Свет
Училиштата во Њу Делхи затворени поради загаденост на воздухот
Училиштата во индиската престолнина ќе бидат затворени до 5 ноември, соопштија денеска градските власти, а жителите на Њу Делхи веќе трет ден го дишат најлошиот воздух во сезоната.
Градскиот министер Арвинд Кеџравал нареди затворање на училиштата поради пожари од фарми во соседните земји од кои доаѓаат големи количини чад во главниот град, напиша министерот на својот твитер-профил, пренесува „Ројтерс“.
Претходно денес, комисијата за животна средина, назначена од владата, го прогласи загадувањето на воздухот во Делхи како здравствена вонредна состојба, се вели во извештајот на партнерот на „Ројтерс“, АНИ, кој цитира изјава од Агенцијата за контрола на загадувањето на животната средина.
„Ова е вонредна состојба затоа што загадувањето на воздухот сега е опасно и ќе има штетни ефекти врз здравјето, особено врз децата“, се вели во соопштението.
Индексите на владата кои го следат загадувањето на воздухот достигнаа 500 во неколку делови од главниот град, што е рекорд забележан од владиниот Централен одбор за контрола на загадувањето.
Индексот ги мери ПМ 2,5-нивоата, ситни честички кои одат длабоко во белите дробови.
Нивоа над 400 укажуваат на тешки состојби, кои претставуваат ризик за лицата со здрави бели дробови, како и за лицата со респираторни заболувања.
Владата ќе го ограничи и бројот на приватни возила во градот од следната недела според системот на парни и непарни регистарски таблички.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел: Способноста на Иран да лансира ракети ќе биде значително нарушена
Израел очекува способноста на Иран да испали балистички ракети да биде значително нарушена во следните 24 часа, изјавија двајца израелски функционери, како резултат на зголемените напади на САД и Израел. Според нив, се очекува фреквенцијата на иранските ракетни напади да се намали до вторник вечерта и да бидат испукани помалку ракети кон Израел, пренесуваат медиумите во регионот.
Во првите три дена од војната, САД и Израел погодија повеќе од 1.200 цели. Се очекува тој број да се удвои до вторник, по она што официјалните лица го опишаа како неуморно темпо на напади што започна во понеделник и се очекува да продолжи во текот на ноќта.
Еден од функционерите рече дека се очекува нападите на американските и израелските сили во понеделник вечерта да бидат насочени кон ракетни лансери, сили за внатрешна безбедност и цели на Револуционерната гарда. Американските и израелските функционери денес нагласуваат дека темпото и успехот на воздушната кампања досега ги надминале сите очекувања.
Свет
Иранската револуционерна гарда: „Непријателот нема да биде безбеден никаде во светот, дури ниту во своите домови“
Иранската револуционерна гарда, паравоена формација на која се потпира исламската влада во Техеран, денес се закани, по повод американско-израелските напади врз Иран, дека ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“ и дека непријателите нема да бидат безбедни „никаде во светот, дури ни во своите домови“, објавува CNN.
Како што објави иранската државна телевизија, Иранската револуционерна гарда соопшти дека неодамнешната загуба на врховниот лидер ајатолахот Ал Хамнеи и други високи функционери „не го потресе (Иран), туку само го направи посилен“.
Високо вооружената и организирана гарда – која постои паралелно со иранската армија и вклучува доброволни одреди – вети во соопштение дека Иран ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“.
„Непријателот треба да знае дека неговите среќни денови се завршени и дека повеќе нема да бидат безбедни никаде во светот, дури ни во своите домови“, се додава во соопштението што го пренесе CNN.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

