Свет
Австрија станува прва земја на ЕУ што го забрани хербицидот глифосат
Австрија гласаше за забрана на глифосатот, главна состојка во озлогласениот хербицид „Раундап“ на „Баер-Монсанто“, со што стана прва земја на ЕУ која го забрани средството, создавајќи ПР-катастрофа за германската компанија која е во проблеми, пренесува РТ.
„Научните докази за канцерогениот ефект на овој отров за растенија се зголемуваат. Наша одговорност е да го забраниме овој отров во нашето опкружување”, рече лидерот на Социјалдемократската партија, Памела Ренди-Вагнер, во изјавата од вторникот.
Резолуцијата беше усвоена во соработката на нејзината партија, десничарската Партија на слободата и либералната партија Неос, а останува само да биде потпишана од претседателот Александар ван дер Белен, поранешен лидер на Зелената партија, освен ако нема замерки од Горниот дом на парламентот.
„Сакаме да бидеме пример за други земји во ЕУ и во светот”, рече Ервин Прејнер, пратеник на социјалдемократите, кој работел на забраната.
Австрија го прифати органското земјоделство повеќе од која било друга европска земја – речиси една четвртина од обработливото земјиште е органско – и затоа не е главен пазар за хербициди базирани на глифосат, користејќи само неколку стотици тони годишно.
Австриското Министерство за одржливост и туризам тврди дека целосна забрана на глифосатот го крши законот на ЕУ, бидејќи хемикалијата е одобрена за продажба и употребата во ЕУ до 2022 година, но поддржувачите на законот посочија на други примери на одделни земји кои забрануваат специфични хемиски состојки како доказ за нивното право да донесат закон против хербицидот.
Франција претходно годинава го забрани „Раундап про 360“, еден тип од популарниот глифосат на „Монсанто“, а претседателот Емануел Макрон вети дека целосно ќе ја забрани употребата на глифосат во рок од три години.
„Можни се националните забрани за производи за заштита на растенијата со глифосат или ограничувањата на нивната употреба”, објави Европската комисија во 2016 година, потврдувајќи дека државите на ЕУ не мора да се кријат зад Европската комисија при одлучувањето дали да се забрани конкретна формула на хербицид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Венецуела прифати месечен надзор: буџетот ќе оди на одобрување во Вашингтон
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека привремената влада на Венецуела се согласила секој месец да го доставува својот буџет на одобрување до Соединетите Американски Држави.
Обраќајќи се пред Комитетот за надворешни односи на Сенатот, Рубио рече дека американската влада одлучува за што може да се користат средствата, во рамки на она што го опиша како „краткорочен механизам“. Тој додаде дека венецуелските власти ветиле значителен дел од средствата да го искористат за набавка на лекови и опрема директно од Соединетите Држави, оценувајќи дека раководството на Венецуела било „многу кооперативно“.
Американските сили на почетокот на јануари ја нападнаа Венецуела и го заробија нејзиниот авторитарен лидер Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, со што земјата беше вовлечена во политички превирања.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака да ја ревитализира венецуелската нафтена индустрија и најави големи придобивки и за себе и за народот на Венецуела. Тој по пучот изјави и дека има намера привремено да управува со земјата, без да прецизира како тоа би изгледало.
Соединетите Држави во моментов соработуваат со потпретседателката на Венецуела Делси Родригез, која ја презеде функцијата привремена претседателка на земјата.
Свет
Ако Зеленски е навистина подготвен за средба, го каниме во Москва, ќе ја гарантираме неговата безбедност, рече помошникот на Кремљ
Кремљ соопшти дека е подготвен за директна средба меѓу Володимир Зеленски и Владимир Путин.
Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека Русија никогаш не одбивала вакви контакти и дека е подготвена да му гарантира безбедност на Зеленски доколку дојде во Русија.
„Доколку Зеленски е навистина подготвен за средба, тогаш го каниме во Москва. Ќе ја гарантираме неговата безбедност и потребните услови за работа“, рече Ушаков во интервју.
Изјавата доаѓа во време на нови дипломатски напори за завршување на војната, пренесе „Киев Индипендент“.
Претходно, заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, изјави дека Зеленски е подготвен за средба со Путин за да разговараат за две клучни теми: територијалното решение и иднината на нуклеарната централа Запорожје, која е под руска окупација.
Размената на пораки се случува во момент кога Украина, Русија и САД повторно се дипломатски активни, во контекст на напорите на Доналд Трамп за завршување на војната. Се очекува следната рунда преговори да се одржи на 1 февруари.
Зеленски и Путин последен пат лично се сретнаа во Париз во декември 2019 година, во рамки на Нормандискиот формат. Од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година, немале директни разговори.
Свет
Напнатост меѓу Киев и Будимпешта по изјавите за мешање во изборите
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало Антал Хајзер, унгарскиот амбасадор во Киев, на разговор поради недамнешните изјави на високи унгарски политичари, меѓу кои и премиерот Виктор Орбан, за наводно украинско мешање во претстојните парламентарни избори во Унгарија.
Министерството упатило протест до унгарскиот амбасадор, негирајќи дека Украина се меша во унгарските избори. Притоа нагласило дека Киев решително се спротивставува на „секој обид на унгарската страна да ја вовлече Украина во унгарската изборна кампања“, оценувајќи дека таквите постапки му штетат на развојот на билатералните односи.
Украинското Министерство за надворешни работи ја повикало Унгарија „да престане со својата агресивна реторика против Украина“ со цел да се избегнат понатамошни негативни последици за билатералните односи. Воедно било наведено дека Украина и понатаму е подготвена за конструктивна соработка со Унгарија.
Во соопштението се повторени и повиците до Будимпешта да престане да ги блокира преговорите за пристапување на Украина во Европска унија, со образложение дека членството на Украина би било во интерес и на двата народа, како и на унгарското малцинство во Украина.

