Свет
Фон дер Лајен: Му кажав на Нетанјаху дека преговорите со Иран се најдобрата опција

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека вчера во телефонски разговор му рекла на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека дипломатијата е најдоброто долгорочно решение за конфликтот со Иран.
Но, Фон дер Лајен не побара итен прекин на огнот велејќи дека Иран, дефинитивно, не треба да има нуклеарно оружје.
„Секако, мислам дека преговорите на долг рок се најдоброто решение“, додаде таа.
Таа повтори дека Израел има право да се брани, но нагласи дека дипломатското решение е најдобрата опција на долг рок за решавање на нуклеарната програма на Иран.
„Иран е главен извор на регионална нестабилност и ние отсекогаш сме биле многу јасни – Иран никогаш не смее да има нуклеарно оружје“, рече фФн дер Лајен.
„Неодамнешните настани покажаа растечка поврзаност помеѓу конфликтите во Европа, од една страна, и Блискиот Исток, од друга. Истиот тип ирански беспилотни летала и балистички ракети погодуваат градови и во Украина и во Израел“, додаде таа.
Лидерите на Г7 се собраа во Канада на тридневен самит, кој се одржува во сенка на опасната воена ескалација меѓу Израел и Иран, што би можела да ескалира во поширок регионален конфликт.
Покрај тензиите на Блискиот Исток, денес лидерите ќе разговараат и за војната во Украина, глобалните трговски спорови, миграцијата и за обезбедувањето пристап до ретки минерали.
„Треба да извршиме поголем притисок врз Русија за да гарантира вистинско примирје, да ја донесеме Русија на преговарачка маса и да ја завршиме оваа војна, а санкциите се клучни за оваа цел“, изјави Фон дер Лајен на прес-конференција пред состанокот на Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД.
„Минатата недела изнесовме предлог за пакет од 18 санкции. Ќе ги повикам сите партнери на Г7 да ни се придружат во овој напор“, рече Фон дер Лајен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Напад во кривичниот суд во Њујорк, има повредени

Тројца судски службеници денес биле нападнати со нож и повредени во зградата на Кривичниот суд на Менхетен, потврдија два извори од њујоршката полиција кои се запознаени со нападот.
„Осомничениот напаѓач е приведен по нападот врз службениците во зградата на судот на Централната улица во Њујорк. Нападот се случил близу фоајето“, изјавил неименуван полициски извор за NBC.
Еден судски службеник се здобил со посекотини на лицето, друг на вратот, а третиот бил повреден кога осомничениот го фрлил на подот обидувајќи се да побегне, се наведува во извештајот на американската телевизиска мрежа.
Сите тројца повредени се медицински згрижени и се чувствуваат добро, а истрагата е во тек, иако засега не е јасно што бил мотивот за нападот.
Свет
„Ерусалим пост“: Трамп ќе му даде на Иран последна шанса

Американскиот претседател, Доналд Трамп, планира да му упати на Иран последна шанса за договор, објави „Ерусалим пост“, повикувајќи се на американски и европски претставници.
Според неофицијални информации, новата понуда би можела да биде уште поповолна од онаа од пред недела и половина, но сепак би се базирала на американското барање за нулта толеранција за збогатување ураниум.
Според истиот извор, Иран се обидел да посредува со американската администрација преку Оман и Катар со цел да ги запре израелските напади и да ги обнови преговорите за нуклеарната програма. Саудиска Арабија наводно дејствува преку посебен канал со иста цел – постигнување прекин на огнот.
Свет
Претседателот на Иран: Не сакаме ширење на војната

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Иран не сака да ја прошири војната со Израел, но ќе одговори пропорционално на секој напад, пренесува државната иранска новинска агенција.
Пезешкијан ова го рекол за време на телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Иранските научни, воени и цивилни објекти беа под израелска агресија, при што беа убиени цивили, научници и воени водачи“, рече Пезешкијан.
„Иран не ја започна оваа војна, но ќе одговори според нивото на напад“, изјави.
Тој додаде дека учеството на Иран во нуклеарните преговори со САД зависи исклучиво од прекинот на нападите на ционистичкиот режим врз земјите во регионот.
Турскиот претседател Ердоган, според турската државна агенција, му рекол на Пезешкијан дека Турција е подготвена да игра улога на посредник за да помогне во деескалацијата на конфликтот и да го поддржи враќањето на преговорите за нуклеарната програма.