Свет
Што ќе се случи со нуклеарниот куфер, кој постојано беше покрај Трамп

Американскиот претседател во заминување, Доналд Трамп, денеска нема да присуствува на инаугурацијата на Џо Бајден.
Неговото отсуство ќе има влијание врз еден од најважните детали на денот на инаугурацијата – предавањето на т.н. нуклеарен куфер на новиот шеф на Белата куќа.
Официјално, нема објаснување за тоа како Трамп ќе го предаде нуклеарниот куфер на Бајден, кој му служи на американскиот претседател за да може да лансира нуклеарни ракети во секое време, а го носи воен соработник, кој мора да биде со претседателот нонстоп.
Обично куферот му се предава на друг помошник, кој стои покрај новоизбраниот претседател на инаугурацијата, во овој случај Бајден, додека тој положува заклетва, објаснува Си-ен-ен.
Меѓутоа, денеска размената ќе се случи малку поинаку од вообичаеното бидејќи Трамп ќе замине на Флорида.
Се верува дека нуклеарниот куфер ќе биде со него цело време, велат експертите, што значи дека ќе има најмалку два куфера на разни локации.
Повремениот автор на текстови во „Атомик сајантистс“, Стивен Шварц, објасни како стојат работите.
„Има најмалку три, веројатно четири идентични куфери. Едниот оди со актуелниот претседател, другиот е со потпретседателот, а третиот традиционално е покрај личност наменета да преживее важни настани, како што е инаугурацијата. Денес, еден куфер ќе биде надвор од градот, што значи дека само куферот на потпретседателот Пенс ќе биде во Вашингтон, освен ако воената канцеларија на Белата куќа не подготви еден и за Бајден“, изјавил тој за Си-ен-ен.
Кодовите за активирање на куферот на Трамп ќе важат до 11.59 часот по локално време по што ќе бидат исклучени.
„Според 20-тиот амандман, Доналд Трамп е претседател до 11.59.59 и дотогаш има законско овластување да го користи нуклеарниот арсенал. Ако помошникот го придружува на Флорида, тој ќе треба да го напушти Трамп напладне и да се врати во Вашингтон со куферот“, објаснува Шварц.
Доколку Трамп сака да нареди нуклеарен напад во 12.01, наредбата нема да биде валидна и воените команданти немаат обврска да ја извршат, а потоа кодовите ќе станат неважечки.
Во меѓувреме, Бајден ќе го добие својот „бисквит“ (пластична картичка со шифри за нуклеарен напад) веројатно рано наутро пред инаугурацијата, како и потпретседателката Камала Харис, која ќе биде информирана за постапката за почнување нуклеарен напад, но нивните кодови нема да бидат активни до пладне.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Путин и Макрон разговараа по телефон по три години

Рускиот претседател, Владимир Путин разговараше со францускиот претседател Емануел Макрон за војната во Украина, соопшти денес Кремљ. Се работи за прв телефонски разговор меѓу двајцата лидери од 2022 година.
Во соопштението се наведува дека Путин, коментирајќи ја ситуацијата во Украина, оценил дека сегашниот конфликт е директна последица на политиките на западните земји кои со години ги игнорираа безбедносните интереси на Русија, а сега водат политика на продолжување на непријателствата.
Рускиот претседател ги потврди основните пристапи кон можните мировни договори за Украина, се додава во соопштението, тврдејќи дека договорот треба да биде сеопфатен и долгорочен, да обезбеди отстранување на коренските причини за украинската криза и да се базира на нови територијални реалности.
Двајцата лидери разговараа и за ситуацијата на Блискиот Исток во контекст на конфликтот меѓу Иран и Израел и нападите на САД врз нуклеарните постројки на Иран. Тие ја нагласија посебната одговорност на Русија и Франција како постојани членки на Советот за безбедност на ООН во зачувувањето на мирот и безбедноста и одржувањето на глобалниот режим за неширење на нуклеарно оружје.
„Во овој контекст, важноста од почитување на легитимното право на Техеран да развива мирна нуклеарна енергија и да продолжи да ги исполнува своите обврски според Договорот за неширење на нуклеарно оружје, вклучително и соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ)“, се додава во соопштението.
Путин и Макрон се залагаа за решавање на прашањето за иранската нуклеарна програма и другите регионални прашања исклучиво преку политички и дипломатски средства, а беше нагласено дека претседателите се согласиле да продолжат со контактите. „Разговорот меѓу Владимир Путин и Емануел Макрон беше значаен“, се заклучува во соопштението.
Ова е првиот телефонски разговор меѓу двајцата претседатели по повеќе од две години, а последниот познат контакт се одржа во септември 2022 година.
Свет
Тесно изгласан „големиот, прекрасен закон“ на Трамп за даноците и трошењето

Сенатот на САД го изгласа законот за даноци и владини трошоци на претседателот на САД, Доналд Трамп, по повеќе од 24 часа преговори.
Гласањето заврши со нерешен резултат 50-50, при што потпретседателот Џ.Д. Венс во просторијата го даде одлучувачкиот глас. Републиканците Том Тилис, Ранд Пол и Сузан Колинс гласаа против законот, заедно со сите демократи.
Таканаречениот Голем прекрасен закон, кој ги спроведува многу од клучните политички цели на Трамп, а воедно го зголемува националниот долг за 3,3 трилиони долари, сега се враќа во Претставничкиот дом за конечно одобрување.
Трамп претходно навести дека можеби ќе биде флексибилен во врска со рокот од 4 јули.
Поради законот, избувна пресметка меѓу недамнешните сојузници, претседателот Доналд Трамп и милијардерот кој ја водеше канцеларијата за ефикасност на владата, Елон Маск. Денес, таа конфронтација повторно се разгоре.
Американскиот претседател Доналд Трамп го нарече усвојувањето на неговиот закон за даноци и владини трошоци во Сенатот „музика за неговите уши“.
За време на дискусијата на тркалезна маса во новоотворениот, многу контроверзен центар за притвор на мигранти во Флорида, кој е наречен „Алигатор Алкатраз“ поради неговите услови и локација, еден новинар го информираше Трамп дека Сенатот штотуку го усвоил законот.
„Ви благодарам, вау. Ви благодарам, чекав, слушајќи ги овие прекрасни зборови што се музика за моите уши, но ме интересираше и како стоиме. Тоа покажува колку ве ценам затоа што сум тука со вас, а веројатно треба да бидам таму“, одговори Трамп.
Трамп, исто така, го пофали својот потпретседател Џ.Д. Венс, кој го даде одлучувачкиот глас во Сенатот.
„Тој добро си ја врши работата“, рече Трамп.
Кога беше прашан што им кажува на републиканските членови на Претставничкиот дом кои не беа задоволни од промените во законодавството усвоени од Сенатот, Трамп рече:
„Тоа ви кажува дека има по нешто за секого… Тоа е одличен закон. Има по нешто за секого и мислам дека ќе помине многу непречено во Претставничкиот дом. Всушност, мислам дека ќе биде полесно таму отколку во Сенатот.“
Свет
Трамп го навреди фаворитот за градоначалник на Њујорк: „Тој е лудак“

Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес остро го критикуваше кандидатот за градоначалник на Њујорк, Зохран Мамдани, нарекувајќи го „целосен лудак“, објави Анадолија.
„Искрено, слушнав дека е тотален лудак“, им рече Трамп на новинарите.
„Мислам дека луѓето од Њујорк се луди што гласаат така. Мислам дека се луди. За прв пат ќе имаме комунист, вистински, чист комунист. Тој сака продавници, стоковни куќи. А што е со луѓето што работат таму? Мислам дека е лудо.“
Мамдани го победи поранешниот гувернер на Њујорк, Ендру Куомо, на демократските прелиминарни избори минатата недела, позиционирајќи се себеси како првиот муслимански градоначалник на Њујорк.
Кандидатот на демократите е познат како отворен поддржувач на Палестина и критичар на Израел. Тој е ко-основач на огранокот Студенти за правда во Палестина на колеџот Боудоин, а во 2023 година учествуваше во штрајк со глад пред Белата куќа барајќи прекин на огнот во Појасот Газа.
Трамп го повтори своето тврдење дека Мамдани бил комунист. „Мислам дека е ужасен. Тој е комунист. Последното нешто што ни треба е комунист. Реков дека никогаш нема да има социјализам во Соединетите Држави“, рече тој.
„Мислам дека е лоша вест и мислам дека ќе се забавувам многу со него, гледајќи го, бидејќи мора да дојде тука за своите пари. Не грижете се, нема да се извлече.“