Свет
Адвокатот што извади оружје пред демонстрантите вели дека бил жртва на тероризам
Адвокатот од Сент Луис, кој стана вирале хит со својата сопруга откако вперија оружје кон демонстрантите на „Блек лајвс медр“ во нивното соседство, тврди дека тој бил жртва на социјално заплашување и на тероризам, пренесува „Њујорк пост“.
Во интервју во вторникот за Си-ен-ен, Марк Мекласки (63) повтори дека тој и неговата сопруга Патриција (61) се плашеле за своите животи кога се заканувале со огнено оружје кон демонстрантите кои низ нивната улица оделе кон домот на градоначалничката Лида Крусон за да бараат нејзина оставка.
На прашањето дали нешто се случило со неговото семејство или имот, Меклaски изјавил:
„Да, тоа се нарекува социјално заплашување, се нарекува тероризам. Која е дефиницијата за тероризмот? Користење насилство и заплашување за да се заплаши јавноста. Тоа и се случуваше таа вечер. Тоа е она што ми се случи и тоа е штетата што ја претрпев“.
Тој ги отфрли сите тврдења дека неговите дејства го направиле поборник против движењето „Блек лајвс медр“.
„Ова е потполно смешна изјава“, рече Мекласки. „Јас бев човек исплашен за својот живот кој ја штити својата сопруга, својот дом, огништето, својот живот. Бев жртва на толпа што помина низ мојата порта. Не ме интересира каква боја на кожата имале. Не ме интересира која беше нивната мотивација. Бев исплашен, ме нападнаа и стравував дека ќе ме прегазат, ќе ме убијат, ќе ми ја запалат куќата“.
„Не одвоив време да ги видам нивните изводи од матична книга на родените или што било друго“, додаде тој. „Ја бранев својата куќа, мојот живот, сопругата и она што сум го градел 32 години“.
Нивниот адвокат, Алберт Воткинс, изјави дека двојката Мекласки се долгогодишни активисти за граѓански права.
„Адвокатскиот пар излегол со полуавтоматска пушка и пиштол кога два-тројца демонстранти – кои биле белци – насилно им се заканиле ним и на нивниот имот. Тие постапиле законски од страв чија генеза не е поврзана со расата“, рече Воткинс претходно неделава.
„Моите клиенти се целосно зад движењето против разизам и го поддржуваат. Но не прифаќаат користење на таа благородна порака што сите треба да ја слушнеме како дозвола за силување, грабеж и газење на сите наши права“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Најновите документи за Епстин ме ослободуваат од обвинувањата
Американскиот претседател Доналд Трамп, реагираше на објавувањето на повеќе од три милиони страници документи поврзани со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, тврдејќи дека документите го ослободуваат од обвинувањата.
– Не сум ги видел документите лично, но некои многу важни луѓе ми кажаа дека тие не само што ме ослободуваат, туку покажуваат спротивно од она што радикалната левица и другите го очекуваа, им рече Трамп на новинарите во претседателскиот авион „Air Force One“, пренесува „Тајмс“.
Трамп, кој призна дека бил пријател со Епстин, повеќепати негираше каква било вмешаност или сознанија за неговите сексуални злодела, истакнувајќи дека нивното пријателство завршило пред многу години.
Министерството за правда на САД предупреди дека објавените документи можат да содржат „невистинити и сензационалистички“ тврдења за Трамп.
Министерството за правда на САД завчера објави повеќе од 3,5 милиони страници документи, околу 2.000 видео-снимки и 180.000 фотографии во рамките на новата серија материјали поврзани со случајот на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.
Свет
Зеленски: Новата рунда трилатерални преговори со Русија и САД ќе се одржи на 4 и 5 февруари
Новата рунда преговори меѓу Украина и Русија, со посредство на САД, ќе се одржи во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати, в среда и четврток (4 и 5 февруари), најави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Зеленски нагласи дека Киев е подготвен за „суштинска дискусија“.
Тој истакна дека информациите доаѓаат од украинскиот преговарачки тим кој денеска требаше да одржи разговори со руската делегација.
„Нашиот преговарачки тим штотуку даде извештај. Датумите за следните трилатерални состаноци се одредени: 4 и 5 февруари во Абу Даби. Украина е подготвена за суштински разговори и ние сме заинтересирани исходот да нè доближи до вистински и достоинствен крај на војната (Москва-Киев). Ви благодариме на сите што помагате!“, рече тој.
Ни Москва ниту Вашингтон не ги потврдија информациите што ги сподели Зеленски.
Претходно, повеќе западни медиуми јавија дека денешната средба на претставници на рускиот и украинскиот тим е одложена, а дипломатскиот фокус е насочен кон средината на претстојната недела.
Свет
(Видео) Сведоштво на мајката и сопруга на уапсените за марихуаната поврзана со Македонија
Членови на семејството Спасојевиќ и нивни соседи се огласија по заплената на повеќе од пет тони марихуана на семеен имот во околината на Крушевац, случај кој српските власти го оценуваат како една од најголемите акции против организираниот криминал во историјата на земјата.
Ана Спасојевиќ во изјава за српскиот таблоид „Република“ изјави дека семејството било угледно и дека не била свесна што се чува на имотот. Таа наведе дека знаеле нејзиниот сопруг и синот, но дека, според она што ѝ било кажано, станувало збор за нешто што привремено било оставено таму, само неколку дена.
„Не ми е важно кој го сторил тоа, сè ќе се открие во истрагата. Ова ни се случува првпат во животот, ништо слично никогаш не сме имале“, изјави Спасојевиќ, додавајќи дека целата ситуација тешко ѝ паѓа и дека поради стресот не може да спие и зема терапија за смирување.
И соседите изразуваат неверување. Комшиката Радмила Тодосијевиќ изјави дека веста за пронаоѓањето на дрогата ја затекнала и ја вознемирила, нагласувајќи дека семејството го познавала како работливо и чесно. Таа посочи дека Спасојевиќи со години живеат таму и се занимаваат со земјоделство, одгледување овошје и зеленчук, додавајќи дека немала никакви сознанија за нелегални активности.
Во меѓувреме, српскиот министер за одбрана Братислав Гашиќ им честиташе на припадниците на Министерството за внатрешни работи и на безбедносните служби за, како што рече, исклучително успешно спроведената акција кај Крушевац. Според него, станува збор за еден од најголемите и најзначајни успеси на српската полиција во борбата против организираниот криминал.
„Оваа историска акција јасно покажува дека во Србија нема заштитени и дека секој што ќе помисли дека може да се сокрие зад партиска книшка за да врши кривични дела – нема да успее. Секој што се занимава со криминал ќе биде најстрого казнет и процесуиран согласно законот“, порача Гашиќ, нагласувајќи дека борбата против криминалот и корупцијата е апсолутен приоритет на државата и дека се води без компромиси и без исклучоци.
‼️Супруга Радета, од кога је заплењено јуче пет тона марихуане каже:
👉 “Ми смо угледна породица и све ово је колатерална штета”.
А затим каже да су супруг и син ЗНАЛИ да је то дрога.
Па онда каже…
ПАЗИТЕ САД 👇
САМО су требали да причувају на пар дана, док “неко” не… pic.twitter.com/xxJGRxQHcY
— Инжењер 🇷🇸 (@Ortodox_Serb) January 30, 2026

