Свет
Австралискиот премиер: Ќе ни бидат потребни две години за да закрепнеме од корона-кризата
Австралиската влада откри низа инфраструктурни проекти со кои планира да ја рестартира економијата, која застана за време на кризата предизвикана од пандемијата на коронавирус.
Австралиската економија треба да закрепне многу побрзо од другите поради успешно сузбивање на вирусот.
ОЕЦД предвидува дека Австралија ќе има еден од најмалите падови на БДП меѓу развиените земји до крајот на 2020 година, додека официјалните предвидувања за стапката на невработеност се ревидирани и намалени од 10 на 8 проценти.
И покрај горенаведеното, премиерот Скот Морисон рече дека ќе бидат потребни две години за Австралијците да ја вратат економијата таму каде што беше пред пандемијата на коронавирус.
„Тоа е планина на која допрва треба да се искачиме“, кратко рече Морисон, додавајќи дека тие ќе бидат многу внимателни со потрошувачката во иднина.
Австралија сè уште пријавува релативно голем број нови инфекции секој ден, но повеќето ограничувања се укинати, освен границите, кои треба да бидат отворени во јули. Властите соопштија дека вирусот е искоренет во поголемиот дел од земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанскиот министер: Американскиот план за Украина содржи услови што никогаш не би можеле да бидат прифатени
Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето изјави дека американскиот мировен план од 28 точки за Украина е премногу оштар и дека содржи елементи кои никогаш не можат да бидат прифатени. Во објава на мрежата Икс тој наведе дека е важно тоа што и Русија и Украина разговараат за планот, но дека предлогот претставува тешка понуда за Киев.
Крозето додаде дека документот може да послужи како почетна точка за преговори и за обновување на дијалогот. Според него, целта е итно запирање на конфликтот.
Украинскиот претседател претходно предупреди дека се соочува со тежок избор, а европските лидери изразија загриженост дека предложените ограничувања би ја оставиле Украина ранлива на идни напади.
Свет
Трамп: Мировниот план за Украина не е конечен
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговиот сегашен мировен план за Украина не е конечен. На прашањето на новинарите пред Белата куќа дали планот од 28 точки е неговата последна понуда, Трамп беше јасен.
„Не, ни блиску“, рече тој.
„Би сакале да постигнеме мир, тоа требаше да се случи одамна. Војната на Украина со Русија никогаш не требаше да се случи. Да бев претседател, тоа никогаш немаше да се случи. Се обидуваме да ја завршиме. На еден или друг начин, мора да ја завршиме“, додаде.
Претходно, за време на состанокот со новоизбраниот градоначалник на Њујорк, Зохран Мамдани, во Овалната соба, Трамп рече дека на украинскиот претседател Зеленски ќе мора да му се допадне планот.
„Мислиме дека имаме начин да постигнеме мир. Тој ќе мора да го одобри“, заклучи американскиот претседател во тоа време.
Вашингтон му претстави план од 28 точки на Киев. Тој план се гледа со голема загриженост во Киев, бидејќи вклучува неколку клучни руски барања: Украина да се откаже од дел од својата територија, да прифати намалување на големината на својата армија и да се откаже од членството во НАТО. Русија би ги задржала Донецк, Луганск и Крим, но би морала да се откаже од другите освоени територии. Од друга страна, Украина, на пример, би добила западни безбедносни гаранции за да спречат понатамошни руски напади. Планот, исто така, предвидува огромен глобален пакет мерки за Украина веднаш да започне со обнова на уништената земја, што вклучува основање на Украинскиот фонд за развој за инвестирање во брзорастечки индустрии, вклучувајќи технологија, центри за податоци и вештачка интелигенција.
Коментирајќи го планот, Зеленски предупреди дека Украина „или ќе го изгуби своето достоинство или ризикува да изгуби голем партнер“. Замолен да ја коментира таа изјава, Трамп претходно изјави дека му рекол на Зеленски на состанок во Белата куќа во февруари дека „нема билет“ да ја заврши војната според неговите услови.
„Во одреден момент, тој ќе мора да прифати нешто што не го прифатил претходно“, рече Трамп.
„Мислам дека требаше да го прифати договорот пред една, две години. Најдобриот договор ќе беше ако војната никогаш не почнеше.“
Лидерите на ЕУ се состанаа на маргините на самитот на Г20 во Јоханесбург денес за да разговараат за ситуацијата во Украина, по што издадоа заедничка изјава.
Свет
Билд: Европа сака доуредување на најмалку 4 точки од мировниот план
Европа сака да промени најмалку четири точки во мировниот план на САД, пишува Билд.
Европејците особено не се согласуваат со предлогот на администрацијата на претседателот Доналд Трамп во врска со териториите. Тоа е Крим, Луганск и Донецк да бидат де факто признати како руски, а границите во Херсонската и Запорошката област да бидат замрзнати по линијата на контакт.
Европските земји, исто така, го оспоруваат ограничувањето на големината на украинската армија на 600.000 луѓе. Европските лидери и лидерите на Г7 на самитот на Г20 во Јужна Африка изразија загриженост за намалувањето на големината на украинските вооружени сили, што, според нив, ја прави Украина „ранлива на идни напади“. Тие, исто така, инсистираа дека границите на Украина „не треба да се менуваат со сила“.
Понатаму, според „Билд“, канцеларот Фридрих Мерц има намера да му стави до знаење на американскиот претседател дека безбедносните гаранции на Украина „можеби не вредат ниту хартијата на која се напишани“, бидејќи сличен договор беше склучен уште во 1994 година, кога Киев се откажа од своето нуклеарно оружје.
Мерц е исто така незадоволен од плановите на Трамп за замрзнатите руски средства. Според нив, 100 милијарди долари замрзнати руски средства би биле инвестирани во напори за реконструкција и инвестиции во Украина предводени од САД, при што Вашингтон, пак, би добивал 50 отсто од профитот. Европа би додала 100 милијарди долари за да го зголеми обемот на инвестиции во реконструкцијата на Украина. Остатокот од замрзнатите средства на Москва би биле инвестирани во посебно американско-руско инвестициско средство.
Според „Шпигел“, Европејците им испратиле на САД работна верзија на контрапредлозите за Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека планот на Трамп не бил конкретно дискутиран со Москва. Путин верува дека причината е тоа што Вашингтон сè уште не успеал да добие согласност од украинската страна. Претседателот не исклучи ја исклучи можноста предлозите да бидат поставени како основа за конечно мирно решение.
Украинските власти веќе објавија дека го проучуваат документот, но изразија резерви за клучните прашања поврзани со територијалните отстапки, статусот на вооружените сили на Украина и безбедносните гаранции.
Доналд Трамп веќе изјави дека верува оти следниот четврток, 27 ноември, е соодветен рок за Украина да го прифати планот.
Рускиот претседател Владимир Путин, од друга страна, посочи дека американскиот план „може да се користи како основа“ за решавање на војната во Украина и дека Москва останува задоволна од офанзивата на бојното поле, но е отворена за преговори.

