Свет
Шефот на дипломатијата на Трамп ќе ја води работната група за безбедносни гаранции за Украина

Американскиот државен секретар Марко Рубио ќе ја води работната група која ќе изработи предлог за безбедносни гаранции за Украина, потврди висок функционер на Белата куќа и уште еден извор запознаен со плановите за „Си-ен-ен“.
Рубио, кој во моментов ја извршува и функцијата привремен советник за национална безбедност, ќе соработува со европски советници за национална безбедност на предлог со кој би ѝ се гарантирала одбрана на Украина доколку таа се согласи на договор со Русија за завршување на војната. Прв за ова извести „Аксиос“, кој објави дека Рубио ќе ги води разговорите.
Според изворите, во следните денови ќе се одржат низа состаноци на кои ќе се разговара за можните безбедносни гаранции.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп ја отфрли можноста за испраќање американски сили на украинска територија како дел од мировните планови, но не ги исклучи другите форми на американска поддршка.
„Претседателот разбира дека безбедносните гаранции се клучни за обезбедување траен мир и им наложи на својот тим за национална безбедност да координира со нашите европски пријатели, како и да продолжи соработката и разговорите за овие прашања со Украина и Русија“, изјави портпаролката на Белата куќа Каролин Левит на брифинг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Осомничениот за убиството на Чарли Кирк се брани со молчење

Тајлер Робинсон, осомничениот за убиството на Чарли Кирк, престанал да комуницира со истражителите откако ангажирал адвокат. Деталите од неговиот прв разговор со полицијата се непознати.
„Тајлер Робинсон, човекот осомничен за пукањето и убиството на Чарли Кирк во среда, не разговара со истражителите“, потврдија за „Си-ен-ен“ два извори запознаени со случајот.
Еден од изворите рече дека Робинсон првично комуницирал со полицијата, но набрзо замолчил откако утрово ангажирал адвокат. Засега не е познато што разговарал со истражителите пред да одлучи да молчи.
Свет
Убиецот на Кирк би можел да биде осуден на смрт со стрелање

Властите на Јута ќе бараат смртна казна за 22-годишниот Тајлер Робинсон кој се сомничи за убиството на соработникот на Доналд Трамп, политичкиот активист, Чарли Кирк. Јута е една од петте американски држави кои дозволуваат егзекуција со стрелање.
Можноста за барање најстрога казна претходно ја објави гувернерот на Јута, Спенсер Кокс, кој изјави дека смртната казна е опција.
Јута, државата каде што се случи пукањето, е една од петте американски држави кои дозволуваат егзекуции со стрелање.
Свет
Осомничениот за убиството на Кирк задржан во притвор без можност за кауција

Тајлер Робинсон, осомничениот за убиството на Чарли Кирк во Јута, е приведен без кауција.
Судските документи исто така наведуваат дека Робинсон нема прекршочни или кривични пресуди.
Робинсон беше приведен по неколку првични обвиненија, кои вклучуваат тешко убиство, пукање со огнено оружје и попречување на правдата. Официјални обвиненија сè уште не се покренати против него.
Тајлер Робинсон, осомничениот за убиството на Чарли Кирк, е сместен во окружниот затвор во Спаниш Форк во американската држава Јута.
Властите имаат три дена да поднесат документи како подготовка за прелиминарно судско рочиште, каде што Робинсон треба да се појави за прв пат пред судија, што се очекува на почетокот на следната недела.