островот.
Во меѓувреме, САД и Израел извршија напади врз Иран, меѓу кои и ликвидацијата на врховниот лидер Али Хамнеи, што според проценките го ослабува Иран како снабдувач на руската воена опрема.
Украински официјални лица сметаат дека американските операции против Иран индиректно може да ѝ помогнат на Украина, бидејќи го намалуваат пристапот на Русија до ирански дронови и технологија.
Сепак, украински пратеници предупредуваат дека продолжената кампања на САД и Израел против Иран може да го забави напредокот на мировните преговори со рускиот претседател Владимир Путин.

