Свет
Австриската десничарска партија го избриша скандалозното расистичко видео по жестоките критики
Антимигрантската Слободарска партија на Австрија (ФПО) со анимиран видеоклип промовира нова картичка за идентификација за да се спречи злоупотребата на социјалните услуги, но клипот веднаш беше оценет како расистички и полн омраза зашто во него се појавува лик на измамник кој носи фес и се вика Али, пренесува „Спутник“.
Прес-службата на ФПО, парија што управува со земјата заедно со Австриската народна партија (ОВП), објави контроверзно видео за е-картички, предложени лични карти со фотографии што ќе бидат воведени во 2020 година. Клипот е со наслов „Фотографија на е-картичка – крај на социјалната злоупотреба!“
Нејзиниот главен лик Али, кој носи традиционален турски фес, сака да посети стоматолог, но нема осигурување и се обидува да ја искористи личната карта со фотографија на својот братучед Мустафа. Сепак, измамата не му успева. Во видеоснимката, министерката за социјални работи, Беате Хартингер-Клајн, претставник на ФПО, објаснува дека оваа мерка треба да ги спречи оние што мамат и ги искористуваат нашите системи за социјална заштита, а не платиле никакво осигурување“. Видеото завршува со зборовите „Немаш среќа, Али!“
Клипот беше критикуван од опозицијата, активистите за човекови права и од корисниците на социјалните мрежи, кои ја обвинија ФПО за поттикнување омраза и го нарекоа клипот расистички и ксенофобичен. Партијата Петер пилс лист, основана од поранешен пратеник на зелените, сака да почне парламентарна истрага против министерката за социјални работи, која се појавува во видеото, за да дознае дали таа знаела за контекстот во кој биле користени нејзините изјави.
По превирањата, клипот беше избришан од профилите на ФПО на „Фејсбук“ и на „Јутјуб“. Генералниот секретар на партијата, Кристијан Хафенекер, изјави дека не го видел видеото пред да биде поставено на интернет. Тој го посочи немањето комуникација како причина за ситуацијата и рече дека првичната порака можела да биде презентирана поинаку, но кога работат многу луѓе, понекогаш се случуваат грешки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

