Свет
Хронологија на масакрот: Австриецот нишанел во главите на децата, оставил видео-порака за мајката
Првиот училишен ден по долгиот викенд. Потоа започнува ужасот: некои деца се преправаат дека се мртви, други очајно им се јавуваат на своите родители додека бегаат од напаѓачот: „Мамо, бегам за да го спасам мојот живот“. Најмалку десет ученици и наставници чекаат залудно…
„Сцените што досега ги поврзувавме со Америка ќе бидат длабоко врежани во колективната меморија на Австрија: деца кои трчаат за својот живот, хеликоптери на брза помош слетуваат еден по друг, вооружени полицајци скриени зад жива ограда, родители кои се расплакнуваат на улица. Масовно убиство во училиште“.
Вака пишува австрискиот „Кронен Цајтунг“, кој ја реконструираше хронологијата на ужасниот масакр во училиште во Грац во кој беа убиени најмалку десет лица. Единаесеттиот мртов е напаѓачот.
Вчера наутро околу 10 часот, полицијата доби неколку итни повици. Во средното училиште БОРГ на улицата Драјершиценгасе во округот Грац-Ленд, се слушнале истрели: „Дојдете брзо, некој пука насекаде!“ Сведоштвата и видеата покажуваат паничени средношколци како се кријат под своите клупи, додека во позадина се слушаат истрели. Експлозивите одекнуваат низ белата, повеќекатница со 20 училници, додека наставата сè уште е во тек. Стотици луѓе се наоѓаат во училиштето во тој момент.
„Безбедни сме, но има пукање“
Наставничка се крие со своите ученици и му се јавува на сопругот: „Безбедни сме, но ситуацијата е драматична. Постојано се пука.“ Потресни пораки од девојчиња и момчиња се појавуваат на социјалните мрежи. Некои се преправаа дека се мртви, некои првично мислеа дека се петарди, а многумина им се јавија на своите родители, се збогуваа и им кажаа дека ги сакаат. Дури и ранетите деца посегнаа по мобилните телефони.
Убиецот е поранешен ученик на училиштето, 21-годишен Австриец
Артур А., 21-годишен Австриец од Калсдорф во близина на Грац, извршил масакр за 15 минути. Тоа било во училиштето што самиот го посетувал, но никогаш не го завршил. Во службата за вработување бил регистриран како невработен. Тој ден, без никакви пречки, влегува во две училници, од кои едната наводно била негова поранешна, и почнува да пука од пиштол и пушка, кои легално ги поседувал. Пука ладнокрвно одново и одново, таргетирајќи ги учениците и наставниците. Телата на ранетите и убиените паѓаат крвави, некои се застрелани во главата.
Во исто време, започнува најголемата полициска и спасувачка операција во историјата на Штаерска. Бројни полициски единици и специјални сили од единицата Кобра брзаат кон училиштето, полициски и спасувачки хеликоптери полетуваат, а Црвениот крст испраќа 65 возила. Кога првите полицајци со шлемови и панцири влегуваат во училиштето, напаѓачот се застрелува во главата во училишниот тоалет.
🔴 ALERTE INFO | Véritable cauchemar matinal à l’école.
En Autriche 🇦🇹 : Une dizaine d’élèves de 9-10 ans tués lors d’une fusillade dans une école de Graz
En France 🇫🇷 : Une surveillante d’un collège de Nogent en Haute-Marne rouée de coups de couteau par un élève est décédée pic.twitter.com/lIHKVXo0gV
— Atlantis 🇫🇷 (@AtlantisOff) June 10, 2025
„Безбедноста е обновена по 17 минути“
Полицијата во соопштението наведува: „Безбедноста е обновена по 17 минути“. 21-годишникот претходно бил непознат на полицијата. Во неговиот стан е пронајдена самоубиствена порака. Тој тврди дека бил жртва на малтретирање и најверојатно сакал одмазда.
Спасувачите наишле на ужасна сцена. Ранетите со прострелни рани лежеле насекаде, а амбулантните возила ги транспортирале до градските болници. Во меѓувреме, болниците се подготвувале за таканаречениот „масовен прилив на повредени“. Лекарите со часови се обидувале да ги спасат животите на учениците и наставниците, но не можеле да им помогнат на многумина.
До вечерта беше потврдено: најлошиот училишен напад во австриската историја одзел најмалку единаесет животи. Покрај напаѓачот, загинале седум девојчиња и четири момчиња. Уште 12 лица биле повредени, од кои девет потешко.
Убиецот оставил самоубиствено писмо, но и видео-порака за неговата мајка
Heute.at пишува дека покрај самоубиствената порака, убиецот оставил и видео за неговата мајка. Самоубиствената порака е пронајдена во куќата каде што живеел 21-годишникот, во предградието на Грац, но писмото не содржи јасен мотив за злосторството.
Heute пишува дека тој снимил и видео кое потоа ѝ го испратил на неговата мајка. Во него, тој го најавил злосторството и изјавил дека дејствувал „по своја слободна волја“. Таа ја видела пораката на својот син 24 минути подоцна и веднаш ја известила полицијата. Сепак, дотогаш тој веќе оставил крвава трага низ неговото поранешно средно училиште.
Истражителите потврдиле за Heute дека на неговата домашна адреса е пронајдена и цевна бомба. Сепак, таа наводно не била функционална.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сергеј Шојгу бил цел на планираниот атентат со вазна на гробишта, јавуваат руските медиуми по извештајот на безбедносните служби
Федералната служба за безбедност (ФСБ) на Русија пред неколку дена објави дека спречила атентат врз висок руски функционер, односно експлозија што требало да се изврши на гробот на неговите најблиски на московските гробишта со помош на видеокамера скриена во вазна со цвеќе.
Руските медиуми сега јавуваат дека цел на нападот бил главниот советник за безбедност на претседателот на Русија и поранешен министер за одбрана, Сергеј Шојгу.
„Федералната служба за безбедност спречи терористички чин планиран од специјалните служби на Украина против еден од највисоките функционери на руската држава кога тој го посетил погребното место на блиски роднини на гробиштата Троекуровски“, објави ФСБ, без да го именува службеното лице. Уапсени се вкупно три лица, сопружници од Русија и мигрант од Централна Азија.
Според ФСБ, украинските безбедносни служби регрутирале нелегален мигрант од Централна Азија, двајца претходно осудени руски наркомани приведени во Москва и Шамса Јалолидин Курбанович, родена во 1979 година и жител на Киев, која е барана во Русија за убиство и нелегална трговија со оружје.
ФСБ соопшти дека комуникациските уреди запленети од осомничениот содржеле преписка со службеник на украински специјални служби преку „Ватс ап“ и „Сигнал“. ФСБ, исто така, извести за откривање на камера во вазна со цвеќе, опремена со далечински управувач, која требало да се користи во нападот.
Регион
Дијана Хрка го прекина штрајкот со глад
Дијана Хрка, мајката на Стефан Хрка, кој почина при падот на натстрешницата во Нови Сад, денес изјави дека го прекинува штрајкот со глад, кој го почна на 2 ноември.
Во изјава за новинарите, таа рече дека ќе остане пред српскиот парламент, како и дека ќе ги повика студентите од блокадата на разговор, со цел да се договорат за понатамошните чекори.
Таа изјави дека добила благослов од свештеникот и покана од медицинските работници да го прекине штрајкот со глад и додаде дека на сите им треба повеќе жива и затоа донела таква одлука, пренесе „Политика“.
Во своето обраќање до медиумите, Дијана Хрка објасни зошто не ја сака опозицијата.
„И ќе кажам зошто не ја сакам опозицијата. Кога Ѓилас беше на власт, сопругот на сестра ми беше убиен. Фрлија крвав ранец пред нејзините нозе и и’ рекоа: “Имаш деца’. Мислам дека доволно кажав за опозицијата.“
„И нека ме поправи некој и каже дека лажам, ќе дојдам и ќе им дадам докази. Во тоа време, сестрата имаше три мали деца, дури и едно од нив не одеше ни на училиште. Треба да ја сакам опозицијата, позицијата, никого. Не сакам никого. Не сметајте дека никакво обележје околу мене е мое“, додаде.
Регион
Германија: Полицијата пукала во 12-годишно девојче од Србија во домот на мајка ѝ која го загубила старателството
Девојчето (12), кое има српско државјанство и кое беше рането во Германија кога полицаец пукаше во неа, се наоѓа во тешка, но стабилна состојба. Девојчето беше застрелано ноќта меѓу неделата и понеделникот во градот Бохум, во станот на неговата мајка.
По девојчето, кое има и државјанство на Србија, претходно трагала полицијата откако исчезнало од дом во којшто било сместено бидејќи мајката му била лишена од старателството.
Бидејќи тоа не бил првпат девојчето да го напушти домот, полицијата се посомневала дека отишло кај мајката си во Бохум, па таму била испратена патрола. Полицијата пристигнала на адресата околу 00:30 часот и наводно повеќепати ѕвонела и тропала на врата на мајката, која е глува, исто како и нејзината ќерка.
По еден час обиди да ја алармираат мајката, довеле домар за да ја отвори вратата. Меѓутоа, мајката тогаш отклучила и полицајците го виделе девојчето како трча низ ходникот во правец кон собата.
Тогаш, според тврдењата на полицијата, девојчето зело ножеви и ги нападнало.
„Во понеделник, 17 ноември, 12-годишно девојче кое беше исчезнато ги нападна полициските службеници со два ножа, што резултираше со употреба на огнено оружје. Девојчето задоби тешки повреди и беше пренесено во болница. Полицијата од Есен, под надзор на јавниот обвинител од Бохум, ја презеде истрагата“, наведуваат од полицијата.
Германските медиуми претходно објавија дека застреланото девојче е глуво и дека е дијабетичар – зависно од инсулин. Полицијата не потврди дека боледува од дијабетес, но во соопштението истакна дека било зависно од лекови кои можеби не ги земало подолго време, и наведе дека претходно било пријавено нејзиното исчезнување.
„Девојчето последен пат било видено претходниот ден и било пријавено исчезнато. Нејзината мајка претходно го загубила старателството и правото да го одредува местото на престој на 12-годишното девојче, кое е болно и глуво“, истакнаа од полицијата.
Тие додадоа дека полицајците кои отишле до станот на мајката слушнале шум внатре, но никој не им ја отворил вратата.
„Пред да пристигне браварската екипа, мајката околу 01:30 часот ја отвори вратата на полицајците. Додека ја проверуваа ситуацијата и го пребаруваа станот, полицајците наидоа на 12-годишното девојче кое им се приближуваше со два ножа во рацете. Според првичните наоди, полицајците истовремено употребиле и електрошокер и огнено оружје за да се одбранат од потенцијален напад со нож. Полицајците укажале прва помош додека не пристигнале итната помош и лекарите. Итниот лекар го превезол девојчето во блиската болница, каде што моментално се наоѓа на интензивна нега. Истата ноќ, одделот за убиства на полицијата од Есен ја презеде истрагата под надзор на јавниот обвинител од Бохум“, наведоа од полицијата.
(stern.de)

