Свет
Шведски научници: Земјата не успеа во борбата против Ковид-19

Шведскиот пристап во борбата против Ковид-19 не успеа. Мислењето дека стекнувањето колективен имунитет ќе го запре вирусот очигледно не функционира, заклучиле 25 шведски лекари и научници, пренесува „Ју-ес тудеј“.
Шведска го привлече вниманието поради мекиот пристап против вирусот – нема реситриктивни мерки и ограничувањата и носењето маска се само препораки.
„Овој пристап е либерален, а за време на протестите во САД можеа да се видат пароли ‘Да бидеме како Шведска’, иако беше јасно дека каде и да беа применети поблаги мерки, стапката на смртност беше повисока“, пишува „Ју-ес тудеј“.
Мотивите за одлуката на Шведската агенција за јавно здравје и денеска се делумно мистерија. Некои земји, кои се одлучија за истиот пристап, се откажаа од тоа затоа што бројот на смртни случаи се зголемуваше, но Шведска остана верна на својот модел – а прашањето е зошто?
За една држава да добие колективен имунитет, треба да се зарази голем дел од населението, по можност помлади лица.
Сепак, ова не беше официјална цел на Шведската агенција за јавно здравје, но официјално беше соопштено јавно дека овој вид имунитет може да помогне во сузбивање на ширењето на болеста, така што сè укажува на тоа дека тоа било целта што Агенцијата сакаше да ја постигне.
Друг доказ како поддршка на ова е дека Агенцијата инсистира на задолжително школување на децата од пониските одделенија, дека веќе подолго време ја минимизира важноста на тестирањето и дека одбива да ја признае важноста на асимптоматското ширење на вирусот.
Оваа јавна здравствена установа сè уште не препорачува да се носат маски во јавноста и покрај сите докази за нивната ефикасност.
Според Агенцијата, се проценува дека помалку од 10 % од Швеѓаните имаат антитела на вирусот, така што идејата за имунитет на стадото не успеа.
„Ју-ес тудеј“ наведува дека бројот на смртни случаи во Шведска е поголем отколку во САД – на 20 јули имало 556 смртни случаи на милион жители, а во САД – 425.
Во оваа земја починаа четирипати повеќе луѓе отколку во сите други нордиски земји заедно, а веќе неколку недели Шведска е меѓу водечките земји во светот кога станува збор за стапката на смртност.
И покрај сето ова, стратегијата останува де факто иста.
„Во Шведска оваа стратегија доведе до смрт, страдање и тага и нема индикации дека националната економија помина подобро отколку во другите земји. Во моментот ние само му дадовме пример на светот како не треба да се бори против смртоносната заразна болест. Се надеваме дека вакцината ќе биде откриена набргу, а дотогаш не применувајте ја шведската стратегија“, рекоа шведските научници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
67 мртви во поплавите во Тексас, загина 21 дете

Бројот на жртви од катастрофалните поплави во Тексас се искачи на најмалку 67 денес, вклучувајќи 21 дете, додека потрагата по девојчињата од летниот камп продолжува трет ден по ред.
Лари Леита, шерифот на округот Кер во регионот Тексас Хил Кантри, епицентарот на поплавите, изјави дека бројот на жртви се искачил на 59, вклучувајќи 21 дете.
Леита рече дека исчезнати се 11 девојчиња и водач на летниот камп во близина на реката Гвадалупе, која се излеа по обилните дождови во централен Тексас на Денот на независноста во петокот.
Другите жртви се од други области погодени од поплавите.
Службениците изјавија дека повеќе од 850 луѓе се спасени, вклучувајќи некои што се држеле за дрвја.
Федералната агенција за управување со вонредни состојби беше активирана денес и распореди спасувачи откако претседателот Доналд Трамп прогласи голема катастрофа, соопшти Министерството за внатрешна безбедност.
Хеликоптери и авиони на крајбрежната стража помагаат во потрагата и спасувањето, соопшти министерството.
Се очекуваат повеќе врнежи во областа во недела, а Националната метеоролошка служба издаде предупредување за ненадејни поплави за округот Кер.
Регион
Македонец меѓу загинатите во Бугарија кога автомобил управуван од 19-годишник се заби во ресторан

Деветнаесетгодишен возач со автомобилот се заби во ресторан во Разград, Бугарија, при што загинаа три лица, меѓу кои 58-годишник, државјанин на Македонија, соопшти бугарската полиција.
Несреќата се случила по полноќ на улицата Гранчарска во градот. Според првичните информации, младиот возач ја изгубил контролата врз автомобилот, што ја предизвикало тешката несреќа. Тестовите за алкохол и дрога на 19-годишниот возач биле негативни, јавуваат бугарските медиуми.
Починатите се лица на возраст од 62, 64 и 58 години, кои биле во објектот во моментот на несреќата.
Свет
Почнуваат преговорите меѓу Израел и Хамас

Катар денес ќе биде домаќин на нова рунда индиректни преговори меѓу Израел и Хамас во обид да се постигне договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа, изјави за АФП палестински извор запознаен со преговорите.
„Медијаторите го информираа Хамас дека новата рунда индиректни преговори меѓу Хамас и Израел ќе почне оваа недела во Доха“, рече изворот, додавајќи дека делегација на палестинското исламистичко движење, предводена од Халил ал-Хаја, веќе е во Доха.
Израелската јавна телевизија објави дека израелската делегација ќе замине за Доха во раните попладневни часови. Овие преговори ќе бидат фокусирани на условите за можен договор за прекин на огнот, особено во врска со ослободувањето на заложниците во Газа и палестинските затвореници во Израел, според истиот извор.
Исламистичкото движење побара значителни испораки на хуманитарна помош на палестинските територии, додаде изворот, како и „гаранции за траен крај на војната“.
Хамас продолжува да бара повторно отворање на преминот Рафа на границата меѓу Појасот Газа и Египет, кој Израел го контролира од мај 2024 година, за да се овозможи евакуација на ранетите.
Според палестински извори запознаени со преговорите, предлогот доставен до Хамас вклучува 60-дневно примирје за време на кое движењето би ослободило 10 живи заложници, како и неколку тела на мртви затвореници, во замена за ослободување на Палестинците што ги држи Израел.
Хамас во петокот објави дека е подготвен „веднаш да започне“ преговори за американскиот предлог за прекин на огнот и дека го проследил „својот одговор“ до катарските и египетските посредници, без да даде детали.
Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера објави дека бил информиран за „промените што Хамас сака да ги направи во предлогот“ и дека ги смета за „неприфатливи“.
Индиректните преговори треба да продолжат пред средбата меѓу Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон.
Канцеларијата на премиерот потврди за АФП дека Нетанјаху ќе отпатува за Соединетите Држави денес околу 17:00 часот по локално време.