Свет
Уште еден руски олигарх пронајден мртов
Уште еден руски олигарх е пронајден мртов.
Станува збор за Александар Суботин, кој викендов починал под мистериозни околности. Според извештаите на руските медиуми, олигархот починал во куќа на шаман.
Суботин е поранешен извршен директор на руската нафтена компанија „Лукоил“ и е последниот во низата руски олигарси што загинаа под сомнителни околности по руската инвазија на Украина.
Тој бил пронајден мртов во подрум на куќа на шаман во Митишчи, град североисточно од Москва, откако наводно доживеал срцев удар, јави руската новинска агенција ТАСС. Се додава и дека е отворена истрага за неговата смрт.
Според извор на руската агенција, милијардерот отишол во куќата на шаманот во состојба на тешка интоксикација откога се опил и зел дрога еден ден претходно. Неговото тело било откриено во подрумска просторија, која наводно се користела за „јамајски вуду-ритуали“, објавија руските медиуми.
Локалните медиуми пишуваат дека Суботин отишол кај шаманот во потрага по лек за мамурлак, во кој наводно имало отров од жаба.
Следното утро тој бил пронајден мртов од шаманите Магуа Флорес (вистинско име Алексеј Пинџурин) и Тина Кордоба (вистинско име Кристина Тејхриб), според локалните извештаи, кои се повикуваат на верзија на настаните што ја фаворизираат руските власти.

Оваа шаманска двојка наводно ги лекувала клиентите со повикување духови и жртвување животни.
Сепак, за сите овие наводи нема потврда од полицијата, а од понеделникот попладне остануваат непознати другите детали за тоа што ја предизвикало неговата смрт. Брачната шаманска двојка им кажала на државните инспектори дека Суботин им е пријател и негирале дека го подложиле на шамански ритуали за пари.
Руските власти поведоа кривична истрага за смртта на Суботин, пренесува ТАСС. Инспекторите исто така ќе истражат дали имало дрога во неговата крв кога умрел, пишува „Њузвик“.
Неговата смрт доаѓа само неколку месеци откако „Лукоил“ повика на брз прекин на војната меѓу Русија и Украина. „Лукоил“ е втората по големина руска нафтена компанија.
Суботин е еден во низата мртви олигарси, а списокот на руски богаташи што умреа под неразјаснети околности расте од почетокот на инвазијата.
Имаше многу сомнежи дека се работи за самоубиства или убиства и самоубиства (покрај тројца мртви олигарси, најдени се и телата на нивните жени и деца).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел погодил станбена зграда во Либан, најмалку четворица загинати
Најмалку четири лица загинале, а шест се ранети во израелски напад врз четирикатна станбена зграда во источниот либански град Баалбек, јави либанската државна агенција ННА.
Спасувачките екипи работат на извлекување луѓе од под урнатините.
Нападот доаѓа по ескалацијата на борбите долж либанско-израелската граница, откако Хезболах испалил дронови и ракети кон Израел. Од тогаш групата продолжила со ракетни напади, а Израел извршил низа воздушни удари низ Либан и испратил војници на југот.
Хезболах соопштил дека неговите борци испалиле голем број ракети кон израелски сили во близина на градот Метулa, како одговор на израелските напади врз десетици либански градови.
Израелската војска во средата ги предупредила жителите на 16 села во Либан да се евакуираат.
Според либанското министерство за здравство, од почетокот на последната ескалација во израелските напади загинале најмалку 50 луѓе, а 335 се ранети.
Фото: ЕПА
Свет
Сирија распоредува илјадници војници и ракетни единици на границата со Либан
Сириското Mинистерство за одбрана соопшти дека ја засилило воената присутност на границата со Либан, додека осум сириски и либански извори за „Ројтерс“ навеле дека се распоредени ракетни единици и илјадници војници.
Според соопштението, војската ја зајакнала контролата долж границите со Либан и Ирак „за заштита и контрола на границите во услови на ескалација на регионалниот конфликт“.
Распоредените сили се дел од гранични и извиднички баталјони задолжени за следење на граничните активности и борба против шверц.
Сириски офицери изјавиле дека засилувањето почнало во февруари, но значително се забрзало во последните денови. Целта е да се спречи шверц на оружје и дрога, како и движење на либанскиот Хезболах или други милитантни групи поддржани од Иран, пренесе Ројтерс. Во меѓувреме, Хезболах продолжи да пука кон Израел, повеќе од една година по примирјето постигнато во 2024 година. Израел издаде наредба за евакуација на голем дел од јужен Либан, а во израелски воздушни напади загинале околу десет лица, додека илјадници жители побарале засолниште во Сирија.
Свет
Избран е новиот врховен лидер на Иран
Иранското Собрание на експерти го избра Моџтаба Хосеини Хамнеи за нов врховен лидер на Исламската Република, објавува Иран Интернешнл.
Овој историски и клучен политички потег за иднината на земјата дојде само неколку дена откако неговиот татко, долгогодишниот ајатолах Али Хамнеи, беше убиен во разорен израелски воздушен напад рано наутро во саботата.
Моџтаба Хамнеи е најстариот син на убиениот врховен лидер и личност со исклучително длабоки корени во безбедносниот и воениот апарат на државата.
Уште како млад човек, тој активно учествувал во крвавата војна Иран-Ирак, борејќи се токму во редовите на Револуционерната гарда. Неговото влијание особено се зајакна кога го презеде оперативното водство на озлогласената паравоена организација Басиџ, милиција која одигра клучна и брутална улога во насилното задушување на масовните антивладини протести по спорните претседателски избори во 2009 година.
Неговото официјално назначување на највисоката верска и политичка позиција во земјата испраќа недвосмислена порака до Западот, но и до домашната јавност, дека иранското раководство не планира никакви отстапки или поумерени политики во наредните денови.
фото/Depositphotos

